За нас Организација Програма Документи Контакт СЗПМ  
 
 
  За нас  
Страници на здруженија

Здружението на пензионери Тетово е конституирано и функционира според одредбите од Законот за здруженија и фондации на Република Македонија, Статутот на СЗПМ и сопствениот Статут. Дејствува како невладина, непартиска и непрофитна организација. Опфаќа подрачје на шест општини од Долни Полог-Тетово, Боговиње, Брвеница, Желино, Јегуновце и Теарце, со вкупен број на околу 11.500 членови-пензионери. Членството е со етнички мешан состав: Македонци и Албанци како најбројни, а потоа и Турци, Роми, Срби и други националности.

Највисок орган на Здружението е Собранието кое го сочинуваат 47 членови непосредно избрани во органите на Здружението. Собранието од своите редови избира Извршен одбор што го сочинуваат 17 членови. Има и 4 постојани комисии по различни области, а повремено формира и работни тела. Здружението има и Надзорен одбор од 5 члена. При изборот на членовите, се води сметка за територијалната застапеност како и соодветна национална и полова структура. Изборот на членовите на органите непосредно се врши во 21 огранок, колку што постојат на подрачјето на кое делува Здружението. Зависно од големината, во петте рурални општини делуваат по 1-3 ограноци. Останатите се во општината Тетово. Сите материјали по кои се расправа на седниците на органите се на македонски и албански јазик, идентични по содржина. Членовите и делегатите во органите и телата на Здружението немаат ограничување за употреба на својот мајчин јазик.

Претседател на Собранието е Стојан Соколовски, додека на Извршниот одбор Шабан Азизи.

Здружението располага со сопствен ДОМ НА ПЕНЗИОНЕРИ, изграден во 1971 година. Приземјето на Домот е во деловни простории-канцеларии и сали, во кој функционира и Клуб на пензионери. На кат има 11 простории за сместување пензионери и една сала за состаноци. Органите на Здружението преземаат мерки за адаптација на просториите, нивно преуредување и осовременување, во кои се планира да се сместат нови пензионери со пониски примања и нерегулиран станбен статус во семејствата.

Во различно време и различни услови пензионерите од Тетовскиот крај имале различни форми на организирање. Во почетокот, пред 65 години, грижата за пензионерите ја имала посебна комисија во рамки на Синдикатите. Иако со прописи во државата останало ваква комисија да функционира и натаму, сепак во 1967 година тогашните пензионери се определиле за самостојно функционирање како група граѓани. Оттогаш е произлезена, а подоцна и реализирана иницијативата за изградба на Домот на пензионери.

фицијално, првиот Статут на Здружението е донесен на 12 јуни 1992 година, по осамостојувањето на Република Македонија. Во 1998 година се донесува и Закон за здруженија на граѓани и фондации, а на 11.12.1998 година Здружението носи нов Статут усогласен со Законот.

Во сите години на постоење и активност, Здружението на пензионери претставува активен чинител во заштита на правата и интересите на пензионерите на подрачјето на кое делува. Организира екскурзии во земјата и странство, прошетки до културно-историски региони, одржува забави и друг вид средби, се грижи за подобрување на состојбите на пензионерите. Активно учествува во спортските натпревари организирани во рамки на СЗПМ, културно-забавни ревии и манифестации, разни етно-собирања и друго, се со цел да им се збогати содржината на активностите и пензионерите да бидат чинители на севкупниот живот како припадници на ,,третото доба,,.

На јавните настапи тетовските пензионери ја потврдуваат определбата за негување изворна народна музика и фолклор и развивање на културните вредности на Македонците и Албанците од Тетовскиот крај. Во 2013 година учествуваше на Тринаесетиот фестивал ,,Трето доба“ што се одржа во Љубљана-Словенија. Постојано учествуваме на регионалните и републичките спортски натпревари на пензионерите. Од 18-те што до сега се одржани ЗП Тетово на регионалните натпревари секогаш го освојуваше првото место, додека на републичките натпревари како апсолутни победници беа девет пати. Ова здружение го освои и преодниот пехар во трајна сопственост за најуспешно на три напоредни спортски натпревари.

Секоја година Здружението доделува еднократни парични помоши, кои годишно се движат на околу 600.000 денари, а корисници се над 200 пензионери. Годишно се организираат повеќе екскурзии во земјата и странство.

Негуваме соработка со локалните самоуправи на шесте општини, со кои се потпишани самоуправни спогодби. Соработка остваруваме со повеќе невладини организации и здруженија на пензионери од нашата земја.

 
  изработено од Medium 3