Средба со Сабедин Ејупи – Саигон, музичар и сликар
Живот посветен на музиката и сликарството
20.11.2020
Целиот живот е патување. Животниот пат по кој чекори секој, го води без многу да зависи од него. Многумина, можеби нема да се сложат со тоа, посочувајќи бројни примери и факти, меѓу тоа, случајот со Сабадин Ејупи ? Саигон, како што сите го знаат, токму тоа го потврдува. Разговорот го водевме во неговото мини ателје отворено пред 15 години во ТЦ Рамстор. Беше радосен што повторно ќе се присети на младоста, кога имал многу убави и среќни денови.
Уште во детските години, поточно во раните училишни денови, ја почувствувал неговата склоност кон музиката и сликарството, односно цртање портрети и карикатури. Неговата сестра свирела на мандолина во музичката секција во училиштето и во нејзиното отсуство тој свирел и на тој начин навлегол во суштината на музиката и ја засакал. Му купиле гитара. Со еден другар оформиле маалска музичка група и организирале забави во тоа време. Во училиштето на сите ученици им ги цртал цртежите, при што, по завршувањето на осмолетката, наставникот барал да го продолжи школувањето во средното уметничко училиште, на кое се спротивставил неговиот татко. Роден е во село Патишка река, скопско во 1956 година, а потоа неговото семејство се преселува во Скопје, каде се запишува на Економски факултет, кој не го завршува. Паралелно на тоа се запишува на Педагошка академија, отсек музика и учи пијано.
Како наставник по музичко образование, работи во неколку школи во Скопје. Откако останува без својот животен сопатник, тагата го разнишува, но и тој удар Сабедин успева да го надмине со уште поголема енергија и поголема љубов кон животот. Напушта како наставник по музичко образование, зема семејна пензија и работи како уметник, но не ја оставил ни музиката. Свирел во КУД „Јениол“ и „Орхан Вели“ во забавната секција, а во меѓувреме пеел во октетот „Окарина“. Како наставник оформил неколку школски хорови и оркестри, со кои постигнувал големи успеси и има добиено повеќе награди. Повеќе од 35 години негова главна пасија е изработката на портрети и карикатури. Работел во Хрватска, Грција, Турција, Албанија, Италија
? Сега, во овие мои пензионерски денови, слободното време го посветувам на сликарството и музиката, кои за мене се најголемата љубов. Тоа ме релаксира и ми помага сите проблеми полесно да ги пребродам.
Ентузијазмот бил секогаш негов примат во неговиот живот, па во далечната 2008 година организира самостојна изложба во галеријата „Точка“, што претставува одраз на неговото повеќегодишно сликарство. Тој учествува со свои дела и на многу други изложби. Но како што вели, тој тука не застанува. Патот на успесите продолжува со неговото сликарско изразување низ многуте портрети и карикатури. Се надева дека за кусо време ќе им приреди пријатно изненадување на љубителите на ликовната уметност. Активностите продолжуваат и понатаму и како пензионер. Сабедин учествува во музичката група на албанки, го води и хорот и музичката секција при ЗП Чаир, а една од главните задачи му е да постигне што поголем успех со пензионерскиот хор, за кој вели дека е составен од квалитетни изведувачи.
Васил Пачемски