Инфо  

Галерии

ЗП Прилеп

Пандемијата не изретчи но, не нe уништи

30.6.2022

Пред   крајот на минатиот месец  мај 2022 година, во Прилеп се одржа  заедничка средба на извршните тела, односно  одборите на здруженијата на пензионерите од  Битола и Прилеп.

Уште пред почетокот  на пандемијата од ковид 19, пред две години по  иницијатива  на раководството од  ЗП Прилеп, во Битола беше потпишан Меморандум за збратимување на двете пензионерски здруженија. На оваа заедничка средба што се одржа  во салата од огранокот Тризла во Прилеп, беа разменети искуства и мислења  за понатамошно продлабочување на заедничката  соработка.

Најпрво, присутните четириесетина пензионери од  двата извршни одбора, од ЗП Битола и  ЗП Прилеп, ги поздрави претседателот на ЗП Прилеп Славко Трајкоски и им посака, долг, здрав и исполнет живот и уште многу, многу вакви заеднички  средби. При тоа рече:

 - Ова е веќе четврта средба. Досега  се одржаа две во Битола и оваа е втора во Прилеп. Анализирајќи ја работата на нашето и на битолското здружение мислам дека сме добро организирани  иако сме со најмногу  членови, а се разбира и најмногу активности. Пандемијата не изретчи, - рече Трајкоски, - но не нe уништи.

Присутните ги поздрави и зборуваше за работата на ЗП Битола и претседателката на ЗП Битола Даница Петличкова, која се задржа   на искуствата што нивното здружение ги има од заедничката работа со Црвениот крст, како и искуствата и начинот околу воведувањето на социјалната карта на битолските пензионери членови.  И, Петличкова ја потврди  тезата дека  и двете пелагониски здруженија се доста активни  и имаат отворено најмногу   клубови за своите членови.

На средбата присуствуваше и претседателот на  Собранието  на  СЗПМ  м-р  Илија Адамоски, кој укажа  на потребата од продлабочувањето на  заедничката соработка на двете здруженија  и за градење заеднички пелагониски пензионерски став.

Ице Најдоски претседател на огранокот „Тризла“  и задолжен  за мошне успешно организирана  средба, видно возбуден порача ваквите заеднички средби да продолжат и во иднина. Одборот на овој огранок организираше и заедничко дружење за гостите и домаќините.

Гостите од ЗП Битола пред средбата ја посетија и Спомен-куќата  на големиот поет и лингвист  Блаже Конески, во Небрегово.                                        

 К. Ристески
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3