Инфо  

Галерии

Заедничка прес-конференција на министерката на МТСП Мила Царовска, директорот на Фондот на ПИО Шаип Зенељи и претседателката на СЗПМ Станка Трајкова

Растат пензиите за 322.622 пензионери

18.11.2019

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување Шаип Зенељи и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова на заедничка прес-конференција во Владата го најавија новото зголемување на пензиите проектирано со Буџетот за 2020 година, кое ќе стартува со исплатата на јануарската пензија.
На прес-конференцијата министерката Царовска рече дека оваа Влада се грижи за сите лица подеднакво, од најмладите до највозрасните и подеднакво вложува во сите нив и додаде:
-Изминатиот период пензиите растеа и продолжуваат да растат и во наредниот период. На почетокот на 2020 година просечната пензија со последното покачување ќе изнесува околу 15.500 денари, или од доаѓањето на власт до почетокот на идната година вкупно сме ја покачиле просечната пензија за 1.746 денари. Просечната пензија со последното покачување годинава во септември изнесуваше 14.598 денари, а во 2016 година 13.754 денари. Според ова законско решение на 322.622 пензионери ќе им следуваат по околу 700 денари повеќе од почетокот на следната година. По усогласувањето на проектираните трошоци за живот се очекува дополнително зголемување на просечната пензија за околу 200 денари, односно за раст на просечната пензија за околу 900 денари само во 2020 година.
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување Зенељи рече дека со пензиската реформа којашто стартуваше на почетокот на оваа година се стабилизираше Фондот, а пензионерите добиваат и ќе продолжат да добиваат редовна исплата на пензиите.
-Приходите во Фондот растат за 10% споредено во периодот јануари-октомври 2018 и јануари-октомври 2019 година. Овој пораст не е само од зголемувањето на придонесот од 0.4, туку поради растот на платите и новите вработувања. Исто така, дефицитот за една година е намален за 3.776.000.000 денари. Во 2018 година бил 19.420.000.000, а во 2019 година изнесува 15.644.000.000, - рече Зенељи.
Претседателката на СЗПМ Станка Трајкова којашто изрази благодарност до Владата што излезе во пресрет на барањата на пензионерите истакна дека од линеарното зголемување најголема придобивка имаат лицата со најниските пензии.
-Ако гледаме процентуално најголемо зголемување од 5,8% до 7,8% имаме кај најниските пензии  до 12.000 денари, а најмало 1,5% до 5,8% над 12.000 до највисоките пензии. Пензија до 12.000 денари во моментот во државава примаат  141 766 лица или 43,94% од вкупниот број пензионери, - рече Трајкова.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3