Реакција по допрен глас
25.12.2020Деновиве додека го пиев пладневното кафе и уживав во топлината на есенското сонце, ми пријде еден добар другар, седна до мене и од својата торбичка, која постојано ја носи со себе, извади неколку страници од весникот „Слободен печат“. Ме потчукна по грбот и онака низ насмевка на лицето ми вели: еве, другарче, ова е за тебе, ги собрав и кога имаш време прочитај што правите во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ).
Се разбира дека ги зедов и вечерта додека чекав да започне преносот од Лигата на шампиони во фудбал почнав да ги читам добиените материјали. Веднаш забележав дека автор на текстовите е мој драг пријател и поранешен соработник.
Знаејќи го авторот како позитивна личност, очекував дека ќе прочитам убави работи, содржајни анализи, конструктивни предлози и добронамерни критики. За жал, текстовите главно се сведуваа на критики кои во најголемиот дел беа неосновани и базирани на невистини. Читав и не можев да поверувам од каде кај мојот драг пријател толкава горчина и револт кон пензионерските здруженија и кон сите нас кои на одреден начин сме инволвирани во водењето на тие здруженија.
Во текстот под наслов „Прочистување“ авторот драматизирајќи ги состојбите небаре СЗПМ и сите здруженија на пензионери се криминални здруженија, а избраните лица се избрани на нелегални избори, дека во работењето на здруженијата владее непотизам, безредие и друго, редеше безброј невистини и непроверени полувистини. Измислуваше некакво незадоволство кај членството и повикуваше на целосен ветинг на избраните функционери?!
Занесен во своите писанија авторот возвикнува дека неговиот глас треба да допре до сите нас. Почитуван и драг пријателе, твојот глас допре до мене и длабоко ме навреди и поттикна да се обидам да те разубедам и негативната енергија кон СЗПМ и сите здруженија на пензионери да ја трансформираш во позитивна.
Неоправдано прва на ударот на авторот на текстовите е претседателката на СЗПМ. Практично, тој ја нападна уште нестапната на претседателската функција и тоа без аргументи, иако за наша среќа таа како добра домаќинка многу брзо воспостави систем на домаќинско работење во Сојузот, а посилно од кој било досегашен претседател успешно се бори за подобрување на социјалниот статус на пензионерите.
Впрочем, благодарение на другарката претседател гласот на пензионерите допре до надлежните институции, а резултатите беа зголемена минималната пензија и просечна пензија на рамниште како и кај пензионерите од нашите соседи.
Другар, за мене и за најголемиот број пензионери, чест и привилегија ни е што после скоро седум и пол децении на чело на Сојузот застана жена. Жена, која со своето неизмерно искуство и знаење успешно и со авторитет н? води скоро две години. Во текот на тие две години сите активности во Сојузот се толку транспарентни што не оставаат ни малку сомнеж за злоупотреби и сигурен сум дека знаеш дека не постојат.
Познавајќи те како човек, очекувам дека ќе најдеш начин и доблест на претседателката културно и достоинствено да ? се извиниш за сите неоправдани напади и многу брзо своето искуство и позитивна енергија да ги вградиш во работата на Сојузот.
Втори на твојата листа за „отстрел“ се најдовме ние избраните во органите и телата на Сојузот, пред се членовите на Извршниот одбор. Во еден од текстовите не обвинуваш за некакви неправилности во текот на изборите во здруженијата, зарем треба да те потсетам дека овој Извршен одбор е избран после спроведените избори во самите здруженија. Ако имало евентуални неправилности адресата за одговорност не е кај ова раководство, а во претходното раководство ти беше многу активен повеќе години.
Нема потреба да те убедувам и докажувам дека сите избрани органи и тела одговорно и транспарентно работат на спроведување на Програмата за работа на Сојузот. За секоја активност постои отчетност што е сработено и колку средства се потрошени. Секако дека ќе те разочарам ако ти кажам дека во скоро сите области на дејствување имаме значителни заштеди.
Н? обвинуваш за организацијата на Спортските натпревари или за нашата пензионерска олимпијада како и за Ревиите на песни, музика и игри. Можеби многумина мислат како тебе дека тоа се фрлени пари. Не другар, тие две активности се најубавото нешто што се случува на секој пензионер учесник на истите. Тоа се активности на кои низ регионалните и републичките настани на едно место се собираат по неколку илјади пензионери од сите здруженија и во практика се потврдува потребата за пензионерско организирање, но кога ти беше дел од нив не мислеше така, туку напротив. Убавината на тие настани не е само натпреварувачкиот дел, убавината е во другарувањето и во сите солзи радосници што некои пензионери се сретнуваат со свои другари со кои се немаат видено повеќе години. Затоа ќе те замолам наредниот пат своето перо да го искористиш за пишување на убави приказни кои ќе ти ги раскажат пензионерки и пензионери учесници на настаните. Колку добро би било да се сними документарен филм за емоциите кои преовладуваат пред, во текот и после овие настани, филм кој ќе ги разбие сите сомнежи и лаги за овие настани кај оние кои немале можност да бидат дел од нив.
Другар, многу н? навреди и со тврдењето дека сме неписмени во поглед на користење на информатичката технологија, а баш во време на излегување на твојот текст преку апликациската платформа Webinar учествував на интернационална конференција. Исто така, би сакал да те информирам дека уште пред пет години во едно од здруженијата во кое бев активен член одржувавме состаноци од далечина, користејќи посебно формирана група на една социјална мрежа. Верувам знаеш дека не е мудрост да се користи одредена апликација на интернет, мудроста е кај тие што ја програмирале и ни ја ставиле да ја користиме на многу едноставен начин. Значи, проблемот не е во нечие знаење или незнаење, проблемот е во недостаток на средства. Впрочем ако настапуваш со негативна енергија, верувам и дека ќе ја оспоруваш секоја одлука донесена на состанок од далечина.
Третa на листата која упорно ја напaѓaш е уредничката на весникот „Пензионер плус“, како и информирањето во Сојузот. Навистина не знам како изгледал весникот додека ти беше дел од Редакцискиот одбор, но знам дека денес имаме содржаен весник, богат со информации од интерес на нас пензионерите и со задоволство го читаме.
Во еден од текстовите силно ја напаѓаш нашата иницијатива за донесување Закон за пензионерско организирање наведувајќи дека со тој закон сакаме да ги зацементираме нашите функции и да си овозможиме одредени привилегии. И овој напад е „пукање“ во празно. Почитуван пријателе, токму постоечкиот Закон за здруженија и фондации не ги ограничува мандатите туку тоа е оставено на тие што ги формираат здруженијата. Ние со предложениот закон за кој бараме да се донесе, откако имаше широка јавна расправа, сакаме да го ограничиме задржувањето на одредена функција подолго од два мандата на одредена функции. Исто така, со тој закон сакаме да ја спречиме појавата едно лице да обавува повеќе функции. Лично мислам дека само со еден посебен закон ќе го зачуваме единството и функционирањето на здруженијата на пензионери и СЗПМ.
За крај драг пријателе сакам да те прашам дали знаеш по чија иницијатива повеќе од 180 000 пензионери ќе добијат по 6.000 денари за да можат да опстанат во ова време невреме? Нема да го чекам твојот одговор, еве ќе ти кажам додека Владата ги донесуваше претходните сет мерки нашата претседателка во име на Сојузот реагираше и повеќе пати се обрати до надлежните со аргументиран предлог и најранливата категорија на пензионери да биде опфатена со еден од пакетите на мерки. Благодарејќи на тие барања и поддршката од единствениот пензионер пратеник голем број на пензионери ќе ја добијат оваа неопходна помош.
Нашата работа не застанува тука и во наредната година, се надевам во подобри услови, ќе продолжиме да се бориме за правата и подобрување на стандардот и здравствената заштита на сите пензионери, а пред с? на тие со ниски примања. На тебе оставам сам да одлучиш дали со твоето перо ќе користиш зборови кои никого не прават среќен или со позитивна мисла ќе се придружиш кон сите нас заедно да старееме.
м-р Велин Стојановски
член на Извршниот одбор на СЗПМ