Здружението на пензионерите - Неготино формирано е во далечната 1954 година. Тоа било првата пензионерска организација во регионот, а основачи биле: Пано Малиминов - претседател, Атанас Иванов - секретар и Васил Тефов - благајник. Иако бројот на пензионерите тогаш не бил голем, ги имало педесетина, сепак формирањето на организацијата имало и има големо значење, бидејќи преку неа се штитат интересите и правата на оваа категорија граѓани. Сега во ЗП Неготино и Демир Капија, членуваат над 3 000 старосни, семејни и инвалидски пензионери, како и инвалиди на трудот. Здружението поседува пензионерски дом. Во трите пензионерски клуба Неготино, Криволак и Дисан, пензионерите се среќаваат, комуницираат, се забавуваат и рекреираат.
Во ЗП Неготино функционираат 12 ограноци и тоа 5 во Неготино и 7 во руралните средини, во селата.
Посебно треба да се истакне постоењето на Клубот на пензионерки “Неготинијана” во Неготино, со кој во целина е остварена целта за отворање на клубот пензионерките и во него се дружат, се релаксираат, едуцираат, спортуваат, се забавуваат и учествуваат во разни општествени и хуманитарни активности. Во организација на клубот се реализирани и бројни излети и посети на културно-историски споменици во сите краеви на нашата земја.
За развојот и унапредувањето на културно-забавниот живот во најголема мера придонесува и вокално-инструменталната група “Распеани пензионери” има испеано многу песни и има реализирано голем број настапи во општината и Републиката.
Здружението има добра соработка со локалната самоуправа.
|