Инфо  

Галерии

ЗП Битола

„Песни на старост – за вечна младост” на Стојко Бафтировски

20.2.2020

,,Мојата жена Верка, стана пензионерка, дома ќе си седи, гоблени ќе вези. Го закочи сатот, да не ѕвони веќе, ниту брза, ниту вјаса на работа за да стаса”.
Вака пишува во една своја песна Стојко Бафтировски (80) од с.Мало Црско, кој од 1960 г. се пресели во Битола и 34 години работеше како млинар и пекар во ,,Жито - Битола”. Тој деновиве објави песнарка со 111 песни за кои сам ги напиша стиховите и создаде мелодиите. Книгата ја наслови ,,Песни на старост – за вечна младост” во која има текстови за Битола и планината Пелистер, за нашата убава земја, за стари и млади, љубовни, печалбарски и детски.
-Од 1955 година започнав да пишувам стихови кои сите можам да ги пеам. Дали бев на работа или дома, постојано ми ,,доаѓаа” текстови кои си ги пеев за својата душа, потоа пред пријателите и блиските. Конечно ми се исполни желбата сите тие да ги објавам во посебна збирка. Средствата за тоа сам ги обезбедив, но, многу сум радосен кога некој ќе посака, не само да му изрецитирам некои стихови, туку и целосно да му ги испеам – ни рече деновиве Бафтировски во разговорот што го водевме за неговата љубов кон овој вид творештво.
Бафтировски го знаат многу битолчани. Како пензионер слободното време го минува шетајќи по главната битолска улица ,,Широк Сокак” со своите другари пензионери и други лица, кои се интересираат за неговата љубов кон ваков вид поезија.
,,Битола е град под Пелистер, Битола е град на конзули, Битола бил град на пајтони, Битола е град на занаети. Кој во тебе стално живее, тој со тебе се гордее” - пишува Бафтировски. Го прашуваме за неговиот професионален ангажман во ,,Жито - Битола” но, најмногу за неговата голема љубов во создавање на песни. Некои ги исполнува во народен стил, некои во јужно – американски но, главно животот го минува секогаш во убаво расположение.
-Бев многу тажен кога пред 12 години ми почина сопругата, но љубовта кон останатите членови од семејството ме поттикна и натаму да пишувам песни. Издадената збирка ми даде волја и натаму да продолжам да творам. Тоа ми дава сила и енергија поздраво и полесно да ги минувам пензионерските денови. Ќе продолжам и натаму, зашто одамна ја најдов смислата во нив. Се радувам кога ќе забележам дека сите ме храбрат и поттикнуваат и натаму да продолжам со ваквиот живот. Се надевам дека наскоро ќе издадам и друга збирка зашто во душата имам уште многу што да кажа и сакам сето тоа  да го напишам и испеам како песни – заврши Бафтировски.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3