Инфо  

Галерии

КРАТОВО

Споменување на истакнатиот македонски поет Чедо Јакимовски

11.3.2021

Деновиве во Кратово беше одбележана 81-годишнината од раѓањето и 28-годишнината од смртта на истакнатиот македонски поет од Кратово Чедо Јакимовски.

Поезијата на Чедо Јакимовски се смета за најблиска до совршенството и се изучува на многу светски универзитети.

Во Википедија за Чедо Јакимовски е забележано следново: ,,Чедо Јакимовски е истакнат македонски поет, роден во Кратово на 22 февруари  1940 година. Починал во Скопје на 12 јануари 1993 година, (неговите посмртни остатоци се погребани во Кратово м.з.). Во неговиот краток боемски живот оставил малку по број дела, но со извонреден квалитет. Тој во светски рамки се смета за еден од творците на стихови блиски до совршенство. Секоја песна излезена од под неговото перо минувала низ строга проверка на метроном.

Бил член на Друштвото на писатели на Македонија од 1966 година. Автор е на книгата ,,Нарциса“ (1966), ,,Лажно море“ (1971), ,,Хелеевата комета“ (1985). Сродни по тема и стил му се проколнатите поети.

Секоја година во негова чест се доделува наградата „Нарциса“ за придонеси во поезијата. Од 2007 година во Кратово започна чествувањето на Чедо Јакимовски (под наслов ,,Лесновските ѕвона“ м.з.) и ќе продолжи како традиција.

Преведуван е на неколку светски јазици.

Лесновските ѕвона

 Која ѕвезда згаснала ноќва па безумно грмат
Лесновските ѕвона Дали е непознат празник
на мртвите што се креваат и со бела срма
ги китат просторите заспани и празни
О дали во мене се буди заспаното море
и како прастаро животно низ жилите ми скита
Се е затворено Пат ни долу ни горе
Ни во себе ни од себе Само како сенка ита
низ моето изгнанство една чудна тага
и лесновските борови ги кити со сјај вечен
Јас од младоста изгубив секоја трага
Се е затворено и секој збор е речен.
Да не умрел некој ноќва па безумно ѕвонат
лесновските ѕвона (Сред беспаќе изгубен стојам)
Додека живите чудни соништа сонат
на исток згасна и ѕвездата моја.

Чедо Јакимовски е поет новинар и културен деец и еден од најдобрите македонски поети, врвен верификатор и мајстор на сонетот.

Неговото име е неодминливо во секоја антологија на современата македонска поезија. Делото на Чедо Јакимовски е големина што заслужува признание, а тоа, беше идеја водилка за востанување и етаблирање на наградата ,,Лесновските ѕвона“ во културното и уметничкото живеење на Кратово и Република Македонија.

И за крај, на малкумина освен на неговите блиски, им е познато дека Чедо Јакимовски беше и одличен музичар кој свиреше на гитара, хармоника па дури и на труба. Исто така тој беше талентиран и за сликање, особено неговиот талент го користеше за пишување на плакатите за игранки, на кој тој свиреше, на кои имаше извонредни цртежи. Можеби во ова лежи тајната за неговата преубава поезија.
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3