Инфо  

Галерии

Соработката помеѓу Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија продолжува во интерес на пензионерите

13.12.2024

Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, Никола Мемов на 13.12.2024 година беше гостин на седницата на Извршниот одбор на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

- Одржувањето на оваа средба е во насока на продолжување на добрата соработката помеѓу Фондот за Пензиско и инвалидско осигурување и Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, којашто е воспоставена претходно, како и за запознавање на членовите на Извршниот Одборот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија со состојбата во Фондот и мерките што ги презема новото раководство за подобрување на неговата работа, - истакна меѓу другото Претседателката на Сојузот Станка Трајкова. Таа додаде дека во делот на работата на Одборот на регистрираната организација за солидарен фонд и членарина соработката е одлична и би требало да биде така и во иднина, бидејќи е во интерес на пензионерите.

Директорот Никола Мемов во своето обраќање на присутните рече дека по неговото доаѓањето на функцијата се преземени мерки за подобра организација на работата на филијалите за да се надмине проблемот со заостанатите предмети со што нивниот број е значително намален. Тој исто така додаде дека во Фондот, се работи и на краткорочни и долгорочни предлог мерки за зголемување на приходите на Фондот и намалување на дефицитот. Мерките ќе бидат доставени до Министерството за социјална политика, демографија и млади. Тој како приоритет ги посочи дигитализацијата на архивата и модернизирањето на информатичкиот систем на Фондот.

Во однос на пензионерските домови, за кој особено се интересираа членовите на Извршниот одбор на Сојузот, Директорот на Фондот Мемов рече дека се побарани средства за реконструкција на пензионерскиот дом „Борец“ во Битола, а се преземаат мерки во рамките на финансиските можности да се подобрат условите во сите пензионерски домови во сопственост на Фондот.

На крајот беше констатирано дека Фондот со новиот менаџмент работи на соработка со Сојузот со отвореност и разговор за сите проблеми, со што ќе може да се придонесе во подобрувањето на животот на пензионерите и зголемување на нивниот стандард.
Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3