Инфо  

Галерии

Средба во СЗПМ

Добра здравствена заштита е приоритет за пензионерите

18.6.2022

И во минатото и денес, а така ќе биде и во иднина, здравствената заштита на пензионерите е еден од најважните приоритети за Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. За таа цел доста често се пишува во весникот „Пензионер плус“, се поведуваат разни иницијативи, се одржуваат предавања по здруженијата и друго.

Во врска со оваа проблематика во организација на СЗПМ се одржа состанок на претседателите на комисиите за здравство во здруженијата, членки на Сојузот, од  скопските здруженија и на ЗП Тетово и ЗП Велес. Состанокот се одржа на 17 јуни во просториите на СЗПМ.

Прв на присутните им се обрати претседателот на Комисијата за здравство и социјална политика д-р Стојанче Стефановски. Тој ги поздрави и ја објасни причината за одржување на состанокот, потенцирајќи дека Сојузот во изминатиот период поднесе многу барања во врска со здравствената заштита, но од резултатите и одговорите Сојузот не е задоволен. Со исто мислење се произнесе и претседателката Станка Трајкова истакнувајќи дека   Сојузот и понатаму интензивно работи на овој план.

Се разви многу плодна дискусија во која учествуваа претставници од повеќе здруженија. Речиси сите здруженија со цел да ја унапредат здравствената заштита  ги преземаат следните активности: посетуваат болни и изнемоштени членови, организираат предавања на разни теми, мерат притисок и шеќер во крвта и друго, делат хуманитарни пакети и даваат финансиска помош на болни  и пензионери со мали пензии, соработуваат со Црвениот крст и локалната самоуправа.

За илустрација се наведе исклучително позитивната работа и соработка  на Здружението од Сарај со  дневен центар во рамките на Црвениот крст. За поздравување е волонтерската активност на претседателот на Комисијата за здравство во ова здружение каде што заедно со лицата од дневниот центар ги посетуваат болните пензионери, бесплатно им делат суплименти и ги советуваат во земање на редовната терапија. Исто така, позната е и активноста  на амбуланта во ЗП Тетово каде што бесплатно се користи ехо апаратот за   прегледи на пензионери, а истите услуги може да ги користат и пензионери од други здруженија. Заслужува да се споменат и заложбите на ЗП Велес со издвојување на значителни средства  за да се помогне на болни и пензионери со ниски пензии односно на пензионери од рурални општини кои активности претежно се извршуваат волонтерски.

 

На крајот беше констатирано дека состанокот беше корисен и конструктивен со констатација декa сегашното функционирање на мој термин“ не одговара на возрасните лица, се оцени дека корисно би било претседатели на комисиите за здравство да бидат лекари како и да се унапреди соработката со Црвениот крст. Се констатира  и фактот дека во оние здруженија каде што има дневни центри и заедничка соработка со Црвениот крст постојат повеќе услови да се помогне на пензионерите особено во денешни услови на живеење.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3