Инфо  

Галерии

ЗП КРУШЕВО

Свечено одбележан големиот македонски празник ,,Илинден“

5.8.2019

Во рамките на овогодишното чествување на  големиот Македонски празник ,,Илинден“ свое учество имаше и Здружението на пензионерите од Крушево, претставувано од  мешовитата пејачко-играорна група.
За прв пат од своето постоење Здружението беше вклучено во прославата на Илинден и тоа и на ,,Мечкин Камен“ и на Градскиот плоштад и во рамките на Влашката вечер.
На главниот настан на ,,Мечкин Камен“ пред повеќеилјадните посетители прославата започна најпрво со интонирање на државната химна, а потоа
со свое обраќање и говор настапи премиерот на Републиката Зоран Заев, истакнувајќи го значењето на овој голем македонски празник и повикувајќи на обединување на сите чинители во државата. Во културниот ден од прославата доби и Здружението на пензионерите од Крушево претставувано од пејачка група и од играорната женска група.
Најпрво во културниот дел настапи КУД ,,Танец“ од Скопје со две изведби на познатите македонски ора ,,Тешкото“, изведено од машката играорна група и ,,Невестинското“ изведено од женската играорна група, потоа со мешовит состав се претстави КУД  ,,Емин Дураки“ од Скопје претставувајќи го албанскиот фолклор преку песни и игри, а како трети настапија мешовитата пејачката и играорната група од ЗП Крушево. Најпрво мешовитата пејачка група ја изведе влашката песна ,,Крушева ностра алавдата“, а женската играорна група го изигра орото ,,Кавала“, за што од повеќе илјадната публика беа наградени со топол и долготраен аплауз. Ова беше голема чест и признание за пензионерите од Крушево.       
Исто така, во рамките на манифестацијата ,,Десет дена Крушевска Република“, ЗП Крушево имаше целовечерен настап на 2-ри август на градскиот плоштад во Крушево. Во подоцните часови настапот на групите го најави потпаролот на Општина Крушево, Сотир Габелоски при што истакна дека здружението на пензионерите од Крушево е едно од најактивните здруженија во рамките на општината и тоа на најдобар можен начин истата ја претставува и на ниво на општина и на ниво на Регионот, како и на ниво на Република, преку редовните настапи на пензионерските ревии на песни, музика и игри и на пензионерските спортски натпревари на сите нивоа.
Со настапот на играорната група настана општонародна веселба, на која не и оддолеа повеќето од присутните на градскиот плоштад и се фатија на оро.
Сликата од завршницата на вечерната претстава беше прекрасна и може да се каже дека вакви манифестации се многу посакувани како од граѓаните на нашата држава  така и од останатите гости, како од Европа така и од прекуокеанските држави.
На 4-ти август 2019 година на преполнетиот плоштад во Крушево и во прекрасен амбиент, и пак во рамките на  Научно културните средби ,,Десет дена Крушевска Република“ беше организирана ,,Влашката вечер“, во која со свои програми настапија фолклорни групи од Белград (Република Србија), од Скопје и Кочани, а настапи и ЗП Крушево претставувано од пејачката и играорната група. Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Општината Крушево Томче Христоски кој ги поздрави гостите и им посака топол претстој во Крушево – градот на Илинден и Крушевската Република.
Честа да го отворат културниот дел и од овој целовечерен настан му припадна на ЗП Крушево. Пејачка група изведе три влашки песни, кои по нивната изведба со воодушевување и долготраен аплауз беа поздравени од повеќестотната публика на плоштадот. Во понатамошната програма настапија и повеќе пејачки и играорни групи од Белград, Скопје, Кочани. Посебен белег оставија членовите на нашата пејачка и играорна група со староградската носија.  

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3