Инфо  

Галерии

ЗП Куманово

Фолклорни активности

18.8.2022

Фолклорната секција при ЗП Куманово во изминатите неколку месеци беше мошне активна. Фолклористите при ЗП Куманово во јуни беа учесници на 13-тиот Меѓународен фестивал на фолклорот чиј организатор и домаќин беше здружението на пензионери од Лесковац. Покрај домаќините учесници на фестивалот беа и пензионери од Перник од Р Бугарија, КУД Ѓоко Симоновски од ЗП Куманово, како и гости од Књажевац, Врање, Бор и Неготин од Р Србија. По приемот сите здруженија учествуваа на свеченото дефиле низ градот каде на плоштадот се одигра традиционалното заедничко оро. Пред да започне програмата, обраќање имаше градоначалникот на Лесковац Горан Цветановиќ, под чие покровителство се одржа фестивалот. Присутните ги поздрави и претседателот на ЗП Лесковац, Братислав Здравковиќ. Во такмичарскиот дел учествуваа претставници од здруженијата на Србија, додека гостите учествуваа во ревијалниот дел на програмата.

Дружењето продолжи како и секоја година со убава музика. Победник на фестивалот беше домаќинот кој доби диплома за освоено прво место, а останатите учесници добија благодарници.

Членови на ЗП Куманово учествуваа и на Фестивалот на дувачки оркестри во Пехчево, кој е бренд на Малешевијата и синоним на масовна посетеност. Оваа година фестивалот траеше пет дена. Пензионерите-фолклористи, како и пејачката група на ЗП Куманово, во придружба на оркестарот при здружението, зедоа учество на првиот ден од фестивалот на верскиот празник Павловден водени од кореографот Марјан Бошковски-Маки, се претставија со препознатливиот „Кумановски сплет“. Може да се каже дека фолклорна и пејачка група на ЗП Куманово не беше случајно избрана да учествува на фестивалот. Тоа беше заради квалитетот на изведбите.

Инаку на фестивалот учествуваа голем број културно уметнички друштва и тоа од Делчево, од Р Бугарија, Штип, Свети Николе, Македонска Каменица, Кочани, село Панчарево, Берово и Куманово.

Во име на ЗП Куманово, Љиљана Тричковиќ и подари на Библиотека „Кочо Рацин“ Пехчево, свои книги како и книги од други автори. Директорката на Пехчевската библиотека Габриела Костадинова срдечно се заблагодари.

Исто така, ЗП Куманово и УПГ Врање на 29.07.2022 година организираа заедничка средба на Власинско Езеро. Кумановското здружение се претстави со препознатливиот „Кумановски сплет“, додека пензионерите од Врање со „Песни и игри од Врање“. Многубројната публика не ги штедеше аплаузите. Неодминливо е да се спомене заслугата на фолклорните кореографи, Марјан Бошковски-Маки и Зоран Томиќ. Публиката беше задоволна од одличниот настап на фолклористите од двете здруженија кои играа со срце и душа. По завршување на програмата учесниците на средбата ја посетија Врањска Бања.

Покрај фолклорните настапи, неодамна се одржа и заедничка средба со претседателите на здруженијата на пензионери од југоисточниот дел на Србија, на покана на претседателот на ЗП Врање Стојча Павловиќ, на која присуствуваше и претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Србија д-р Андрија Савиќ. Тоа беше корисна средба и прекрасно дружење.

Љ. Тричковиќ

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3