ЗП ВЕВЧАНИ
Изложба „Митско - библиски асоцијации“
31.8.2019
Во просториите на Куќата на Робевци во Охрид, на 7 јуни 2019 година, беше отворена изложба на уметнички фотографии од Анастас Ќушкоски член на ЗП Вевчани на тема „Митско - библиски асоцијации“ за кои зборуваше писателот Славе Ѓорго Димоски, и при тоа истакна дека човекот отсекогаш бил опседнат со тајните на природата, па така и авторот на овој сликопис.
- Ќушкоски преку имагинативната моќ на својот фотообјектив, го препознава и открива митското, божественото, религиското, па дури и човековата реинкарација. Секоја една необична форма во дрво или камен, може да побуди асоцијација на страдањата од Богочовекот и да се јават реминисцентни слики како божји претсказанија, сновиденија и опомени за човекот. Тој широк спектар на фантасмагорични претстави може да се отслика и во човековата потсвест, па така, од реалниот свет се добива нова естетско - визуелна димензија што во случајов е претставена преку овој циклус на фотографии наречен „Митско - библиски асоцијации“ - истакна Славе Ѓорго Димоски.
За автобиографскиот дел од животот на Ќушкоски зборуваше истакнатиот македонски писател Мирко Томоски, кој во своето излагање истакна дека Анастас Ќушкоски е роден 1942 година во Вевчани, има завршено Економски факултет во Прилеп, а на културната јавност и е познат како драмски автор, сценарист, режисер, поет, истражувач, но и како пасиониран фотограф. Со фотографија се занимава од 1957 година, а перманентно од 1980 година. Досега приредил преку 25 самостојни тематски изложби во земјава и во странство. За сиот тој труд има добиено повеќе признанија и награди, потврди Томоски.
Во преполниот изложбен дел во куќата на Робевци, на присутните кратко се обрати и авторот, кој се заблагодари за масовната посета на љубителите на уметничката фотографија, истaкнувajќи дeкa и сега како пензионер и понатаму другарува со фотоапаратот.