ЗП Чаир
Рашид Идризи - активист за пример
19.12.2020
Кога станува збор за поистакнати активисти во ЗП Чаир, без двоумење раководните луѓе на Здружението го посочија пензионерот Рашид Идризи, член на Комисијата за спорт и член на Собранието. Годините се нанижале, а тој како да не ги чувствува. Неговата виталност ме поттикна да поразговарам со него љубовта кон спортот од мали нозе, уште од школските денови, а посебно дисциплината скок од место, кога за време на одморите учениците се восхитувале на неговите успеси. Денес Идризи иако е во осмата деценија, е витален и активен и може да го сретнеме во Здружението или во неговиот дуќан. При средбата, од голема скромност срамежливо ги искажуваше своите активности, за работата и пензионерскиот живот. Додека раскажуваше ги разгледуваше сликите од бројните активности и настани и се потсети за многубројни убави мигови. Покрај спортската активност, познат е и како еден од најдобрите ТВ механичари. На спортот и на занаетот им го посветил својот живот, вели Рашид. Роден е во 1949 година, во село, Никиштани, Скопско. Во 1959 година се преселиле во Скопје каде ги завршува основното и средното образование. Во 1964 година започнува да го учи занаетот за ТВ механичар во „Радио Бран“, каде работел и татко му. Од 1973 година потполно му се посветува на занаетот кој го научил и наследил од неговиот татко и отвора свој дуќан во населбата Чаир. Добриот мајстор од сите бил баран. Во 2013 година се пензионирал и се вклучил во активностите на Здружението, а бизнисот го продолжува неговиот син Дритон кој е ракометен тренер и неговиот внук Енес кој е ракометар во РК Работнички. И Дритон и Енес го наследиле занаетот, но и љубовта кон спортот, на голема радост на Рашид, кој и денес дел од времето поминува во дуќанот и им помага. Со радост и полно срце вели:
-Тоа ни е фамилијарен бизнис, ама тука спаѓа и спортот. Пензионирањето уште повеќе ме доближи до спортот. Секогаш се натпреварувам со жар за секој освоен бод и сантиметар со цел да освојам повисоко место и за себе и за Здружението. Успесите не би ги постигнал без сестраната поддршка на раководството од Здружението. Во пензионерските денови таму го најдов мирот и спокојството, а со активното дружење и рекреирање ја надополнувам сликата на убавиот пензионерски живот. Кога се сака, сe се може, посебно ако за тоа постојат услови какви што ги пружа нашето Здружение, – вели неуморниот Рашид. Тој веќе шест години учествува на спортските натпревари во дисциплината скок од место, на регионално и републичко ниво и има освоено шест високи места на регионално ниво и едно трето место на републичко во 2014 година. Примерот на Рашид Идризи е доказ дека желбата за дружење и спортување на пензионерите не ги ограничуваат годините. Активностите на пензионерите носат здравје, а успесите задоволство и радост.
Васил Пачемски