Инфо  

Галерии

Пензионерот Веле Коцески од Тетово

Сестран литературен творец

10.9.2019

Веле Коцески од Тетово веќе шест години како ги минува пензионерските денови, но во ниеден момент не се откажал од литературното творештво. Напротив, сега како пензионер вели дека има „време на претек“ постојано да ја потврдува склоноста кон пишувањето. Сигурно е меѓу ретките што во своето творештво негува повеќе жанрови: романи, раскази, хумор и сатира, поезија за деца, новели, бајки... Вели дека има време и да другарува со своите врсници – пензионерите, а свој удел дава во огранокот „Маршал Тито – Мала Станица“, една од најголемите основни организации на пензионерите во Тетово.
-Доволно ми е што во една просторија ќе се најдам со повеќе пензионери од својот реон, дека со нив ќе поразговарам за проблеми и прашања на луѓето од третото доба, но и ќе се потсетам на животот во помладите години во населбата и Тетово, – вели Веле.
Средбата со Веле не може да помине без содржини од неговото книжевно творештво, но и од впечатоците за своето родно шарпланинско село Пожаране, за кое со задоволство зборува за минатото и придонесот на ова село во сферата на науката, културата, уметноста... или како што самиот вели: Пожаране е македонскиот Ерусалим.
Во моментов, Веле Коцески, неуморно работи на подготовка на монографија за Пожаране, со која сака да ја докаже уникатноста на ова село.
-Монографијата не е уште готова. Сеуште прибирам податоци, искажувања, трагам по белези и сето тоа ќе го сместам во корици за моето родно Пожаране. За сите што потекнуваат од ова село, кое веќе на големо е расселено, гордост е да споменам дека овде претстојувал Климент Охридски, по кого една месност е наречена „Климентија“.Овој основоположник на Охридската книжевна школа и прв епископ во Македонија, во еден извор најдов дека во еден период, Пожаране било седиште на епархија, - вели Коцески. Според него, во околината на ова шарпланинско село имало четириесетина цркви и манастири, по што една месност е наречена „Крк клисје“, на турски јазик што во предов значи Четириесет цркви. Кога станува збор за Пожаране, Веле Коцески со пиетет кажува дека од ова село потекнувале Петар Живковиќ, некогашен премиер на кралството Југославија, научникот Синиша Станковиќ, Александар Џоловиќ, дипломат, кој зборувал 12 светски јазици и бил личен пријател на Кемал Ататурк и уште многу имиња од историјата на нашата земја и пошироко.
Освен монографијата за Пожаране, во која ќе открие многу високовредни податоци и имиња за Пожаране, пензионерот Веле Коцески во печат веќе ја има книгата „Современа поезија“, а речиси готови му се три романи, збирка поезија за деца, афоризми, хуморески, а за веќе објавената бајка „Петре простиот“, подготвен му е втор дел. Како и многу други автори, почнал со поезија за деца, објавувајќи три книги: „Малиот уметник“, „Срце во дланка само за Бранка“, „Шепоти од детството“, потоа новелата „Срна“, романот за деца „Оскар“, бајката „Цар Пердуш“, „Рустикални раскази“ и дела од областа на хуморот и сатирата. На сите овие сам е и издавач и финансиер. На разделба не пропушти да каже дека како пензионер посебна преокупација му е овоштарството. Се бави со калемење и зачувување на сорти јаболки кои се во исчезнување, како „Тетовка“ и потсортата „Ѓулавка“, потоа „Ајвалка“, чиј вкус потсетува на дуња и други. Убав пример за исполнети пензионерски денови!

Гојко Ефтоски

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3