Инфо  

Галерии

Помошта од 6.000 денари граѓаните ќе ја добијат на почетокот на декември

22.11.2020

Помошта од 6.000 денари за ранливите категории граѓани ќе стигне најрано на почетокот на декември. Од Министерството за финансии велат дека е потребно време за да се изготват списоците на лицата на кои треба да им се поделат тие пари, а тоа се пензионерите со минимална пензија, корисниците на социјална пензија, пасивните баратели на работа, самохраните родители и студентите кои се испуштени при претходната поделба на оваа помош, ....

Времето за трошење на парите ќе биде многу кратко, зашто една од целите на мерката била да се направи брз обрт, па без разлика кога во декември ќе легнат на сметките, тие ќе мора да се потрошат до крајот на месецот.

Списокот на лицата кои ќе добијат од оваа државна помош од 6.000 денари треба наскоро да се објави на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk, а рокот за поднесување приговори од оние кои сметаат дека треба да ги добијат тие пари, а ги нема на списокот ќе биде три дена.

Инаку, како што е веќе објавено овој пат нема да се печатат посебни картички „купувам домашно“, туку парите ќе се префрлаат на трансакциските сметки на граѓаните. Но, за да се контролира дали шесте илјади денари префрлени од државата се трошат за купување домашни производи и за плаќање домашни услуги, секој корисник покрај трансакциска сметка ќе мора да има дебитна картичка од банка. Тоа значи дека оние на кои им следува оваа помош, а немаат никаква платежна картичка, или имаат само трансакциска сметка, треба да извадат дебитна картичка, за да можат да ги користат парите веднаш кога ќе ги добијат. Од Финансии велат дека, на сите граѓани кои немаат дебитна картичка, банките ќе им издадат бесплатно.

Малку нејасен останува моментот како ќе се издвојат парите од државата, од оние што лицата веќе ги имаат на сметките, односно, како ќе се контролира дека 6.000 денари ќе се потрошат токму за домашни производи и услуги.

Министерот за финансии Фатмир Бесими разјаснувајќи ја оваа дилема деновиве рече:

– Тие системи постојат во банките. Граѓаните ќе одат да купуваат со дебитните картички кои ги имаат, но во извештајот на банката ќе стојат тие производи, кои веќе се евидентирани во пос-терминалите. Банките кога ќе ја имаат фискалната сметка, ќе имаат евиденција колку од производите се домашни. Тоа е посебно софтверско решение. Истовремено тој информира и дека платежни картички нема да се печатат како минатиот пат за да не се прави метеж пред банките во услови кога ковид-19 зема замав и за да се намалат трошоците, затоа што сега нивната изработка би била на товар на државата.

Оваа помош е дел од четвртиот пакет владини антикризни мерки. Треба да ја добијат 5.726 самохрани родители, 182.271 пензионери со пензии до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа и 520 самостојните уметници, филмски работници, културни работници и естрадни уметници.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3