Инфо  

Галерии

Jунски наратив

10.6.2022

Многу говориме и зборуваме, оттука наратив. Кога за една работа ќе почне многу да се говори, се претвора во наратив. И навистина ќе слушнеш и прочиташ, а богами и чуеш многу наративи. Насекаде проповедници на наративи, сите говорат и глаголат, ако го употребиме тој стар, прастар збор, глаголење, зборување. Нема реченица без глагол, учат децата. А глаголот опишува некое дејство. Последната фаза е значи исполнување на она што е кажано, во наративот. 

Сигурно постојат начини да се избегнат вжештените наративи, и човек да се разлади со бегство од лавиринтот на наративите, особено ако не му е пријатен, сфатлив или прифатлив одреден наратив. Така под напливот на глаголења и говорења, човекот конечно ќе сфати, ќе го сфати најважното, а тоа е дека мора да се оддели од натуреното и да согледа што носи во себе. Тука ги ценам вредностите на наративот, кој ме враќа кон себе, кој не ми го одзема идентитот, кој не ми го разболува егото., кој ми е пријатен (не како чешкање по уши) и кој ми помага да продолжам во развивањето на мојата личност. Ако наративот е интересен, во ред, ќе го запознаам, но нема да го спроведам во дело она што го говори, доколку ја одзема вредноста на мојата личност.

Прво ќе ја заштитиме својата целовитост, особено кога во светот настануваат големи промени, а не сме сигурни дали медиумите ја кажуваат целата вистина или извртената вистина. Нашиот народ ја има оваа мудрост и не се поведува лесно по медиумските опсени. Луѓето попрво ќе пијат нешто за смирување, отколку да наседнат на некоја лага. Затоа медиумите се меч со две острици, тие можат многу да помогнат и информираат, но можат да создадат и лажна стварност. Според мене, кога е вака очигледно, дека манипулација постои, тогаш, е дојдено времето, да се тргнеме настрана од забуните и да се свртиме кон она што е вистина. Вистината е наративот кој ми треба.

Односно препорачувам да се направи детокс од каков било наратив и да се бара излез. Го предлагам Јунскиот наратив. Тој и значи и не значи ништо. Јуни, еден од најубавите месеци. Пред некој ден, во неделата, се прошетавме и навистина беше преубав денот. После долгава зима, нешто што е бесценето. Овој наратив те тера да излезеш некаде надвор од дома, некои одат на долгоочекуваниот одмор. Се воодушевувам на тие луѓе кои така го подредиле животот, што навистина уживаат во тие десет дена на море. Знаат сe за плажите и вилите. Некои го планираат одморот на лето, дури од јануари. Чекаат, исчекуваат, се подготвуваат, го претрпуваат долгиот и напорен пат и одат на море, под чадор, со крема за сончање.

Ви реков, именката баба, не е само ономатопеја. Тоа андерграунд толкување е дека баба е од убаба, убава, баба (Кубала, Кубаба – сириска божица). Значи убаво е да си баба (и дедо), оти си убава. А зошто? Па не само од естетски причини, оти не се гледа само со очите, суштината е видлива само со срцето (Малиот Принц), туку како една целовитост и заокруженост на еден живот, како собрана убавина, убавина која го издржала тестот на времето и ги направила вистински и стварни убавинољубците.

Писателот и издавач од соседна Србија, Владимир Меденица, вели дека вистината доаѓа од паралелата: истина – јестина, дека вистината е нешто што дури може и да се јаде, бидејќи е толку многу присутнa оти се гледа само со срцето. Вистината постои.

Тој се надоврзува на философијата на рускиот философ Николај Фјодоров кој вели дека сите ние ги јадеме нашите предци. Дека нашите предци, дури и телесно живеат во нас. Кога тој круг ќе заврши и ќе стане целосен, тогаш ќе заврши и земната историја и ќе започнe една друга историја, која ќе трае немерливо многу векови и милиони бесконечни еони. Односно дека оваа земна историја  е само зачеток на таа нова историја на „новото небо и земја“.

Јунскиот наратив ве повикува да го пронајдете својот збор и глагол, оној кој одекнува во вашата душа.

Маја Белева
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3