ЗП Велес
27 средба на Републичката манифестација „Блакцето на баба“
4.3.2022
На 3 март во ресторанот „Бела вода“ на Велешко Езеро беа одбележани 27 години од постоењето на Републичката манифестација при Здружението на пензионери - Велес „Блакцето на баба“.
Манифестацијата „Блакцето на баба“ за првпат беше одржана 1994 година благодарение на идејата на нашите пензионерки кои со својот ентузијазам и несебично ангажирање придонесоа да му се даде смисла на постоењето на Активот на жени, да се зачува традицијата наша македонска за да не се изгубат корените.
Со оваа манифестација повозрасната популација сака на помладите генерации да им се пренесе нешто што ние сме го наследиле од нашите баби за да не се заборави и да остане за вечни времиња како што е вечна нашата Македонија.
И оваа година се почувствува вкусот на „Блакцата на баба“ за коешто многу придонесоа вредните пензионерки од активите на жени - пензионерки од здруженијата на пензионери од нашата држава.
Тие ја збогатија трпезата со разни видови стари традиционални македонски блакца. Сите блакца беа вкусни и затоа сите беа прогласени за најубави и највкусни.
На оваа манифестација гости беа претставници на Општина Велес, Општина Чашка како и на Општинскиот одбор од Велес на Црвениот крст.
Манифестацијата најнапред ја поздрави претседателот на Здружението на пензионерите од градот домаќин, господинот Веле Алексоски. А за отворена ја прогласи претседателот на Собранието на СЗПМ, господинот Илија Адамовски.
Претседателката на Активот на жени при Здружението на пензионери-Велес, Благојка Настова, ги поздрави претседателките на активите на здруженијата и им додели благодарници за несебичното залагање за подготовка на преубавите блакца.
Гостите ги забавуваше прекрасната музика на групата „Кајшар бенд“, познат изведувач на стари македонски песни.
Манифестацијата „Блакцето на баба“ заврши со ветување наскоро да се сретнеме со исто така убави поводи за да не запре дружбата на пензионерите од сите здруженија, членки на СЗПМ.
Нада Алексоска