ЗП Кавадарци
Разговор со новоизбраниот претседател Бранко Шемов
3.7.2022
Почитуван претседателе Шемов, најпрвин ја користам можноста да ви честитам за изборот и ви посакам успешен мандат и одлична соработка со кавадаречките пензионери. Во овој контекст кажете ми колку членови има на списокот на Здружението со кои во иднина ќе ги остварувате активностите и секако во куси црти личната карта на ЗП Кавадарци?
- Благодарам за честитките и добрата најава и веднаш да ви одговорам на прашањето. Здружението на пензионери во Кавадарци, според последните податоци со кои располагаме, има 7086 пензионери. Како приоритетни активности во работењето на ЗП Кавадарци според Статутот и Програмата за работа ќе ги насочам во следното: како врвен приоритет ќе ни биде изградбата на пензионерски дом на парцелата која се наоѓа кај споменикот на народните херои Киро Крстев и Димче Мирчев, до Градскиот парк со површина од 1288 м2 и корисна површина од 450 м2. Домот ќе располага со канцеларии, ресторанска сала, простории за пејачката и играорната група, соба за шах, пикадо и друго, со цел пензионерите да има каде да бидат згрижени и да се разонодуваат, а со тоа и полесно да ги поминуваат пензионерските денови во пријатна атмосфера и расположение. Постапката за изградбата на домот е во тек и е во понапредна фаза. Очекуваме да ни помогнат Локалната Самоуправа, Градоначалникот и надлежните Министерства за транспорт и врски и Министерството за труд и социјална политика, како и Владата.
Втор приоритет ќе ни биде здравствената заштита на пензионерите, преку мерки кои се утврдени според законот и Министерството за z, како и на нашата Комисија за здравство, преку давање на здравствени услуги, поевтино болничко лекување со помала партиципација за добивање инсулин, нега на болен, за лицата со посебни потреби, витаминска терапија и сл.
Трет приоритет ќе биде преку месните ограноци да се прават активности за повикување и детектирање на пензионерите со ниски примања под 15 000 денари, за давање на хуманитарна помош до одреден износ со носење на чекот во здружението на увид. Со ова сакаме на оваа категорија пензионери колку толку да им помогнеме во ублажувањето на сегашниот пораст на цените. Тоа редовно ќе го правиме во повеќе наврати.
- Претседателе, токму во овој контекст и денес има голема раздвиженост во ЗП Кавадарци на голем број пензионери кои се дојдени со чек од пензија и чекаат да бидат евидентирани за добивање на помош. За поздравување е тоа што во оваа активност се вклучени и секретарот Трајче Стојков, и претседателот на Собранието Васко Димитровски. Покрај оваа активност има ли здружението и други активности со кои може да се пофали?
-Здружението на пензионери има и други активности како што се: организирање екскурзии, натпревари од музички, играорен и спортски карактер, бањско лекување, снабдување со огревно дрво и друго. Тргнувајќи од фактот дека една од поважните определби во сите програми на СЗПМ е меѓународната соработка со земјите од нашето опкружување, но и пошироко, ЗП Кавадарци има успешна соработка со Здружение на пензионери од Лесковац, Р Србија, со кое сме збратимени и таа соработка успешно се остварува веќе неколку години. Би ја потенцирал и соработката со уште едно збратимено здружение на пензионери, а тоа е ЗП Кочани.
- Почитуван претседателе, во градот сте познат како човек од акција, па покрај работата во здружението, имате ли време за себе и семејството?
- Покрај работата и активностите кои ги имам како претседател на ЗП Кавадарци, секогаш, наоѓам време и за себе и семејството, посебно за внуците кои ми ги разубавуваат деновите и животот со нивното дружење. Тука не изостанува и пратењето на спортот и редовното вежбање и џогирање кое ми остана уште од времето кога бев активен спортист – фудбалер, – вели Шемов.
Лилјана Илиева