12 претседателки на здруженија на пензионери во СЗПМ
24.3.2024
Во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија по 78 години постоење оваа 2024 година го дочекавме 8. Март со 12 претседателки од 53 здруженија на пензионери или во проценти 22%, за разлика од пред 20 години кога имало само 4 претседателки на здруженија или само 8%. При тоа сите здруженија на кои претседателка е жена нижат успеси и резултати.
Овој подем и застапеност на жени за претседателки особено е забележителен откако на чело на Сојузот за првпат после толку години е жена, истакнат и долгогодишен активист и експерт во доменот на инвалидско-пензионерско осигурување и во пензионерското организирање, Станка Трајкова.
Зошто овие 12 претседателки се нафатиле да бидат на чело на едно здружение и покрај големата одговорност и потреба да се справат со повеќе предизвици. Еве ги нивните одговори
ЗП Битола
претседател Даница Петличкова
Главна мотивација да ја прифатам оваа функција ми беше Конвенција за отстранување на сите облици на дискриминација врз жени на ООН, според која треба да се реализираат сите права и слободи на жените врз основа на рамноправност со мажите. Тргнувајќи од оваа Декларација, како претседателка на најбројното здружение во Сојузот и со најдолга традиција на пензионерско организирање, мојата цел е и ќе биде вклучување на жените пензионерки во сите сфери на општественото живеење како и во сите органи и тела на пензионерското организирање. Активности имаме во сите сфери на пензионерското организирање. Со мое лично залагање и на повеќе членови од ЗП Битола, даваме придонес и во органите на Сојузот.
ЗП Валандово
претседател Горица Михајлова
Како вработена во ОВР на РМ во пензија отидов релативно рано, заради бенифициран стаж. Веднаш се вклучив во здружението на пензионери. Се нафатив да бидам претседателка бидејќи сметав дека имам енергија, знаење и искуство да придонесам за поактивно стареење на пензионерите од ЗП Валандово. Не бев веднаш претседателка, но моите заложби беа препознаени и сега со одговорност ја извршувам оваа значајна функција: претседателка на здружението. Постигнуваме видливи резултати на спортски, културен и хуманитарен план. Според мене животот на највозрасните стана посодржаен.
ЗП Виница
претседател Павлина Ангеловска
По професија сум економист. Се нафатив да бидам претседател на Здружението со желба финансиски да го средам. Откога сум претседателка клубот на пензионери заживеа, а ќе отвориме и нови клубови. Подем има и културно-забавниот живот оформувавме игроорна и пејачка група со која ќе настапуваме. Ќе настапиме на регионалните ревии на песни, музика и игри, како и на спортските натпревари. Ќе ги организираме сите зацртани програмски цели. Резултати има, а мислам дека ќе ги има уште повеќе во иднина во интерес на луѓето од третата доба.
ЗП Гази Баба
претседател Стојна Тодоровска
Во ЗП Гази Баба долги години сум инволвирана во сите случувања и активности и ги познавам проблеми. По професија сум економист и ги знам работите и од тој аспект. Сето ова поткрепено од членството и нивната желба да ја прифатам оваа важна функција ме мотивираше да прифатам. Работењето ме исполнува и работам со задоволство. Ме радува кога ќе видам насмевка на нечие лице и го нема чувството на осаменост. Активни сме на секој план. Соработуваме со СЗПМ, со Црвениот крст, и со други здруженија со кои сме збратимени. Неодамна го прославивме големиот јубилеј на здружението: 51 година постоење.
ЗП Делчево
претседател д-р Виолета Арсова
Се нафатив да ја извршувам оваа одговорна и важна функција со желба луѓето од третата доба да имаат подобар живот, а пред с? да бидат поздрави. Како некогашен лекар по професија, со помош на мојот авторитет пронаоѓам начини да им создадам на моите возрасни сограѓани пријатно катче каде ќе го поминуваат своето време, а како лекар се трудам да ја подигнам нивната свест за превенирање и чување на нивното здравје со совети, организирање предавања и друго. Со други зборови се трудам да ја оправдам довербата што ми ја дадоа.
ЗП Кочани претседател
Јелица Зафирова
Мојата главна мотивација да бидам претседателка на ЗП Кочани беше да го заживеам здружението со воведување нови форми и содржини, со нивното омасовување со релативно помлади членови, особено жени. Иако знаев дека сето тоа бара многу труд и ангажирање, не се двоумев. Резултатите доаѓаат на задоволство на сите. За време на моето претседателствување успешно се одржа Републичка ревија на песни, музика и игри во Кочани, а нашето здружение со успех ја претставуваше нашата земја, градот и СЗПМ на Меѓународниот фестивал за трето доба во Љубљана, Р Словенија.
ЗП Лозово
претседател Марија Моневска
Се кандидирав за претседател на здружението на пензионери затоа што чувствував дека имам капацитет да ја вршам оваа одговорна функција. Исто така имав голема желба ЗП Лозово да го извлечам од анонимноста и да го ставам на ниво кое здружението иако е мало, тоа го заслужува. Мислам дека успеав и заради тоа сум многу горда. Организираме повеќе средби, екскурзии и манифестации, а во моментов сум и претседателка на Координативното тело на Активи на пензионерки при СЗПМ. И оваа функција ја извршувам одговорно и сум горда на довербата што ми е дадена.
ЗП Македонска Каменица
претседател Јаворка Соколовска
Кога одлучив да се нафатам на барање на членството да бидам претседателка на здружението решив да се посветам на збогатување на сите активности, а особено на хуманитарните активности. Иако сме релативно мало здружение не заостануваме во ништо и со другите активности. Го подобривме квалитетот на животот на пензионерите, преку разни манифестации и дружења на кои доаѓаат голем број пензионери од речиси сите здруженија членки на Сојузот. Имаме добра соработка и со Општината, со градоначалникот и со други институции во интерес на нашето членство.
ЗП Пехчево
ретседател Павлина Цековска
Пензионерскиот живот без ангажирање на сите може да биде здодевен. За да има случувања потребно е да се заложат сите. Бидејќи сметав дека можам да придонесам да се воведат нови активности и животот на луѓето во трето доба да биде поинтересен, ја прифатив оваа функција и ја извршувам според моите можности. Сметам дека е мојот труд го препознава членството. При моето доаѓање на оваа функција воведовме парно греење и реновиравме дел од некои инсталации во здружението.
ЗП Радовиш и Конче
претседател Ефтерпи Димитрова
Ја прифатив оваа функција и со задоволство ја извршувам. И самото мое име “Муза на поезија# упатува кои се главните преокупации во мојата работа како претседателка на здружението. Успеав да го подигнам квалитетот на културниот живот на највозрасните. Оформивме клуб на читатели на книгата, склучивме договори за пониска цена на претстави во театрите во Радовиш и Штип, и националната опера и балет, а особено сум горда на легализација на имотот на здружението. Чест ми е што ја добив оваа функција и воопшто не го жалам мојот труд и потрошена енергија.
ЗП Струмица претседател
Данче Даскаловска
Не е лесно да се биде претседател на здружение на пензионери. Бара многу енергија и заложби и издвојување на време што можеш да го искористиш за други работи, но кога ќе се видат резултатите и дека си оставил работи кои ќе се паметат, с? се заборава. Да се заокружат одредени сериозни проекти бара да се биде подолго на чело на здружението. Тоа главно ме мотивираше да бидам претседател уште еден мандат.
ЗП Шуто Оризари
претседател Љиљана Хајдар
Долго време сум активна на сите полиња во здружението на пензионери. Ги познавам и случувањата и можностите на нашето здружение. Од таа причина се нафатив да бидам претседателка на здружението и да помогнам тоа да опстојува и да се развива. Додатно на тоа, сакав да докажам дека и ромската жена е и способна и има капацитет да ја врши оваа важна функција која ја извршувам. Во нашето здружение опфатени с? повеќе жени особено во играорната група.