Инфо  

Галерии

Презентација на Платежната сметка на НБ погодна за пензионери 

10.7.2024

На 2 јули 2024 година гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска, вицегувернерот Емилија Нацевска и заменик-директорката на Дирекцијата за платни системи, Биљана Доновска-Гечева на Народна Банка на РСМ, го посетија Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. Повод за средбата е Законот за платежни услуги и платните системи објавен во Сл.весник на РСМ“ бр. 90/2022 и за други прашања поврзани со највозрасната и најмасовна граѓанска асоцијација во нашата земја.

Најнапред имаше средба на Гувернерката Ангеловска-Бежовска, Вицегувернерката Нацевска и Претседателката на СЗПМ Станка Трајкова, а потоа Гувернерката ги поздрави присутните пензионери на презентацијата на „Платежната сметка со основни функции која се отвора на барање на корисникот, физички лице“, и ја истакна важноста на поблиската соработка со здруженијата на пензионерите, заради заштита на нивните права како корисници на платежните услуги и нивно информирање за новините и погодностите коишто ги нуди новата законска рамка во оваа сфера. Таа потенцираше и дека Народна банка води сметка и за највозрасните клиенти во нашата земја, на што Претседателката Трајкова се заблагодари и за честа што им е направена на пензионерите со посета.

Излагање и објаснување на овој производ на Народна банка имаше заменик директорката на ДПС Биљјана Доновска-Гечева која преку видеопрезентација објасни дека согласно Законот за платежни услуги и платните системи оваа сметка овозможува извршување на платежни трансакции исто како и другите сметки, но има и други поволности, односно ги нуди следните платежни услуги:

  • Отворање, одржување и затворање на платежна сметка
  • Пет бесплатни кредитни трансфери во интерниот платен систем
  • Кредитни трансфери на шалтер, електронско банкарство или преку траен налог,
  • Внесување и повлекување готовина
  • Плаќање сметки за комунални и други услуги, јавни давачки и друго, или користење дебитни платежни картички за купување

За услугите што се вршат со платежната сметка за основни функции банката наплатува вкупен месечен надоместок кој не смее да биде повисок од 0,1% од просечно исплатена плата во последните 12 месеци или 38 денари месечно што е мнобу поповолно од сегашните провизии кои ги наплаќаат банките.

Платежната сметка со основни функции фактички е трансакциска сметка и е наменета за лица кои користат мал број на трансакции во текот на месецот, односно немаат потреба од зачестени трансакции.

Основната идеја за овој тип на платежна сметка е да се заштитат лицата со минимални примања, (меѓу кои се и корисниците на пензија со најниски пензии), од плаќање на високи провизии при плаќањето на обврските.

Платежна сметка со основни функции е денарска сметка, вклучува дебитна картичка (не вклучува кредитна картичка), а доколку корисникот сака да користи кредитна картичка се склучува одделен договор.

На корисникот на платежна картичка не му е дозволено пречекорување, односно навлегување во т.н. минусно салдо. Корисникот на платежна сметка со основни функции може да ги користи само расположливите средства на сметката.

Заради заштита од плаќање на високи провизии при плаќање на комуналните сметки, поповолно е корисниците на најниски пензии истите да ги уплаќаат на WEB страните на давателите на услуги (парно, струја, вода и други давачки).

Граѓанинот може да отвори платежна сметка со основни функции кај банка или друг лиценциран давател, при што поднесува барање за отворање барање за платежна сметка со основни функции и приложува изјава дека нема отворена друга платежна сметка во денари кај истата или кај друга банка во земјата. Исто така, граѓанинот може да бара трансформирање на „обичната“ платежна сметка во платежна сметка со основни функции кај истата банка или лиценциран давател.

Платежната сметка со основни функции за потрошувачи на група корисници на законски права е платежна сметка со основни функции за која не се пресметува и не се наплатува надоместок за напред наведените услуги доколку потрошувачот припаѓа на група корисници на следните законски права:

  • законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување или губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давателот на здадршката,
  • надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување,
  • парична помош од социјална заштита
  • привремена невработеност
  • додаток на деца и
  • стипендија, кредит и помош на ученици и студенти.

Потрошувачите ќе можат да користат релативно широк сет на платежни услуги кои ги дават банките и штедилниците за што ќе плаќаат надоместоци со разумна висина.

По стручното и јасно објаснување на заменик-директорката на ДПС Доновска-Гечева обраќање имаше Претседателката на СЗПМ Станка Трајкова, која меѓу другото рече:

- На 12 март 2024 година се одржа седница на Правно-економскиот форум при Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија во врска со платежната сметка, во кој членуваат пензионери некогашни стручњаци познавачи на финансискиот домен.

По Информацијата за можностите и условите за отворање на платежна сметка и за нејзините основни функции имаше дискусија по која на форумот беа донесени следните заклучоци:

  • Дека треба да се изрази благодарност на Народна Банка на РСМ во врска со овој вид на платежна сметка, но истовремено се констатира дека се предвидени недоволен број на погодности од аспект на трошоците на пензионерите со оглед на ниските пензии на голем број на пензионери;
  • Да продолжат натамошните разговори со Народната банка на РСМ и деловните банки за зголемување на погодностите на корисниците на пензија во државата со покривање само на реалните трошоци, намалување на каматите на дозволениот минус и друго;
  • Информацијата со заклучоците на Форумот да се достават за запознавање до здруженијата на пензионери, членки на Сојузот заради подетално запознавање на заинтересираните пензионери.

На работилницата по излагањето на Претседателката на СЗПМ Трајкова имаше прашања од страна на присутните на кои Доновска-Гечева сеопфатно и детално даваше одговори на општо задоволство на присутните.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3