|
Никулците на здружението на пензионери Штип се во 1946 година и токму поради тоа се смета за една од најстарите организирани форми на оваа категорија на луѓе во Македонија. Седиштето на Здружението е во Штип, а територијално ја покрива и општина Карбинци. Во своето досегашно активно живеење и чекорење здружението има постојан подем во нагорна линија. Моментално во него членуваат 8500 пензионери, кои на еден или друг начин, здружението го сметаат за свој втор дом. Во ова големо семејство има место за сите луѓе од трета доба без разлика на претходната стручна образовна спрема, како и националната, етничката и верска припадност. Од денот на своето формирање па до денес, здружението има активна улога во сите случувања во градот Штип и преставува важен сегмент во сите пори на развојот на општината. Во ЗП Штип своите активности ги спроведува во 13 ограноци. Во повеќе урбани средини со сопствени средства здружението изгради и отвори 8 клуба на пензионери, а оваа активност ќе продолжи и во наредните години, со што се очекува во сите ограноци да се отвори сопствено катче за дружење на пензионерите.
Покрај ова здружението располага и со 12 гарсониери каде се сместени пензионери од ранливите категории. Имајќи ги во предвид потребите за сместување на луѓето од третата доба во домови за заедничко дружење и живеење, како резултат на добрата соработка со локалната самоуправа од Штип здружението со сопствени средства во 2014 година започна изградба на дом за стари лица во Штип. Домот е во фаза на градба, но заради финансиски проблеми, кои очекуваме да бидат надминати, истата оди позабавено. Во домот според проектот се очекува да се сместат околу 100 пензионери по принцип на хотелска услуга и медицинска нега.
Од своето формирање па до денес во сите 70 години, здружението изнаоѓа повеќе форми за организирање на пензионерите за нивно афирмирање и поголема вклученост во активностите на здружението. Во областа на социјалата здружението дава еднократна парична помош на пензионерите кои имаат потреба за лекување. Потоа се партиципира за лица кои имаат потреба од бањско климатско лекување со признавање на 20% од трошоците. Во областа на културно забавниот живот работи пејачка група на староградски изворни песни, а од 2017 година е формирана и нова женска пејачка група која негува стара изворна македонска песна. Пејачката група до сега учествуваше на гостување во ТВ Сител, а ќе учествува и на регионалните и друг вид на музички смотри, како во државата така и надвор од неа. За своето членство здружението организира екскурзии, прослави, театарски престави и друго со што партиципира и со сопствени средства. Во областа на спортот здружението на пензионери, е познато како едно од подобрите во Македонија. Речиси по сите регионални и републички средби се наоѓа на врвот.
Во склоп на здружението се формирани повеќе секции и активи, а се со цел за поголема опфатеност на сите категории на пензионери. Од тие секции ќе ги споменеме активот на жени, секција за планинарење, здравство и други. За сите активности, за сите постигнати резултати, како и за неуспесите здружението преку своите први луѓе по пат на телевизиски емисии, брифинзи, интервјуа и соопштенија навремено ја известува целокупната јавност. Заради ова се носи со една идеја еднаш месечно во некои електронски медиуми да воведе регионална ТВ емисија.
|
|