ЗП Велес
Свечено одбележана 1 000-годишнината од постоењето на Бигорскиот манастир
13.11.2020Поети - членови на Здружението на пензионери од Велес, на 19.9 2020 година, зедоа учество на уште еден духовно-културен настан - 1 000 години од постоењето на Манастирот „Свети Јован Бигорски“. Имено, во големата манастирска просторија за посебни пригоди, беа промовирани збирките поезија „Свештена Бигорска обител“ и „Нашите празници“ од група автори, а издадени од Вера Благојевиќ-Самарјанин како и збирката раскази „Муабетење со умот“ од Нада Алексоска.
Свеченоста ја отвори доајенот на забавната музика, кантавторот Драган Мијалковски со изведба на Песната за Патрикот „1762 лето“. Веднаш потоа присутните ги поздрави и благослови игуменот Епископ господин Партeниј:
-Ви благодарам на сите што ве гледам сега собрани во оваа наша многувековна Светиња и што сите вие посакавте со вашите од Бога дадени таленти да дадете придонес за прославување на илјадагодишнината на Бигорскиот манастир.
Најнапред беше промовирана збирката раскази на писателката Нада Алексоска „Муабетење со умот“. Таа откако се заблагодари на поканата да учествува на овој голем јубилеј и откако го поздрави Владиката Партениј рече:
-Во мојава збирка „Муабетење со умот“ всушност не се поместени раскази, туку новели. Во нив е отсликано сe она што од мојата непосредна околина, со години се наталожило во ризницата на мојот ум и ете ги сега во вид на слики пред вас. Нека ви послужат во миговите на одмор за еден вид рекреација или некој потсет на слични ситуации во кои сте се нашле и вие.
Д-р Веле Алексоски кој беше рецензент на книгата накусо ја објасни содржината на збирката:
-Збирката раскази „Муабетење со умот“ всушност претставуваат настани и случувања кои со времето се наталожиле во „кофчежето“ наречено ум, во главата на авторката. Тоа се случки од соседството, од околината на живеење, па и малку подалеку, а видени од поодблиску.
Потоа Родна Јанчева прочита еден од расказите, како и една своја песна застапена во збирките поезија и ги покани и другите поети да настапат со свои песни. Прославата ја закити познатиот уметник Живко Поповски–Цветин подарувајќи му на Епископот Партениј слика со бројот 1 000, украсена со неговите познати цветови за мир.
Сe на сe несекојдневен настан кој ретко се случува и затоа гордост е да се учествува заедно со многуте македонски културни и научни дејци.