За најавеното усогласување на пензиите
26.8.2024
Усогласувањето на пензиите е добредојдено за корисниците на пензија бидејќи преку пензијата се обезбедува материјална егзистенција на пензионерката популација. Најавеното усогласување од 2.500 односно 5.000 денари е значајно за пензионерот, но притоа мора да се има предвид и финансиската одржливост на пензискиот фонд бидејќи тоа е многу значајно за редовна исплата на пензиите. Исто така, во контекст на оваа усогласување е и прашањето на осигурениците вклучени во капитално финансирано пензиско осигурување како идни пензионери. За да се реализира споменатото усогласување ќе мора да се направат соодветни измени и дополнувања на ЗПИО и во нив законодавецот ќе мора да го утврди карактерот односно да го дефинира ова усогласување дали тоа ќе претставува само нивелирање на пензиите или ќе има друго значење во формулата за усогласување на пензиите. Тука, се наметнува и прашањето за системското усогласување на пензиите и кои параметри ќе се користат како и периодот на усогласување на пензиите.
Кога станува збор за пензиите Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија веќе подолг период го истакнува барањето на пензионерите, пензиите да се усогласуваат два пати во годината и тоа: од 1 јануари и од 1 јули во тековната година, за да не им се скратуваат 4 месеци од тековното усогласување, кое им следува за цели 12 месеци. Верувам дека оваа неправда ќе се исправи со следните измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Станка Трајкова
Претседател на СЗПМ