Инфо  

Галерии

Интервју со Менка Темелковска, секретар на ИО на СЗПМ, повод 8 март, Меѓународниот ден на жените

22.3.2024
  • Почитувана Темелковска, најнапред Ве молам, кажете им на нашите читатели што се Вашите ингеренции и задачи како секретар на Извршниот Одбор, една од четирите раководни функции во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. Која беше Вашата мотивација да ја прифатите оваа важна функција?

- Функцијата секретар во Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија е изборна функција која се бира на четири години. На оваа функција сум избрана по вторпат бидејќи беше препознаена од членството мојата стручност и трудољубивост. Изборот ми претставува чест, но довербата треба да се оправда.

За прифаќање на функцијата секретар на Сојузот, мотивација ми беше мојата претходна соработка со избраните лица во Сојузот. Имено, додека бев во работен однос, редовно соработував со лицата во Сојузот, со доставување на податоци за пензионерите, усогласување на пензиите, доставување на средствата за посмртна помош и членарина и други податоци.

Како секретар во Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија ги следам прописите од пензиското и инвалидското осигурување, економските движења кои влијаат на висината на пензиите, подготвувам информации за висината на пензиите споредена со висината на платите на сите вработени, како и движењето на трошоците на животот со споредбени податоци од бившите југословенски републики. Го следам финансиското работење на Сојузот и подготвувам периодични  финансиски извештаи и годишен деловен извештај за целокупното работење на Сојузот. кои се разгледуваат на седниците на органите и телата, Учествувам во подготвување на материјали за социјално домување на пензионерите, исплатата на солидарниот фонд, хуманитарните активности и други задачи.   Раководам со Стручната служба на Сојузот, се грижам за навремено подготвување и доставување на сите материјали на седници на органите и телата како и на избраните делегати.

  • Вие на оваа функција доаѓате од Фондот за ПИОМ со добро познавање на работите од овој домен. Што мислите треба ли нешто да се менува во системот и што?

- Во системот на пензиското и инвалидското осигурување сметам дека треба да се изврши натамошно подобрување на формулата за усогласување на пензиите. Во моментот усогласување се врши од 1 март и 1 септември тековната година, наместо тоа да се врши од 1 јануари и 1 јули. Со сегашната формула се закинува усогласувањето на пензиите за 4 месеци (јануари и февруари и јули и август). Исто така во услови на значителен пораст на платите, сметам дека треба да се примени формула на поголемо зголемување на пензиите на ниските пензиски примања за што треба да се создаде законски основ.

  • Покрај што ја објавувате оваа функција имате ли и други задолженија во Сојузот и надвор од него?

- Во Сојузот учествувам во работата на Извршниот одбор, Собранието на Сојузот и во работата  Статутарната комисија, Правно-Економскиот форум, Комисијата за старски и пензионерски домови и стандард. Надвор од Сојузот оваа година бев член на Работната група за разгледување на предлози за прашањето за најниската пензија во РСМ и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите. Исто така работам и на аплицирање на проекти на кои аплицира Сојузот. Последен проект на кој работев и го добивме од Европската Унија заедно со Црвениот крст беше за животот на руралните пензионери.

  • Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија е најголемата невладина мултиетничка асоцијација  во која членуваат околу 330 000 пензионери. Колкав е бројот на жени и во кои активности тие го држат приматот? Една од главните карактеристики на Сојузот е волонтерството. Кажете ни како функционира тоа во Сојузот и неговите 53 здруженија?

- Бројот на жените како претседателки во здруженијата на пензионери и во Сојузот постепено започна да се менува. Со претходните избори за прв пат претседател на Сојузот беше избрана жена, додека во здруженијата на пензионери од 53 претседатели на здруженија само во 6 здруженија претседателки беа жени. Со последните избори 2023-2027 година бројот на жени претседателки на здруженија изнесува 12 што е двојно зголемен. Жени се застапени се’ повеќе во сите органи и тела на здруженијата на пензионери, како и во Сојузот. Се разбира дека нивната застапеност треба да биде уште поголема. На тој план работиме сите и има резултати.

  • Една од главните карактеристики на Сојузот е волонтерството. Кажете ни како функционира тоа во Сојузот и неговите 53 здруженија?

- Главни носители на волонтерството во Сојузот се жените кои секогаш се подготвени да подадат рака на оној на кој тоа му е потребно. Посетуваат болни и изнемоштени пензионери, Домови за стари, делат хуманитарни пакети, соработуваат со здруженија на деца со посебни потреби, организираат хуманитарни базари на кои продаваат свои производи и друго. Особено соработуваат со Црвениот крст и со други организации кои се исто така, формирани на волонтерска база. Жените во Сојузот и здруженијата се синоним за волонтерство и хуманост.

  • Вие сте жена, мајка, баба, сопруга и активна пензионерка. Како го постигнувате сето тоа? Имате ли време за се’? Што правите во слободното време?

- Во слободното време читам книги, правам кратки прошетки, се дружам со моите пријателки и се грижам за моето домаќинство. Кога нешто се сака, секогаш може да се најде време. Јас сум по професија економист, рационална личност и со добро планирање и организација, се трудам да  ги обавувам и сите овие  „функции“, се надевам успешно.

  • Од сето тоа што го кажувате Вие сте една успешна жена- пензионерка иако сте во третата доба. Кажете има го Ве молам и на другите жени-пензионерки рецептот како може да се биде успешен на повеќе полиња во исто време.

- За успешна жена нема посебен рецепт, тоа е индивидуално според можностите и желбите на секоја жена. Мојот рецепт е се’ што се работи да се работи со посветеност и љубов. Успехот неминовно следи. Исто така за успешност потребно е и постојано надградување на се’ што се знае и што е потребно за да се добијат подобри резултати.

  • Што мислите како треба да се одбележува 8. Март, Меѓународниот ден на жената?

- Осми март, Меѓународниот ден на жената сметам дека треба да се одбележи работно, но може да се направи и прослава во зависност од желбите на секоја жена поединечно.

Според мене жената треба да се почитува за сето она што го прави за семејството и општеството секој ден, а не тоа да се случува само на овој ден. Таа тоа го заслужува.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3