Средбите и учеството на фестивалот „Трета животна доба“ во Љубљана имаат повеќекратно значење
7.10.2024
Интернационалниот фестивал „Трета животна доба“ се одржа од 30.09.2024 до 02.10.2024 година во Цанкарјевиот Дом во Љубљана, Република Словенија. Овој фестивалот се одржува веќе 23 години по повод Први октомври меѓународниот ден на старите лица. На фестивалот оваа година во Љубљана, присуствуваше Претседателката на Сојузот на здуженија на пензионери на Македонија Станка Трајкова, која во Љубљана се сретна со видни личности поврзани со организацијата на овој престижен фестивал и со Претседателката на Сојузот на пензионери на Словенија Јан Зденка и нејзините соработници.
На средбата со претставниците од Македонија и Словенија, двете страни се запознаа меѓусебно со нивните активности и начинот на организирање на пензионерскиот живот во нивните земји. Исто така, разменија искуства и сознанија кои ќе ги применат во своите Сојузи, а беше договорено соработката да продолжи во интерес на пензионерите. На средбата е договорена и возвратна средба во Скопје на иницијатива на Претседателката на Сојузот на пензионери на Словенија Јан Зденка, каде таа ќе се запознае со интересни и битни проекти во СЗПМ, кои кај нив ги нема. Идејата Претседателката Јан Зденка да го посети нашиот Сојуз беше прифатена со задоволство.
Покрај оваа средба Претседателката Трајкова заедно со своите соработници имаше средба и со Власта Низдорфер Претседателка на Програмскиот совет на фестивалот.
Во врска со престојот на фестивалот, Претседателката Трајкова меѓу другото изјави:
„Средбите и учеството на нашите здруженија на пензионери од Ѓорче Петров од Скопје и Македонска Каменица имаат повеќекратно значење. Општ заклучок е дека ние таму бевме вистински амбасадори на нашата земја и претставници кои достојно ги претставивме македонските пензионери и нивната почит кон традицијата и нашето богато културно наследство, на што сме особено горди. На фестивалот учествуваа две здруженија од Македонија, ЗП Ѓорче Петров и ЗП Македонска Каменица, кои со своите програмски настапи на регионалните и републичката ревија со квалитетно, креативно презентирање на нашето богато фолклорно и песнопојно музичко творештво добија можност да учествуваат оваа година на фестивалот во Љубљана со поддршка на СЗПМ“
Во триесет минутниот настап на отворена сцена учесниците, музичарите, солистите и фолклористите со позитивна енергија, со самоуверена емоција ги испеаја песните и ги изиграа ората со кореографиите со жива ритмичка динамика.
На фестивалот ЗП Ѓорче Петров се претстави со многу талентиран и успешен пејач кој со својот милозвучен глас ја пренесе позитивната топла емоција и пораката на песната „Стојне ле Стојне“ и песната „Дано Данице ресенска убавице“ го потврди својот креативен потенцијал со поддршка на музиката, а паралелно се играше фолклорно кореографска симболика. Во продолжение на сценскиот настап и оригиналната народна носија, игроорците го играа орото „Црногорка“ со разиграни кореографски елементи – фигури на клекнување со завртување и визуелни машки пируети за на крајот да завршат со „Колено чекори“.
Сценскиот настап на ЗП Македонска Каменица беше со изворната песна „Ој Месечино“, која ја испеа „Женско Трио”со силен вокален тоналитет. Двата машки солисти ги испеаја песните „Садила Јана ранбел босилок“ и „Кичичице бујна ливадo“ во придружба на кавал и тапан. Како круна во фолклорната изворна изведба беше орото „Копачка – фатени за појас“, кое заради оригиналноста е заштитено од УНЕСКО како трајна фолклорна вредност.
Настапите на двете здруженија беа наградени со силни аплаузи на публиката. Како кулминација, креативната интерпретација на песната „Среде Скопје Вардар тече“ ја поттикна публиката да се вклучи во развиореното оро и знаме и со нескриен восхит се пееше далеку познатата песна „Македонско девојче“.