Инфо  

Галерии

НАЈАВА

„Работно време“ во здруженијата на пензионери и во сојузот

12.2.2024

Прашањето на  “работното време”  во здруженијата и во Сојузот повторно  се наметнува со својата актуелност и значење. Се поставува прашањето колку треба да трае работното време во здруженијата и во Сојузот. Дали ова прашање треба да биде уредено со општа правна рамка на Сојузот со утврдени мерила и критериуми.

Ако се направи извесна дигресија пензионерите  своите активности  ги остварувале  во рамките  на други здруженија,  за по одреден временски период да формираат и свое здружение, а потоа и сојуз како повисок облик на организирање.

Гледано наназад   низ годините  сите членови во здружението  имале еднакви права и должности. Секој член имал активно и пасивно избирачко право, како и да користи помош врз основа на актите на здружението, да ги користи читалните и библиотеките  и да учествува во првите традиционални културно-забавни и спортски активности, да добива материјална поддршка и друго.

При тоа, многу значајна била околноста  што во статутите била утврдена обврската членовите да го чуваат угледот на здружението. Постоела заложба да се  спречува секоја негативна појава која би го нарушила угледот на здружението и пошироко на општеството.

Во прво време здруженијата имале помал број членови и работеле 2-3 дена во неделата, активностите пред сe ги извршувале волонтерски, а како што се зголемувал бројот на членовите, се зголемувале и обврските  на избраните лица. Како резултат на тоа покрај волонтерската работа се исплатувале и симболични надоместоци.

Сега, во 2024 година, кога имаме околу 290 000 пензионери кои членуваат во 53 здруженија, членки на Сојузот, со голем број активности, пензионерски клубови и ограноци, со значење се наметнува траењето на РАБОТНОТО ВРЕМЕ  како во здруженијата, така и во Сојузот.  Ако  постојано  сме во потрага по нови активности и да покажеме дека е оправдано нашето постоење, тогаш значајно е колку трае нашето работно време. Дали треба да дозволиме  пензионерот-член да дојде во ЗП, а вратите да бидат затворени? Дали треба да се толерира летно време претседателот да “одмора” три месеци или да се штеди на електрична енергија, и тоа од поголеми здруженија на пензионери, и клубовите да бидат затворени!?

Иако во случајот не станува збор за  класично   работно време, тоа не значи дека треба цел летен период да се затворени вратите или да се работи само 2-3 часови, а да се исплатува цел месечен надоместок. Приодот кон ова прашање треба да е посериозен и поодговорен. Верувам дека ова прашање ќе се разгледа  и во здруженијата, и на истото ќе му се посвети сериозно внимание, заради  оправдување на дадената доверба од членството. Станка Трајкова, претседателка на СЗПМ  

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3