Инфо  

Галерии

Достојно одбележан 20 септември - Денот на пензионерите на Македонија

20.9.2023

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија секоја година Денот на пензионерите 20 септември го одбележува на пригоден и достоинствен начин.

Така беше и оваа година. Одбележувањето на овој значаен ден за пензионерите се  одржа на 19 септември 2023 година на свечена седница на Извршниот одбор на СЗПМ. За значењето на овој ден зборуваше Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова која меѓу другото рече:
- Оваа година одбележувањето на овој важен датум за пензионерите, е под мотото „Хуманоста меѓу пензионерите“. Познато е дека хуманоста и солидарноста меѓу пензионерите се карактеристики кои ја красат највозрасната популација во нашата земја, пензионерите. Впрочем од хумани, хуманитарни причини е и формиран Сојузот и 53-те здруженија негови членки, за да ги унапредуваат правата на пензионерите и квалитетот на нивниот живот, базирано на хуманост и солидарност меѓу нив. Дека тоа е така го докажуваат многуте пензионерски активности и проекти по што е препознатлив Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија како невладина мултиетничка асоцијација во нашата земја, но и во опкружувањето. 
20 септември да биде Ден на пензионерите било одлучено на Свечена седница по повод 40 години од постоењето на Сојузот во 1986 година и од тогаш го празнуваме.

По обраќањето претседателката на Сојузот им врачи „Плакети на хуманост“ на:

Црвен крст на Република Северна Македонија со кој Сојузот има одлична соработка на хуманитарен план, а оваа година за вклучување на Сојузот во хуманитарниот конкурс на Европската Унија, со проектот "Рурален пензионер“ во рамките на кој Сојузот доби средства во висина од 5.700 евра кои во вид на пакети беа поделени на пензионери со ниски примања во рурални средини и друго.

„Плакета за хуманост“ доби и пензионерот Љубинко  Ристов кој е позитивен пример за личност која претставува одраз на високи етички, хуманитарни и морални вредности, кој цели 55 години е крводарител, за што има добиено голем број благодарници и признанија на локално, градско и национално ниво од страна на Црвениот крст и е еден од носителите  на сите хуманитарни активности во своето здружение.

„Плакета за хуманост“ доби и Халкбанка, чие основно мото е „Важни се луѓето“ и е препознатлива во земјава и како општествено одговорна компанија која е посветена кон зголемување на општо добро за луѓето, природата, средината, културата, спортот и друго. Во тој контекст е и помошта и поддршката која банката им ја дава на пензионерите преку разни форми во реализација на нивните активности, меѓу кои и хуманитарните, преку рекламирање во весникот „Пензионер плус“.

И здружението на пензионери од Кавадарци доби „Плакета за хуманост“ голем број активности на секој план, а особено на хуманитарен. Како прво, ова здружение даваше оброци по поволни цени за кавадаречките пензионери. ЗП Кавадарци е пред изградба на старски дом од сопствени средства  со поддршка на Министерството за труд и социјална политика и со Општина Кавадарци. Ваков објект е потребен речи си во сите градови бидејќи се чека за место со месеци, па дури и години.

Предложените кандидати за добивање „ПЛАКЕТА НА ХУМАНОСТА“ за 2023 година за хумани и хуманитарни активности го заслужуваат ова признание,  иако факт е дека има и други субјекти, поединци и здруженија, членки на Сојузот, како можни добитници достојни за оваа плакета. Нека ни е честит на сите Денот и да го прославуваме и одбележуваме уште многу години со поголеми резултати и постигања.

Добитниците се заблагодарија со ветување дека овие плакети се поттик за уште поголеми хуманитарни активности во иднина.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3