Инфо  

Галерии

ЗП ВАЛАНДОВО

Пензионерките се натпреваруваа во правење зелник под вршник

31.8.2019

Во рамките на Програмата за одбележување на 35 годишнината од формирањето на ЗП Валандово, а по предлог на Комисијата за Културно – забавен живот, Извршниот одбор на ЗП Валандово одлучи  да ја реализира манифестацијата „Месење и сукање на традиционални старински баници и печење под вршник“ заедно со локалната самоуправа. За таа цел се стапи во контакт со организациониот одбор на с.Раброво, кое  за свој патронен празник, од пред неколку години го има земено празникот "Св. Пророк Илија" бидејќи и новоизградената црква го носи името на овој светец. 
На покана на ЗП Валандово на манифестацијата зедоа учество пензионерки од соседните здруженија на пензионери од Гевгелија и Богданци.  Посебно задоволство предизвика присуството на претседателката на СЗПМ Станка Трајкова која со своето присуство и даде посебно значење на манифестацијата, а која претходно оствари и работна средба со ново избраното раководство, како и со  членовите на комисијата за КЗЖ, и членовите на ИО на ЗП Валандово. На работната средба претседателката на ЗП Валандово Горица  Михајлова, меѓу другото, ја запозна претседателката на СЗПМ Трајкова со започнатите активности околу манифестацијата „Месење и сукање на традиционални старински баници и печење под вршник“.  Во договор со градоначалникот на Валандово  Перо Костадинов, на манифестацијата настапија естрадните уметници Јадранка и Ристе Тушевски, а  подрачната единица на Македонски шуми „Тихомир Шунтов“донираше еден метар кубен дрва за вршниците и сите други пропратни активности. Манифестација започна  околу 12 часот со заедничко фотографирање, поделба на маици, капи и продукти.  
За  еден час, сите вршници беа угорени и баниците ставени да се печат. Целата околина околу стариот јавор замириса на убави печени баници, кои беа филувани со различен фил, праз, ориз, тиква, ореви и слично, бидејќи според црковните канони празникот беше „посен“.
Бидејќи требаше да се прогласат најдобрите баници, жирито имаше навистина тешка задача. Мораа да пробаат од сите баници и да одлучат која е најдобра. По  извршената дегустација и договор, за најдобри беа прогласени  Мара Антова   од Гевгелија, Каранфила Демерџиева  од Богданци и Славка Николовска од Јосифово. Суканите баници и оние кои беа донесени од дома беа поделени меѓу присутните, по што настапи и делот од заедничкото дружење со звуците од хармониката на маестро Ристе Тушевски и прекрасниот глас на Јадранка Тушевска. Дружењето заврши  во раните вечерни часови. Дури ни  жешкото сонце, ни температурата од 40 степени не ги спречи вештите домаќинки да ги презентираат своите умешности  во зачувување на традициите. Се надеваме дека наредната година оваа манифестација ќе биде помасовна и побогата.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3