Инфо  

Галерии

Посета на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на СЗПМ

19.2.2021

Покрај висината на пензијата здравствената заштита е една од најважните работи за многубројната пензионерска популација во нашата земја, но и секаде во светот. На неодамнешните средби  претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија Станка Трајкова, покрај другите прашања и проблеми ја постави и оваа проблематика. За прашања поврзани со здравјето и здравствената заштита чести се прашањата и на отворената линија во Сојузот „Ало-пензионерски прашања“. Ова беше повод да биде поканет министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче да го посети Сојузот и да слушне за сите проблеми и забелешки непосредно од пензионерите.

Министерот Филипче љубезно ја прифати поканата и на 18.2.2021 година во СЗПМ се одржа средба на која покрај министерот и претседателката на СЗПМ Станка Трајкова присуствуваа и неколку претседатели на здруженија и членови на Комисијата за здравство на СЗПМ. На почетокот  претседателката Трајкова му се заблагодари на министерот Филипче кој и покрај големиот број обврски одвои време да дојде во Сојузот и рече:

-Почитуван министре, заврши една многу тешка година за сите, а особено за нас пензионерите. Темата здравство и здравствената заштита е постојано во фокусот на Сојузот, но сега во услови на пандемијата од корона вирусот Ковид-19 проблемите со кои се соочуваат пензионерите излегоа на површина. Во дописот упатен до Вас меѓу другото беа истакнати следните проблеми:

  • тешко доаѓање до „Мој термин“ преку матичниот лекар  за што се приморани пензионерите да одат на лекар-специјалист во приватното здравство;
  • одење на оперативни зафати во приватни болници бидејќи не можат тоа да го реализираат во државното здравство;
  • немање одредени лекови неопходни во ова време на пандемија во позитивната листа лекови и друго.

Овие проблеми го оптоваруваат пензионерскиот буџет особено на корисниците на ниски пензии. На поставените прашања министерот Филипче даде директни и конкретни одговори и тоа:

Сојузот односно здруженијата да дадат точни известувања со конкретни имиња и установи за поставените проблеми за да се разгледаат и да се преземат одредени мерки, а кога им се препишува лек пензионерите да се информираат за генерички лек со исто дејство кој го има на позитивна листа. За вакцинација тие треба да се јават кај матичниот лекар  или да се  пријават електронски.

Министерот вети дека на сите седници на Комисијата за здравство во СЗПМ ќе праќа компетентни луѓе кои ќе ги пренесуваат сите предлози и проблеми директно кај што треба. Исто така информираше дека се работи на измена на Законот за здравство во кој ќе се внесат доста новини по хоризонтала и вертикала, како што се матичните лекари да можат да ја продолжуваат хроничната терапија, лекари специјалисти да одат по болници во внатрешноста со надокнада и друго.

Потоа се разви дискусија во која учествуваа речиси сите присутни.

Министерот Филипче внимателно ги сослуша сите изнесени проблеми и вети дека ќе се заложи истите да бидат разрешени во граница на можностите.

Што се однесува до вакцинирањето, секој заинтересиран пензионер кој сака да прими вакцина против коронавирусот може да се пријави на веб-страницата „Vakcinacija.mk“. Со пополнувањето на апликацијата се регистрира директно во националниот систем „Мој Термин“. Сите апликации кои ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пензионерите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата.

Пензионерите можат да се регистрираат и преку својот матичен лекар, а можат и преку здружението на пензионери каде ќе им биде помогнато да се регистрираат на веб-страницата „Vakcinacija.mk“.

Ова не е прва средба на министерот со пензионерите. Тој и досега имал вакви средби и соработката секогаш давала резултати.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3