Инфо  

Галерии

Признание за животно дело на писателката Нада Алексоска од Велес

21.10.2021

Писателката Нада Алексоска која е автор на многубројни дела поезија и проза е годинешен добитник на наградата „Коле Неделковски“, која се доделува за животно дело од Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес. Признанието, се доделува по петти пат на одбележувањето на 80-годишнината од смртта на поетот Коле Неделковски. Наградата и беше врачена на свечен начин во дворот на ССОУ „Коле Неделковски“ во склоп на програмските активности на училиштето. Се обрати и директорката г-ѓа Весна Стојанова-Богоевска. Одбележувањето на годишнината од смртта, беше и во спомен-куќата на Неделковски во родното село Војница, каде што се обрати писателката и се положи свежо цвеќе пред споменикот. Нада Алексоска во своето обраќање истакна „Особена чест ми претставува што годинава јас сум добитник на ова значајно и високо признание. Пријатно сум изненадена и горда на ова признание. Иако сум пензионер јас и понатаму читам и пишувам. 

Нада Алексоска родена е во Градско – населба до исконскиот македонски град Стоби. Детството и поминало покрај Вардар и Црна Река. По основното и средно училиште патот ја донесе до Филолошкиот факултет во Скопје. Потоа се нижеа градови, села и држави на нејзиното учителствување, но и инспирации за сите нејзини литературни писанија во кои се излеаја многу податоци, но и многу таги и радости по загинатите и патриотите, по блиските и незнајните. Нејзиниот животен пат го китеа црвени рози, но и разулавени бури и затоа таа верува и сe уште верува во нашето дамнешно постоење и идното утро. Верува и во бистрите води, во сончевите утра, во убавата мисла. Тагува по поминатите убави мигови, по изгубените пријателства. Но знае дека надежта секогаш постои, дека раѓа светла иднина, неуморни чеда. Верува во Денот кога нашата иднина ќе стане разумна реалност. 

    Таа уште од основно училиште почнала да пишува, а продолжила и понатаму, па се до денес. Нејзини творби се објавувани во разни весници и списанија, настапувала на многу манифестации и фестивали како во државата така и надвор од неа. Како професор на Факултетот во градот Манхајм и како наставник во дополнителните училишта по македонски јазик во многу градови во Германија учествувала со своите ученици и студенти на многу собири, а за одбележување е настапот пред спомен-плочата на Свети Методиј пред црквата во градот Елванген каде што тој бил повеќе години во заточение.    Неколку години била новинар и лектор на весникот „Македонско сонце“, а денес е дописник на весникот „Пензионер плус“. 

   Инаку таа е и хуман човек за што пред две години го доби посланието Света Мајка Тереза за хумани вредности подарени за човечката среќа. Автор е на Монографијата „Смилјан Гриовски агентот на ЦИА“ издадена 1998 година, стихозбирките „Кога душата говори“, „Ластовичка“, „Песната на ѕвездите“ и збирките новели „Под сенката на брезата“  и „Муабетење со умот“. 

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3