ЗП ПРИЛЕП
КУД „Пензионер“ на гости во Врњачка Бања
4.10.2022
На последниот ден од септември месец, пензионерите, членови на оркестарот и хорот при КУД „Пензионер“ од ЗП Прилеп, одржаа ревијален концерт во Врњачка Бања, Р Србија. Прилепското КУД „Пензионер“, беше гостин на тамошното, исто така, пензионерско и градско културно-уметничко друштво „Коста Абрашевиќ“ со кое од пред некоја година се збратимени. Всушност, овој концерт што предизвика голем интерес кај граѓаните и љубителите на музиката во Врњачка Бања, беше во знакот на сеќавањето на починати членови од тамошното КУД, а посебно на еден од иницијаторите за збратимување на македонските и српските музиканти, Ванчо Рунтески.
-Во дводневното наше гостување во Врњачка Бања, навистина бевме дочекани како вистински побратими. Заедно со оркестарот и хорот бевме 22 пензионера од Прилеп, а со нас на заедничкиот концерт покрај домашните членови на КУД „Коста Абрашевиќ“ учествуваа и три детски хорови од „Врњачки искрици“ и едно КУД од Сопот, блиску до Белград. Ние настапивме со седум наши македонски и прилепски песни, а гостите од Сопот со четири музички исполнувања, од кои три беа наши, македонски. Многу, многу аплаузи имаше по секој наш настап од многубројната публика, бидејќи настапот беше на отворено. Скоро секој од публиката пееше заедно со нас. Ги сакаат нашите песни, нашиот македонски мелос како да им лежи на срце, - ни рече водачот на патот, учесник и член на хорот на КУД „Пензионер“ Ѓоре Рунтески. Како што ни кажа Рунтески публиката после секоја песна не само што аплаудирала, но и барала БИС. Прилепските музиканти-пензионери оставиле голем впечаток кај тамошната публика, со исполнувањето на музичките нумери „Во наше село“, „Ќе пијам, ќе се веселам“, „Елено ќерко, Елено“, „На пенџер стојам“, „Запри дожду“ и др.
Според она што ни го кажа Рунтески, добрите гости од Прилеп ги поканија и мошне добрите домаќини и побратими идната година да им бидат гости, и заедно да одржат ревијален концерт, исто така, на отворено, во Прилеп.