Инфо  

Галерии

ЗП Охрид

Димитар Свилар со 195 крводарувања е рекордер во Охрид

27.5.2022

И годинава на пригоден начин беше одбележан Денот на крводарителството, на Црвениот крст на Македонија, и 77 години постоење на Црвениот крст на Охрид. По тој повод беа врачени  повеќе плакети за крводарувања во 2021 година на крводарители на Охрид и Дебрца. На свеченоста беше присутен и почесниот  крводарител со најмногу  доброволни дарувања крв во Охрид и Дебрца, Димитар Свилар. Тој има 75 години а вкупно дал 195 пати крв и е рекордер во доброволно дарување крв за општините Охрид и Дебрца. Димитар Свилар првпат почнал да дава крв на 15-годишна возраст. Откако станал охридски зет продолжил да дарува крв во Охрид, Струга и ЈЗУ за трауматологија и костозглобна туберкулоза во Охрид, за верските празници „Света Богородица“ во Скребатно, за „Свети Климент“ на Плаошник и по разни други потреби.

Во почетокот Свилар, неколку години крв дарувал на секои три месеци. Потоа почнал и секој месец, па на 15 дена. За да не биде спречен да дарува секој месец Свилар извадил три крводарителски книшки. Но, по некоја случајност го откриле. Оттогаш, пред околу 10 години и кога практично се пензионирал, му забраниле да дава крв. Како што и самиот вели  да му дозволат, иако е сега 75 години повторно би дарувал крв. Но, за жал, лекарите треба да се слушаат. Свилар дури и на повици од обични граѓани, кои лично доаѓале во селото Долно Лакочереј, кај Охрид, каде  што и денес живее од 1976 година, доброволно дарувал крв. Тоа како да му станало пасија на Свилар, бидејќи, како што вели самиот, нема ништо подобро и поздраво од тоа.

Димитар, вели дека пробал неколку пати да ги мотивира младите да го следат неговиот пример, но не му е јасно зошто не сакаат. За него, подобро чувство од ова нема, бидејќи со секое дарување крв помагате или спасувате нечиј човечки живот. Инаку, Димитар Свилар има нулта крвна група позитив, која е ретка и е најбарана, бидејќи секому можеш да му дадеш, а од друга крвна група не можеш да примиш. За рекордните 195 доброволни дарувања крв Димитар Свилар има добиено многубројни награди и признанија од Општинскиот Црвен крст Охрид и Републичкиот Црвен крст. За 100 дарувања крв, Свилар има добиено златна, сребрена и една бронзена плакета, значки, и една макета на охридски чун во резба, како и други подароци кои ги красат витрините во неговиот дом.

Инаку Димитар Свилар е роден во селото Мали Београд кај Бачка Топола, Војводина. По завршувањето на основното образование, во Суботица го изучува пекарскиот занает. Во Осjек случајно кај неговиот вујко, ја запознава неговата прва сопруга по потекло од Охрид и така во 1972 година, доаѓа во Охрид. Повремено се вработува во приватна пекарница, потоа во фирмите „Трудбеник“ „ЕМО“ и последно во „Охридски жито леб“  каде што работи се до пензионирањето како пекар, исклучително во подготовка на бурек и бели печива. Свилар и сега, иако има 75 години, а веќе десетина години е пензионер, работи како бурекчија во приватна пекарница во Охрид, бидејќи тоа му причинува задоволство,  а и пензионерските денови му се исполнети со работни обврски кои не му претставуваат никаква тешкотија, туку напротив, како што вели, му го продолжуваат животниот век.             

К. Спасески  
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3