Инфо  

Галерии

ЗП Пехчево

Педесетина години со убавата малешевска песна

7.12.2021

Кога се прави ретроспектива на интерпретаторите на убавата малешевска песна во изминатиот период, неодминливо е името на  Борис Грковски од Берoво кој веќе педесетина години ја  афирмира убавата  македонска и малешевска песна на сцените во Македонија и регионот.

Роден е во Берово, каде го завршува основното и средното образование, а Економскот факултет во Скопје. Музиката  и   пеењето се дел од неговиот живот уште од млади години. Неговиот  татко свирел на мандолина, а малиот Боро со својот убав глас го придружувал на семејните прослави. Во основното училиште пеел во училишниот хор, како и во хорот во гимназијата ,,Ацо Русковски“, во Берово.  Раководителот на хорот и оркестарот  професорот Ѓорѓи Попгеоргиев го открива неговиот талент за пеење. Тој во разговорот се присетува на првиот настап на Боро, на приредба во ДТВ ,,Партизан“ во Берово каде што настапил со Цана Бетинска,  публиката била воодушевена и со аплаузи го проследила настапот на младите ученици.

Со започнувањето на студиите почнува поинтензивно да се занимава со пеење и се зачленува во АКУД ,,Мирче Ацев“ во Скопје  со кое настапува  на повеќе сцени во поранешна Југославија, а забележителни му се настапите   во Ниш, Београд, Ластово.  Бил примен на аудиција во ,,Танец“,  но таа можност пропаднала бидејќи  во меѓувреме добил покана за заминување во ЈНА. Пеел и како војник во ЈНА.

По вработувањето во 1973 година, со група  ентузијасти  при  Домот на културата ,,Димитар Беровски“ ја формираат групата  „Распеани Беровчани“, со која раководел неговиот  професор од гимназиските денови Ѓорѓи Попгеоргиев.  Со групата  имаат настапи на Радио Скопје, на фестивали и приредби, и на локалната сцена во Берово. Настапуваат и на Охридските староградски средби, на Илинденски денови во Битола, на Фестивалот  на Пеце Атанасовски во Долнени, каде што добива награда за изведба, воедно  учествуваат и  на фестивали  во  Бургас, Средец, во Банско, во Микрево, Р Бугарија. Забележителни се настапите на Борис Грковски со  оркестарот на Радио Скопје во Сандански и Петрич, Р Бугарија,  по повод пограничните средби на Берово и Сандански. Има повеќе настапи на  ,,Малешевско-пијанечката свадба“ во Делчево, Фестивалот на дувачки оркестри во Пехчево заедно со Миле Шоповски, на Фестивалот во Валандово. Пеел во дует со Љупчо Дучевски, кој исто така потекнува од Берово. Редовно настапувал во музичките емисии на Македонската  радио-телевизија  каде што има снимено над  70 песни во продукција на МТВ од кои поголемиот дел се  песни од Малешевијата. Во разговорот Грковски го потенцираше и следниот интересен момент:

- Пред  25 години заедно со професорот по музика Вејчеслав Поповски  од Пехчево и  КУД ,,Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица снимивме касета и на истата  јас пеам четири песни дует со Горица Поповска. Издадената касета е можност убавите песни да не се заборават.

По пензионирањето Борис Грковски активно се вклучува во органите и телата на Здружението на пензионери во Берово. Бил член на комисијата за спорт и рекреација, а  сега е  активен член на Комисијата за културно-забавен живот при СЗПМ. Музичката група е редовен учесник на регионалните ревии  на песни, музика и игра, а повеќе пати учествува и  на републичките. Групата е редовен учесник на манифестации од регионален карактер по различни  поводи.

 Иако Боро веќе навлегол во деветтата деценија од животот, оптимистички ни  ја откри идејата  која планира да ја реализира во наредниот период:

 -Сакам да направам книга од сите песни од Малешевијата кои со години сум ги собирал и интерпретирал. При тоа морам да ја споменам помошта на професорот Јован Бошначки. Повеќе од педесетина   песни треба да се мелографираат и обработат, да се испечатат и останат забележани за идните генерации, за да не се заборават и  да се пеат.

 Кратка е, оваа моја слика на Борис Грковски, плоден интерпретатор  на многу испеани песни, на многу  фестивали, настапи, патувања..., проследени со силни аплаузи, на човекот со глас дар од бога кој имале задоволство да го чујат илјадници слушатели во Македонија и пошироко.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3