Секогаш мислам позитивно за моето Куманово
29.11.2013ПЛОШТАД - Кумановци вон Куманово
Драги Аргировски, кумановец, доајен на македонското новинарство и публицистика, добитник на највисокото државно признание „11 Октомври“ за животно дело.
Истакнатиот новинар и публицист и актуелен претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија Драги Аргировски годинава е добитник на високата државна награда„11 Октомври“ за животно дело во областа на новинарството и публицистиката..
Тој е основоположник на Македонската телевизија и автор на првиот телевизиски прилог на македонски јазик во 1961 година, долгогодишен уредник на ТВ дневник, основач на Дописната редакциоја и на тв Програмите на националности кои живеат во Р. Македонија. Тој е новинар со над 50 години плодна и многу успешна новинарска кариера. Во пензија заминува како помошен генерален директот на МРТ за програмски прашања, а неговата новинарска кариера е истовремено и историја на македонската телевизија.
Како новинар и уредник Аргировски е и известувач од речиси сите најзначајни настани во нашата земја.
Автор е на 18 публицистички книги, од кои 5 за чувствителната пензионерска проблематика, со што како никој досега, даде значаен придонес во историското осознавање и афирмирање на сите проблеми од животот во третото доба што е од битно значење и од јавен интерес на државата.
По пензионирањето, веќе 10 години, Аргировски активно е вклучен во пензионерската организација, Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија кој брои околу 250 илјади пензионери, каде што со својата истакната дејност и дела успеа да го разбие информативниот мрак за оваа значајна категорија на граѓани, што е исто така од посебен јавен интерес. Со неговиот едногласен избор за претседател, организацијата на пензионерите на Македонија прерасна во почитуван партнер на власта и бизнис заедницата, а пензионерите станаа најактивна популација во државата. Годинава над 300.000 пензионери и стари лица учетвуваа во активностите како што се: Пензионерска Олимпијада, Пензионерските Ревии на песни, музика и игри, средбите на зелено, посетите на значајни историски и културни знаменитости и друго, што претставува посебен рекорд на европско ниво. Заради сето тоа, како и за објавените пет книги со пензионерска проблематика, од Европскиот институт „Хеврека“ во Љубљана, Аргировски е прогласен за експерт на трето животно доба, единствен од нашата држава, а Редакцијата и читателите на весникот„Нова Македонија“ за неговиот придонес во афирмација на Р. Македонија го прогласија за „Личност на годината 2012“.За одделни дејности од јавен интерес Драги Аргировски е добитник на: Ноемвриска награда од областа на публицистика на Куманово , на неколку годишни награди на МТВ и МРТ, на престижната награда на Здружението на новинарите на Македонија „Крсте Мисирков“ , на Орден на Републиката со бронзени зраци , на „Златно перо на хуманоста“ од Црвениот крст на Македонија , на признанието „Мајка Тереза“ и на голем број благодарници и други признанија.
Тоа беше повод со познатиот новинар и публицист Драги Аргировски „ПЛОШТАД“ да направи мега интервју.
Господине Аргировски познато е дека Вашата новинарска кариера започна во родниот град Куманово. Да се потсетиме како тоа се случи?
-Роден сум во Куманово на 17 март 1939 година во угледно занаетчиско семејство на газда Наце и Цона, кои по четири керќи Душка, Динка, Вера и Борка, со голема радост го добија
единствено машко дете. Мојата настара сестра родена во Куманово тогаш имала 14 години. Значи бев многу чувано дете.Основно училиште завршив во „Крсте Мисирков“, а средно во гимназијата „ Гоце Делчев“. Уште во гимназиските денови станав хонорарен дописник на младинската програма на Радио Скопје, а потоа и на Трудбеник и на спортската рубрика на Нова Македонија. Во професионалните води на новинарството влегов на 01. септември 1960 година како еден од основоположниците на Македонската телевизија, заедно со уште двајца новинари и сниматели. По добивањето на решението за соработник на Телевизијата и оджаниот проширениот состанок на Редакцијата имав среќа и задоволство истиот ден да ја подготвам првата тв вест која од Скопје се емитуваше во дневникот на ТВ Белград, преку тогашната мрежа на Југословенската радиотелевизија. Тоа треба да се смета и за роден ден на МТВ, бидејќи тогаш де факто се роди македонската телевизија, а понатаму се друго е растеж.
Во март 1961 година го подготвив и првиот телевизиски прилог на македонски јазик во кој се осврнав на подготовките на македонскта младина за изградба на автопатот Куманово-Миладиновци. Оваа делница започна да се гради точно на денот на акцијаштвото 1 април 1961 година. Патот го горадеа млади луѓе од цела тогашна Југославија. Главниот штаб на Младинските бригади беше лоциран во Куманово,поточно кај Кумановска Бања , а јас како бригадир учествував како соработник на одделението за информирање. Претходно во 1958 година бев бригадир и на изградбата на автопатот Удово-Гевгелија. И во двете акции бев прогласен за ударник.Бев и истакнат претседател на студенската младина на Кумановска околија.Завршив Новинарска школа во Белград и дипломирав на Филозофскиот факултет во Скопје.
Како понатаму се развивавте во професионалните ангажмани во Македонската телевизија?
-Телевизијата како нов медиум почна да ги освојува граѓаните и во нашата Република. Настојувавме да ги покриваме сите значајни настани. Паралелно се зголемуваше и бројот на вработените. Во 1961 година на 13 мај беше подготвена и првата емисија „Балетски концерт“ со Елпида Паковска и Јован Пашти.Подготовките се вршеа во импровизирано студио во Скопје, а емисијата директно се емитуваше од заедничкото студио на ЈРТ во ТВ Белград кое го формираа сите Тв куќи од републиките во тогашна Југославија. Бев автор на многу текстови за значајни настани кои се случуваа во општественото живеење во државата.
Бев известувач од седниците на Собранието на Македонија, автор сум на тв прилогот за првата Галичка свадба, за првиот Охридскиот матарон, за успесите на кумановското стопанство и други. Посебно професионално бев ангажиран како тв известувачи за подготовка на тв пртилози за отстранување на последиците од скопскиот земјотрес кои се емитуваа во многу земји во светот. За оваа задача беше одбрана екипа на професионалци и ентузијасти од радио и телевизијата, која од 26 јули до 1 декември 1963 година работеше и живееше под шатори кај радио предавателот во Маџари.
Телевизија Скопје за активностите за скопски земјотрес беше одликувана со високо признание, а добивме како поклон и две репортажни коли од Италија и Велика Британија. На 5 јуни бев во екипата што го вршеше првиот директен пренос на предавателот од Црн Врв , а потоа на 14 декември 1964 година од импровизирано студио во Долно Нерези кога започна да се емитува тв весникот. Растежот на новиот медиум во нашата држава беше се повеќе евидентен. Меѓутоа, поради нерешеното станбено прашање во Скопје и носталгијата кон родниот крај при крајот на 1965 година решив да се вратам во Куманово како прв професионален дописник на МРТ, на која должност останав до 1972 година. Тоа беше голема радост за моите родители и за целото семејство, бидејќи претстоеше и женидба. На 11 ноември 1966 година, денот на ослободувањето на градот, се регистрирав со Билјана, од Карапска маала. Свечено не регистираше тогашниот претседател на општината Јездимир Богдански, а главни сведоци беа фамилијарниот кум Антонио и старејко Живко-“Фото Око“, кој ми беше и тв снимател. Свадба направивме во Соколана. Во Куманово ми се родија керќата и синот.
Во овој период како плодотворен известувач за радио и тв програмите со неизмерна љубов го афирмирав Куманово, како град првоборец кој се развиваше со динамично темпо. Во тој период Куманово започна модерно да се урбанизира, се изгради новиот плоштад, кумановското стопанство речиси цела деценија не знаеше за загуба, професионалниот театар на чело со Драги Димовски и Ацо Ѓорчев остваруваше се повеќе успеси, а тогаш беше и златното време на кумановскиот спорт, фудбалскиот клуб стана второлигаш, а боксерот Аце Русевски и европски првак.
Во 1971 година ја подготвив и првата публицистичка книга „Од визии, до стварноста и нови чекори“ посветена на мојот роден град. За овој мој прв публицистички труд покрај признание од весникот „Трудбеник“ ја добив и Ноемвриската награда за публицистика на општина Куманово.
Во 1972 година станавте уредник на дописната редакција на МТВ и на ТВ дневникот. Какви постигнувате имате на овие функции?
-Да, после извонредните постигнувања како дописник од Куманово, директорот на МТВ Димитар Солев и главниот уредник Живко Коевски ми понудија да ја преземам значајната функција за формирање на дописната редакција на Македонската телевизија како значаен сегмент во развојот на овој медиум. Прифаќањето на овој предизвик значеше преселување на семејството во Скопје и со посебно ангажирање создадов редакција од над пеесетина дописници и репортери кои придонесоа со своите прилози телевизискиот дневник да добие подобра содржина и да го опфаќа целокупниот живот во државата. Во тоа време го презедовме и емитувањето на ТВ дневникот во ударниот термин во 19,30 часот, со што тој стана најгледаната ТВ емисија во Републиката. Станав и автор на неколку значајни ТВ емисии, како што се: Програма на градовите, Новинарски клуб и други. Како автентичен автор пишував многу репортажи, белешки, коментари и информации, при што создадов големо творечко богатство. Во 1977 година за репортажата за животот на македонците во Војводина ја добив и престижната награда „Крсте Мисирков“ од Здружението на новинарите на Македонија. Во 1982 бев избран и за претседател на Републичката конференција на резервните старешини на Македонија со која постигнав забележителни резултати.
Што претставува за Вас лично наградата „11 Октомври“?
-Многу сум благодарен што ми е доделено ова високо државно признание. Наградата е за мене но и за 250.000 пензионери од Сојузот на кој сум прв човек.
Посебно сум среќен бидејќи признанието ми е доделено во третото животно доба и тоа ме преави особено горд и среќен. Ова признание секако е и за новинарите кои во голем број ми упатија искрени честитки. Многу ми е мило што ова високо државна награда пензионерите и новинарите ја прифатија и како нивно признание, што ми преставува голема чест и задоволство. Оваа значајна награда ми е поттик за нови значајни дела и ангажирања.
Какво е Вашето мислење за Здружението на пензионерите Куманово?
-Кумановското пензионерско здружение е едно од најстарите и најактивните. Секогаш сум имал позитивно мислење. Тоа има значителни постигнувања во својата долгогодишна историја. Беа победници на Републички спортски игри, а нивното културно-уметничко друштво „Ѓоко Симоновски“ остварува се поголеми успеси. Меѓу другото ансамблите на ова друштво достоинствено го претставуваа СЗПМ на десеттиот јубилеен Фестивал на трета доба во Љубљана, Република Словенија, како и на други разни приредби и концерти.
Посебно воодушевува ангажирањето на драмската работилница која досега оствари четири значајни премиери што беа одлично прифатени од пензионерите и од другите граѓани на нашата земја. Со последната претстава „Р“ од познатиот македонски автор Јордан Плевнеш, аматерите од Куманово имаа голем успех на меѓународниот фестивал на аматерските театри во Кочани. Артистот Новко Петрушевски ја доби првата награда за главната улога во оваа престава. Тоа беше повод во името на СЗПМ деновиве да им врачам посебни признанија за успесите на драмската работилница што ја прими претседателот на ЗП Спирко Николовски, на артистот Новко Петрушевски и на режисерот Стоје Додевски. Меѓутоа, сметам дека во соработка со локалнате власти од општините каде што делува ова здружение треба да отвори нови клубови за дневен престој на пензионерите за што се чувствува голема потреба.
На крајот, почитуван Аргировски, како доајен на македонското новинарство и истакнат творец, какво е Вашето мислење за сегашната состојба во новинарството во Македонија?
-Припаѓам на генерација која новинарската професија ја прифати како многу значајна и одговорна, при што секогаш се даваше предност на аргументите, поточно на благовремено и точно информирање. Карактеристично беше тоа што во моите критички текстови секогаш наоѓав излезни решенија за што е потребен аналитички приод и методологија што сега ретко се сретнува. Новинарската етика е, кога се пишува да бидат и двете страни од медалата еднакво застапени. Сега како да се изменети сите овие правила на однесување и како да се дава повеќе сензационалистичко значење на настаните и на објективната стварност. Сметам дека едностраните информации во нашите медиуми треба да го отстапат просторот на проверените аналитички написи, кои многу повеќе ќе го привлечат вниманието на публиката со актуелноста и вистинитоста. Разгледувајќи ги неколкуте први броеви на локалното кумановско гласило ПЛОШТАД сметам дека сте на добар пат да станете објективен читан медиум. Ви благодарам и ви пожелувам многу упех и сите изданија.
Разговорот го водеше Марјан Петрушевски за време на една посета на Драги Аргировски на својот роден град!