Инфо  

Галерии

За и околу регионалните и републичката ревија на песни, музика и игри и спортските натпревари во организација на СЗПМ

28.4.2024

Регионалните и Републичката ревија на песни, музика и игри и спортските регионални и републички натпревари се најмасовните традиционални и манифестации кои најдолго се одржуваат во организација на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, на кои учествуваат повеќе од 25 000 пензионери организирани во 53 здруженија членки на Сојузот.

Целта на овие значајни активности кои се одржуваат секоја година е подобар и посодржаен живот на луѓето од третата доба и претставува програмска определба на Сојузот. Регионалните манифестации се одржуваат секоја година во други 8 градови со исклучителна согласност на одбраното здружение, кое може да се откаже од оправдани или субјективни причини и тогаш на негово место се кооптира друго здружение кое може и сака да биде домаќин. При изборот на здружение не се гледа големината на здружението туку неговите можности и ред да биде домаќин. Да бидат домаќини сите здруженија прифаќаат со радост И тоа им претставува чест. Домаќини биле и Вевчани и Лозово и Дојран, но и Битола, Прилеп, Куманово со членови од 350 до 19 000 членови. Со други зборови изборот не е препуштен на случајност. Активностите се одржуваат според правилници и финансиска и секаква друга помош од Сојузот. Ревиите имаат главно ревијален карактер, но и извесен натпреварувачки карактер. Изборот го врши Комисијата за културно-забавен живот при ИО на СЗПМ и Организацискиот одбор, на предлог на селекторот. Најдоброто здружение или најдобрите две се стекнуваат со право да учествуваат на Меѓународниот фестивал на трета доба во Љубљана каде го претставуваат Сојузот, градот и нашата држава, па затоа многу се внимава при изборот на претставникот. Токму заради оваа манифестација, ревиите на песни, музика и игри, Сојузот доби статус на организација од јавен интерес со решение на Владата на РСМ.

Спортските регионални и републички натпревари имаат исклучително натпреварувачки карактер. Резултатите ги верифицираат стручни луѓе - пензионери со големо искуство и знаење кај спортските натпревари, таканаречени судии, како и Организациски одбор и Комисијата за спорт и рекреација при ИО на СЗПМ.

По сите овие добро и квалитетно организирани активности сме препознатливи и во опкружувањето на нашата земја, затоа сите недобронамерни инсинуации не му користат на никој, а најмалку на некои „автори“ што се обидуваат да ја намалат важноста на оваа манифестација. За таа цел нека придонесат тие што критикуваат на дело, а не на збор без факти.

Со заеднички сили секогаш ќе бидеме подобри и поквалитетни во сите активности, а особено на овие кои ги изведуваат пензионери аматери со голем ентузијазам и елан. На крајот во практика се одржуваат подготвителни состаноци кои треба да бидат исклучително со работен карактер. Во прилог на подготвителните состаноци и воопшто во реализирање на регионалните и републички манифестации здруженијата треба да се придржуваат до членот 11 и 12 од Одлуката за утврдување на единствените критериуми за материјално-финансиското работење на здруженијата на пензионери и Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија кои одредби гласат:

Член 11

Финансирањето на реализацијата на заеднички манифестации или манифестации од посебен интерес од спортот и културата, здруженијата го вршат од сопствени средства, од средства добиени од покровители и од Сојузот (за домаќините на регионалните и републичките спортски натпревари, на домаќините на регионалните и републичката ревија или за одредени проекти).

Висината на средствата за намената од став 1 на овој член, здруженијата и Сојузот ги утврдуваат со своите финансиски планови и со пресметките за програмите, за секој проект одделно.

Член 12

Поединечниот износ за здруженија домаќини на регионалните и републичките спортски игри, за регионалните и републичката ревија на песна, музика и игра или посебни проекти во областа на културата, се определува за покривање на следните позиции: за домаќините на регионалните спортски игри до износот на реалните трошоци според претходно утврдена посебна пресметка на трошоци која опфаќа трошоци на уредување на терените, озвучување на сцената за отворање и затворање на игрите, осигурување на учесниците во атлетските дисциплини, трошоци за лекарска екипа и друго; за домаќините на регионалните и републичката ревија на песна, музика и игра, до износот на реалните трошоци според претходно утврдена посебна пресметка на трошоци на закуп на сала, озвучување на сцената за отворање и затворање на ревијата и трошоци за селекторот и друго. Надлежниот орган на Сојузот со посебен акт, во рамки на годишната програма за работа и финансискиот план ги определува домаќините на регионалните и републичките манифестации и организаторите на посебни проекти.“

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3