Инфо  

Галерии

Емисија „Трета доба“ на МТВ

4.6.2024

Емисијата „Трета доба“ која се емитува на првата програма на Македонската телевизија, премиерно секоја прва сабота во 13:30 часот, по вестите, и репризно наредната сабота, од ден на ден е сe попопуларна меѓу пензионерите заради интересните содржини и убавото водење и непосредната комуникација со учесниците во емисијата, на новинарката и водителка Јасмина Никова.  Во емисијата има песни, музика, спорт, хуманитарни и други активности на здруженијата и на Сојузот. Честопати во емисијата гостуваат и претставници на раководствата на здруженијата и на Сојузот.

На 1 јуни 2024 година во емисијата гостин беше Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија Станка Трајкова, која даде конкретен и автентичен пресек на активностите на Сојузот во изминатиот период. Таа меѓу другото рече:

-Дозволете ми да започнам со зборовите: „Мај, е месец на песна, музика и игри“, таков имаше текст на насловната страна на нашиот весник „Пензионер плус“. Тоа кореспондира со реалноста бидејќи почнувајќи од 17 април,  каде што домаќин беше ЗП Битола, започнаа регионалните ревии на песни, музика и игри, а осмата и последна регионална ревија беше на 21 мај, каде што домаќин беше ЗП Солидарност-Аеродром.

Како што е познато тоа се наши традиционални активности кои се случуваат по 22 пат. Одржувањето на регионалните ревии кои се одржуваат во 8 региони со право го нарекуваме пролетно музичко движење или музички караван кој  има и во себе друга компонента, а тоа е дружењето на пензионерите. 

Пред извесно време прочитав дека осаменоста  во Германија ја опишуваат како епидемија поврзувајќи ја со прашалната реченица: ”Дали осаменоста не е закана и за демократијата?“  Затоа треба да ги повикуваме пензионерите да се вклучат  во активностите на здуженијата или да присуствуваат на настани кои  се бесплатини и достапни на сите. Затоа што една средба со пријател или прашањето „КАКО СИ?“ допринесува за миг да заборавите на осаменоста. Отука, не  е случајно  нашите колеги пензионери ги создале регионалните и републичката ревија на песни, музика и игри кои со право се вклопуваат во мудрата мисла дека  она што можеш ти да го направиш, неможам јас, но заедно можеме.

Радува фактот што од година на година овие регионални ревии на песни, музика и игри се сe помасовни и поквалитетни. Во регионалните ревии зедоа учество околу 1 000 пензионери.  Кога сме кај ревиите да информирам дека Републичката ревија на песни музика и игри по 14-ти пат ќе се одржи на 8 јуни 2024 година во Домот на АРМ, за што сме му посебно благодарни на Министерството за одбрана. 

Покрај активностите на културно-забавен план, на 19 мај започнаа  да се реализираат и традиционалните регионални спортски натпревари кои започнаа во Пехчево, а ќе завршат на 22 мај 2024 година во Богданци.

Паралелно со одвивање на културните и  спортските активности се остваруваат и други активности.  Така  на 14.5.2024 година во просториите на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, се одржа работна средба во рамки на соработката помеѓу Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје и Универзитетот за применети науки во Хаг, Холандија. Двата универзитета заеднички работат на испитување на ставовите на старите лица за тоа дали животот во Скопје е приспособен на потребите на лицата на возраст над 65 години. Со цел добивање на подетални информации за состојбите на локално, односно микро ниво, во моментот се реализира активноста за фотопродукција со употреба на геопортал. Оваа активност се реализира во рамки на проектот City&Co. Во активностите за собирање информации за состојбите во градот Скопје активно се вклучени членови на Сојузот.  На работната средба беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Сојузот и Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Потоа проф. Даниел Павловски на присутните им го објасни начинот на користење на електронските алатки за собирање податоци и сите чекори кои учесниците треба да ги направат при испраќање на материјали. Според нив благодарение на проф. Даниел Павловски и неговата умешност, непосредност и елоквентност презентацијата беше одлична.

Се разбира дека имавме и други активности, но овие се најважните во овој период.

Сите емисии на „Трета доба“ која се емитува на првата програма на Македонската телевизија може да ги гледате на следниот линк: https://play.mrt.com.mk/c/1118

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3