Инфо  

Галерии

Македонскиот и српскиот сојуз на пензионери потпишаа Mеморандум за соработка во Белград

18.11.2024

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и Сојузот на пензионерите на Србија на 15 ноември 2024 година во Белград потпишаа Меморандум за соработка и размена на искуства во интерес на материјалниот статус на пензионерите, како и за  заштитата на пензионерските права, усогласувањето на пензиите и нивната редовна исплата и друго.

- Многу значајно прашање што е предмет на овој Меморандум, кој претставува потврдување на досегашните активности на двата сојуза на пензионери, се мерките во рамки на пензискиот систем и унапредување на активностите надвор од пензискиот систем во доменот на здравството и социјалното осигурување, спортските и културните активности и инклузивните активности на корисниците на пензија во општеството, бидејќи пензионерите со пензионирањето не се пензионираат и од општеството, туку избираат иднина и живот продолжувајќи да даваат свој придонес во повеќе области, а најмногу во области поврзани со пензионерите, - истакна меѓу другото  Станка Трајкова, Претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.

-Потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу двете национални пензионерски организации од Србија и Македонија е во духот на политичките односи кои во последните години се во нагорна линија. Двата сојуза со ова потпишување ја верификуваат досегашната соработка на нашите пензиски организации и ја  издигнуваат на национално и меѓудржавно ниво, со што практично создаваме  формално правни претпоставки соработката да ја збогатиме и издигнеме уште повеќе, - изјави проф. д-р Андреја Савиќ, Претседател на Сојузот на пензионерите на Србија.

На средбата на сојузите на пензионери на двете држави истакната е потребата од почести средби во функција на унапредувањето на положбата на пензионерите.

Потпишувањето на овој Меморандум е во рамките на Програмата на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија и на неговите здруженија како правни субјекти. Инаку Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија има соработка и со други држави во опкружувањето и пошироко. Таква соработка Сојузот има и со пензионерскиот сојуз на Словенија, Хрватска и на Албанија, а во иднина ќе се воспостави соработка со други земји.

На средбата делегациите на пензиските сојузи на двете држави имаа богата размена на искуства во врска со законските можности за унапредување на положбата на пензионерите во нивните земји. Беше констатирано дека тие имаат доста сличности, но и доста свои специфичности кои и едните и другите можат да ги вградат во своите сојузи.

На средбата од страна на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија покрај Претседателката Трајкова присуствуваа:

Здравко Петковски, претседател на Комисијата за спорт и рекреација на СЗПМ, кој е еден од главните основоположници на спортските активности во Сојузот, кои на регионално и републичко ниво се одржуваат веќе 28 години од познатата причина дека спортувањето и физичката активност се многу битни за здравјето на луѓето од третата доба и нивното активно стареење. Спортувањето е прва активност со која почнала  соработката меѓу пензионерите на двата сојуза.

На потпишувањето присутен беше и главниот и одговорен уредник на весникот „Пензионер плус“ Калина С. Андонова. Присутните од српска страна дознаа дека „Пензионер плус“ е бесплатен весник наменет за сегашните и за идните пензионери и излегува во 5 500 примероци, а го читаат околу 300 000 пензионери во над 450 клубови, но и нивните семејства.

На средбата присутен беше и Владимир Митревски од Здружението на пензионерите од ОВР на РМ, здружение со кое пензионерите од Србија членови на Здружението на пензионери од органите на безбедност на Србија интензивно соработуваа и редовно се среќаваат со години, особено на спортски план.

Од страна на Сојузот на српските пензионери присутни беа:

  •  м-р Драгана Калиновиќ, помошник на директорот на Републичкиот фонд на ПИО на Србија сега во пензија и претседател на „Покрет треќег доба Србија“;
  • Ружица Белановиќ, претседателка   на најголемото здружение во Сојузот на пензионери на Србија, Здружението на пензионери на градот Белград;
  • секретарот на Сојузот на пензионери на Србија Драган Петковиќ и
  • Михаило Петковски одговорен за меѓународни односи при Сојузот на пензионерите на Србија.

Средбата помина во пријатна и пријателска атмосфера на задоволство на двете страни, а прилог за овој настан имаше на повеќе телевизии, заради значењето на настанот.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3