Констатации и заклучоци
22.10.2024Извршниот одбор на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија на 8.10.2024 година ја одржа својата 18-тата седница на која едногласно беа донесени следните
КОНСТАТАЦИИ И ЗАКЛУЧОЦИ
1. Функционирањето на пензионерското организирање се одвива во специфични и отежнати услови предизвикани од актуелните состојби (пред и постизбори) како и протестите на група – поединци пензионери кои шират обвинувања за неправилнo и незаконито работење на Сојузот и здруженијата на пензионери со наводи за злоупотреба на средствата од членарината како и барање за давање посебни изјави за делот од пензијата што се одвојува за посмртната помош и членарината, како и оставка на претседателот на Сојузот, односно промена на сите раководства и по здруженијата, со цел да се заменат со “нови и чесни луѓе”.
2. Извршниот одбор овие обвинувања и барања ги оценува како неосновани и невистинити бидејќи се работи за легално избрани органи во Сојузот и здруженијaта на пензионери, а доколку некаде постоеле пропусти Сојузот секогаш упатувал на подигнување на соодветни постапки за заштита на правата.
3. Протестите на група пензионери - поединци главно се случуваат во Свети Николе и Прилеп на кои се ветувало добивање значајни позиции во Сојузот и во здруженијата на пензионери како и соодветна материјална и политичка поддршка. Според “незванични” информации, на водачите, им се исплатувал извесен надоместок, а по одржување на протестите се одвивале ресторански седенки.
4. Извршниот одбор изразува загриженост и поради фактот што во групата пензионери во Прилеп се приклучувал и пратеник кој ги поддржува и поттикнува пензионерите што е крајно недозволиво кога се работи за граѓанска организација.
5. Сојузот и здруженијата на пензионери како граѓански организации само бараат слободен простор за дејствување и да бидат тампон меѓу власта и граѓанинот во остварувањето на своите права и обврски.
6. Пензионерите што протестираат си ги остваруваат сите права во здруженијата, а доколку не се уплатува членарина не постои правен основ пензионерот да користи каков било бенефит од здружението, бидејќи не е легитимен член во здружението.
7. Извршниот одбор оценува дека загрижувачка околност е што одделни пензионери што протестираат нанесуваат навреди, вознемиреност и закани на претседателите и нивните семејства.
8. Извршниот одбор оценува дека е потребна поголема застапеност на Сојузот и на здруженијата на пензионери на медиумите со цел информирање за нивната работа, особено за користење на средствата од членарината.
9. По наводите за злоупотреба на средствата од членарината Извршниот одбор истакнува дека и Сојузот и здруженијата на пензионери се правни субјекти кои покрај отчетот пред органите во Сојузот и во здруженијата на пензионери одговараат и пред државните органи во делокругот на нивните надлежности кога се работи за граѓански организации.
10. По наводите за реформи во СЗПМ и во здруженијата на пензионери Извршниот одбор истакнува дека организациската поставеност е во согласност со Законот за здруженија и фондации и нивните статути, кој модел се поддржува и дали треба ние како сегашна генерација на пензионери да го нарушиме - обезвредниме односно растуриме пензионерското организирање кое како област успешно функционира околу 78 години. Ова е затоа што покрај активностите во здруженијата на пензионери (социјални, солидарни и обезбедување на активно стареење) и исплатата на посмртната помош, несомнено е дека се обезбедува и социјален мир во државата. Затоа, голема е одговорноста на секој поединец вклучен во пензионерското организирање да придонесува во интерес на сите пензионери, над личните интереси.
11. Во услови на протести здруженијата на пензионери покажаа сериозен однос како граѓански организации, бидејќи легитимно и организирано не се приклучија кон протестите. Тие работеа во интерес на пензионерите без да внесуваат немир и збунетост кај пензионерите во непречено остварување на нивните активности. Но, факт е дека секојдневните протести пред вратата на некои здруженија на пензионери истите ги дефокусираат во извршување на своите редовни работи.
12. По прашањето на избори Извршниот одбор оценува дека тие се одвиваат согласно со статутите и другите акти на Сојузот и на здруженијата и тоа на секои 4 години. На изборите се испитува подобноста односно кредибилитетот, компетентноста и угледот, услови кои се битни за избор на одредено лице на значајна функција. Пензионерите што протестираат може да се вклучат во редовните постапки кога се спроведуваат во здруженијата и во Сојузот.
13. Подигнатите барања за издвојување на изјаснувањето на пензионерите посебно за посмртната помош и посебно за членарината, Извршниот одбор оценува и констатира дека солидарниот фонд во изминатиот долгогодишен период успешно функционира на општо задоволство на сите корисници на пензија. Солидарниот фонд (посмртна помош и членарина) отсекогаш претставувале една целина и откако постои солидарниот фонд пензионерот се изјаснувал со една изјава и за посмртна помош и за членарина и од тие причини така е креиран и образецот при поднесување барање за пензија и во делот на лични изјаснувања пензионерот со “да“ или “не” се изјаснува за членство во здружение на пензионери и во солидарен фонд. Посмртната помош и членарина е една целина, бидејќи средствата за посмртна помош се лични средства и со нив можат да управуваат само претставници – пензионери преку Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина, составена од 4-те сојузи. Преку уплатата на членарина се обезбедува управување и со средствата за посмртна помош, бидејќи тие се лични средства и се користат само за исплата на посмртнина на членовите на семејството на починат пензионер.
*** За поблиско информирање за солидарниот фонд во прилог е материјалот насловен како: ”Солидарниот фонд како организирана пензионерска солидарност“, составен дел на точката 10 од овој материјал.
14. Овие Констатации и Заклучоци да се достават до здруженијата на пензионери и да се разгледаат на нивните органи и потоа да се достави соодветна информација на Сојузот.
15. Покрај активноста од точката 11 на овие Констатации и Заклучоци, Извршниот одбор на Сојузот предлага и непосредни средби со претседателите на здруженијата на пензионери за изнаоѓање решенија со кои ќе се надмине предизвикот и на мирен и достоинствен начин да се унапреди пензионерското организирање, без “контра” протести кои не се во интерес на пензионерите.
16. По одржување на средбите со претседателите Извршниот одбор предлага на ниво на 53-те здруженија да се донесе ЗАЕДНИЧКИ ЗАКЛУЧОК за актуелните состојби во пензионерското организирање и истиот да биде објавен во весникот “Пензионер плус”.