Инфо  

Галерии

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче на работна средба со пензионерите

1.12.2019

На 29 ноември 2019 година се реализираше средба во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија на која присуствуваа раководствата на 14-те скопски здруженија, како и членови на Kомисијата за здравство и социјална политика на Сојузот. Ова е првпат да се одржи ваква работна  средба со околу педесетина членови на која присуствува премиерот на државата и министерот за здравство, на која пензионерите ќе можат да слушнат директни одговори од највисоко ниво на прашања кои се од особен интерес за пензионерите, најмасовната популација во државата. За волја на вистината во изминатите години имало средби со премиер и министри, но не биле во ваков состав, туку само со раководството на Сојузот.
На почетокот на средбата претседателката на СЗПМ, Станка Трајкова ги поздрави високите гости, Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче и им се заблагодари што одвоија време да присуствуваат на средбата и да им дадат одговори и информации на пензионерите, истакнувајќи ги најважните прашања битни за квалитетен и достоинствен живот на највозрасните граѓани. Меѓу другото таа рече:
-Почитувани, најнапред голема благодарност за Вашето присуство кое е доказ за Вашата грижа за највозрасните граѓани, а особено за нивното здравје кое е многу битно во третата доба. Со Вашето присуство покажувате дека таа грижа е континуирана, а целта и е што поквалитетен и подостоинствен живот на корисниците на пензија и сите возрасни луѓе.
На средбава насловена како „Здравствено осигурување и здравствена заштита“ да проговориме за прашања од здравствена заштита на пензионерите бидејќи таа покрај стекнатите права од ПИО односно редовна исплата на пензиите и нивно усогласување, е постојано во фокусот на Сојузот. Пензионерите неколку години наназад бараа да се реши прашањето за снабдување на лекови преку целиот месец, на што ни се одговараше дека тоа е системско прашање и бара битни измени во законите за да се реши.
Почитувани, конечно оваа година за ова фамозно прашање за кое се мислеше дека е нерешливо се најде решение за што сме особено благодарни. Инаку кога е во прашање здравството Сојузот  е во постојано заседание. Еве некои прашања поврзани со оваа дејност кои се битни за нас:
1.Отворање и проширување на позитивната листа на лекови за што се мисли дека е недопирливо и нерешливо прашање, но ние имаме предлози кои ќе ви ги доставиме и сме убедени дека ако се сака нешто  ќе може и да се реши;
2. Изградба на геријатриски простор во дел од неискористените простори во општите болници; 
3. Ослободување од партиципација за сите возрасни луѓе над 65 години, право кое пензионерите го имаа некогаш, а за што имаме компаративна анализа како е тоа решено  во други земји;
4. Тимско функционирање на теренски лекар и на подвижните аптеки во руралните средини;
5. Изградба на државни старски домови и субвенционирање на цените во приватните старски домови  како би се сместиле и пензионери со пониски пензии, како и поддршка на социјалните сервиси за помош на пензионерите во нивните домови
6. Целосна терапија при болничко сместување со потребни лекови и за други болести што ги има пензионерот-пациент;
7. Подобрување на односот кон возрасното лице на сите нивои, а особено при лекувањето.
Има уште, но тука ќе застанам и ќе кажам дека ние пензионерите не се повторуваме само затоа што сме стари, туку  се повторуваме за нашите барања да допрат до оние субјекти кои на тој план се одговорни  и можат да помогнат за нивно решавање.

Претседателот на Владата Зоран Заев откако внимателно го ислуша излагањето на претседателката на Сојузот Станка Трајкова, се потруди да одговори на поставените прашања и рече:
-Најнапред за усогласувањето  на пензиите. Ако останевме на стариот модел од претходната Влада, ќе добиевте зголемување од само 400 денари, а ние за цела следна година ќе дадеме околу 10.000 денари повеќе или околу 850 денари месечно. Покачувањето на пензиите е најавено уште во април оваа година, кога стана јасно дека економските мерки даваат резултати и дека приходите растат што овозможи Буџетот за 2020 година да биде посветен на човечкиот капитал и на грижата за пензионерите. И тоа не е симболично покачување. Напротив. Од јануари во 2020 година просечната пензија со предвиденото покачување ќе изнесува околу 15.500 денари. Владата за 2020 година предвиде покачување од 700 денари и дополнително усогласување од околу 200 денари, што значи дека пензиите ќе пораснат за околу 900 денари, - рече на средбата со пензионерите премиерот Заев.
 Во Владата се прават анализи за подобрување и осовременување на системот за изградба на Старски домови со вклучување на економски мерки, односно субвенции за инвестициите кои ќе вклучат грижа и поволни услови за оние кои имаат  помали пензии. Затоа централно место во Буџетот за 2020 година е грижата за човечкиот капитал, за луѓето, а во тој дел, влегува и грижата за здравјето, и грижата за нашите граѓани во социјален ризик на кои им ја зголемивме социјалната помош за 300%.

На мерките во здравството посебно се задржа министерот д-р Венко Филипче, кој ја издвои мерката за укинување на квотите за лекови која веќе 2 месеци е на сила.
Министерот истакна дека со укинувањето на квотите за лекови на рецепт граѓаните имаат достапни лекови во кој било период од месецот, повеќе не стравуваат дека ќе останат без потребната терапија и дека драстично за само еден месец се смени сликата за проблемот којшто се провлекуваше со децении.
-Мерката со укинувањето на квотите за лекови на рецепт требаше да се направи многу одамна. Посетивме повеќе аптеки ширум државата и секаде тврдат дека веќе е релаксирано. Нема турканици, секој може да добие лек кога сака. Ова е само еден дел од мерката на реформа во примарното здравство. Драстично за само еден месец се смени сликата за еден многу сериозен проблем којшто се провлекува со децении, - потенцираше министерот Филипче. 
На средбата, министерот Филипче ги информираше пензионерите дека вакцинацијата против сезонски грип е почната и сите лица над 65 години можат бесплатно да се вакцинираат. Тој исто така ги потсети пензионерите дека во Предлог-Буџетот за 2020 година одвоени се средства за болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во РС Македонија. Во предлог-буџетот за 2020 година, предвидени се 89 милиони денари за болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во РС Македонија. Целта е обезбедување на грижа во чувањето, следењето и унапредувањето на здравјето на пензионерите, како и заради обезбедување на услови за лекување на пензионерите во болничките здравствени установи низ целата држава, - нагласиja на средбата во Сојузот на здруженија на пензионерите премиерот Заев и министерот за здравство д-р Венко Филипче.
Потоа беа поставени и некои други интересни прашања од присутните, на кои премиерот Заев и министерот Филипче одговорија дека се слушнати нивните потреби и дека Владата на РС Македонија активно ќе работи на мерки за нивно исполнување.
Средбата беше успешна на задоволство и на пензионерите  на премиерот Заев и министерот Филипче.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3