Инфо  

Галерии

Средба во СЗПМ

Добрата соработка дава добри резултати

15.6.2022

На 15 јуни 2022 година во просториите на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија се одржа средба на која присуствуваа генералниот директор на Фондот на ПИОСМ Дритан Беџети и Боро Варошлија, претседател на Управниот одбор на Фондот, а од страна на Сојузот, претседателката на Сојузот Станка Трајкова, претседателот на Одборот на Регистрираната организација за посмртна помош и членарина и потпретседател на Извршниот одбор на СЗПМ Ментор Ќоку, Менка Темелковска, секретар на ИО  на СЗПМ. На почетокот на средбата претседателката на Сојузот Станка Трајкова, изразувајќи задоволство од можноста за одржување на средбата им посака добредојде на почитуваните гости констатирајќи:

-Ова е прва средба во Сојузот на која присуствуваат генералниот директор на Фондот на ПИОСМ и претседател на Управниот одбор на Фондот. Средбата за нас претставува чест и потврда дека нашата традиционална соработка воспоставена и во правна рамка за размена на податоци и за Солидарниот фонд за посмртна помош и членарина, но и за други прашања во интерес на пензионерите.  Соработката меѓу Фондот на ПИОСМ и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија е добра, a добрата соработка дава добри резултати. Евиденцијата и размената  на податоците е одлична за разлика од порано, а проблемите ги решаваме заеднички соработувајќи. Соработката особено беше засилена и конструктивна за време на пандемијата од ковид 19.

-Имаше проблеми со собирање средства за посмртна помош  и членарина, но благодарение на добрата соработка ги надминавме тешките пандемски времиња. Во тие времиња бевме напаѓани и ние како и Фондот иако за тоа немаше ни основ ни причина. Причина беше пандемијата и големата смртност на луѓето од третата доба. Заради недостиг на акумулирани средства беше покачена висината на задршката за таа намена и намалена беше исплатата за посмртна помош за 5.000 денари до јуни месец 2022 година. Благодарение на новите состојби со пандемијата, со јулската исплата на пензии повторно ќе се исплатува посмртна помош во висина од 30.000 денари, а на најмалку илјада баратели ќе им бидат вратени задржаните 5.000 денари. Се очекува дека до крајот на 2022 година ќе им бидат вратени овие средства на сите на кои им биле задржани. Задршката ќе остане 150 денари,  -  рече претседателот на Одборот на Регистрираната организација за посмртна помош и членарина и потпретседател на ИО на СЗПМ Ментор Ќоку.

Ова решение е резултат на добрите анализи и предлози на стручните служби на Фондот и на Сојузот. Со оваа одлука  граѓаните на РСМ ќе видат дека треба да му веруваат и да имаат доверба и во Фондот и во Сојузот и дека тие се трудат секогаш да изнајдат решение во интерес на граѓаните. Одлуката е објавена во „Сл. весник на РСМ“, број 134 од 13 јуни, а ќе биде  објавена и во весникот „Пензионер плус“, на веб-страниците на Фондот и Сојузот, и ќе биде доставена до сите медиуми. 

Генералниот директор на Фондот на ПИОСМ Дритан Беџети рече дека соработката ќе биде уште подобра и ќе содржи проекти и предлози од интерес на пензионерите. Еден од тие предлози е и да не им задржува ФПИОСМ од пензијата на корисниците на пензија за одредени долгови по разни основи, туку тоа да го прават тие на кои им се должни. Особено тоа се однесува на пензионерите со мали пензии.

Претседателот на Управниот одбор на ФПИОСМ Боро Варошлија на средбата истакна дека ја поздравува донесената  одлука во врска со посмртната помош и препорачува истата да биде афирмирана и објавена во сите медиуми.

На работната средба беше договорено во весникот „Пензионер плус“ да се објавуваат одлуки и материјали од Фондот кои се од интерес на пензионерите.

К.С.Андонова
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3