ПРОЕКТ НА СЗПМ ЗА 2025 ГОДИНА
Грижа за животната околина
26.3.2025
На 20-тата седница на Извршниот одбор на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија одржана на 13 декември 2024 година, 2025 година се прогласи за ГОДИНА ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, со еколошки активности на пензионерите.
Согласно член 11 став 1 алинеја 17 од Статутот на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, како една од целите предвидена е грижата за унапредување на чиста животна средина. За постигнување на таа цел, Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, сака да даде свој придонес, бидејќи заштитата и унапредувањето на животната средина е од големо значење како на локален, така и на глобален план.
Активностите на Сојузот ќе се спроведуваат со грижа во унапредување на животната средина во соработка со надлежните органи, подготвување промотивен материјал за подигање на свеста за зачувување на здрава животна средина, особено важна за пензионерите, како и давање препораки до здруженијата на пензионерите во организирање на сопствени и инклузивни активности во општината кога се организираат еколошки активности.
Евидентно е дека човештвото се повеќе станува свесно за опасностите и ризиците по екосистемите, видовите и природните живеалишта, од уништување или деградација. Животната средина е под влијание на разни активности како: загадување, губење на биолошката разновидност, исцрпување на природните ресурси, атмосферски, климатски и други промени.
Должноста на секој поединец на свое ниво, е да се грижи за животната средина и да придонесе за зачувување, заштита и обновување на интегритетот на екосистемот на Земјата.
Пензионерите со своите искуства, дури и со мал напор можат да постигнат позитивни ефекти во зачувување на животната средина. Ангажирањето за зачувување на животната средина не само што им дава на постарите чувство за цел, туку и голем дел од еколошките активности се убав и пријатен начин да се исполни времето. Визуелната врска со природата и активноста во природните зелени површини, овозможуваат здравствени и психолошки придобивки за секого, а особено за пензионерите.
Хроничната осаменост кај луѓето од третата доба има значителни импликации врз менталното и физичкото здравје, со зголемен ризик од срцеви заболувања, депресија, анксиозност и ослабен имунолошки систем. Во свет кој се повеќе е поврзан со технологијата, потребата за директна интеракција и заеднички активности е поважна од било кога. Со создавање простори и активности кои ја поттикнуваат социјализацијата и интергенерациските активности може да се подобрат когнитивните, емоционалните и физичките резултати и кај постарите и кај помладите учесници, како и да се промовираат позитивни ставови кон стареењето и надминување на стереотипите за животот во третата доба.
Прогласувањето на 2025 година, како година на екологијата, е со цел да го направиме светот поубаво место за живеење!
Со еколошките активности од 2025 година ќе се продолжи и во наредните години!
В. Ненадиќ
ГРИЖА ЗА ЖИВОТНАТА ОКОЛИНА
Со Статутот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, како една од целите на СЗПМ предвидена е грижата за унапредување на чиста животна средина ( член 11 став 1 алинеја 17 од Статутот).
Науката која ја изучува заемната врска на сите живи организми на планетата помеѓу себе, како и нивниот однос кон опкружувањето и кон животната средина, е екологијата, а од особено значење е проучувањето на односот на човекот кон природата и животната околина.
Зголемувањето на глобалната свест за заштита на животната средина, има за цел да ги поттикне луѓето ширум светот да преземаат чекори за заштита на животната средина и да водат грижа за планетата.
Поаѓајќи од значењето на животната средина, во член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, животната средина е поставена како вредност и право кое мора да се заштитува и унапредува: “Уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата e темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија”.
Во член 43 од Уставот на РМ се пропишува: „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“,
Покрај уставните определби за животната средина, во правниот поредок се нормирани и повеќе прописи кои ги регулираат заштитата и унапредувањето на животната средина во Република Македонија.
Со оглед на тоа дека сите активности на човекот влијаат врз животната средина, придобивките од заштитата и унапредувањето на животната средина,се многубројни, како на пример:
- Превенција на болести
- Намалување на анксиозноста, депресијата, намалување на хормоните на стрес, што доведува до релаксација и емоционална благосостојба
- Подобрување на кардиоваскуларното и респираторното здравје
- Зголемување на нивото на енергија, концентрација и креативност за активно трето доба
- Чист воздух и пријатен амбиент за сите сетила
СЗПМ и здруженијата на пензионери-членки на Сојузот ќе остваруваат еколошки активности преку своите членки, со промотивни материјали и непосредни средби за укажување на значењето на здравата животна околина.
Основните активности да се одвиваат на локални места, каде што се лоцирани самите здруженија и тоа почнувајќи од нивната непосредна околина, дворови, шеталишта, реки и др. со придружување кон локални еколошки иницијативи, кампањи или едукативни семинари.

ПОРАКИ:
-- Заштеди на вода и енергија: внимавање на потрошувачката на вода и енергија каде што е можно.
- Поврзи се со природата: поминување време во природа, во шума или плажа и вклучување во активности кои промовираат одржување и зачувување на животната средина.
- Здруженијата на пензионери да соработуваат со други здруженија кои се занимаваат со еколошки активности и општините, со учество на разни настани во заедницата, посетување семинари, кампањи за садење растенија, за чистење на околината, учествуваање на разни базари на кои се презентира здрава храна, или се прикажуваат изработки од природни материјали и слично.
- Секој пензионер поединечно или групно, може да примени разни практики кои имаат позитивно влијание на одржувањето на здрава еколошка околина како познатиот слоган „Намали, повторно употреби, рециклирај“.
- Да ги едуцира помладите членови на семејството за значењето да се минимизира создавањето на отпад, со алтернативен избор за повеќекратна употреба и одделување на материјалите за рециклирање.
- Доколку е можно поврзување со локалните организации кои работат на заштита на природните живеалишта и дивиот свет.
- Придружете се на еколошките организации кои работат на влијание врз политичките одлуки за позелена и поодржлива иднина;
Внатрешните растенија, природното осветлување и погледите на зеленилото, зелените покриви, живите ѕидови, можат да ја подобрат внатрешната средина пружајќи чувство на поврзаност со природата и подобрување на севкупниот квалитет на животот, што има големо влијание врз ментална благосостојба на секој поединец, а особено на луѓето од третото доба.
Оваа 2025 година, година на екологијата, да го направиме светот поубаво место за живеење!
АФОРИЗМИ
- „Светот е прекрасно место за кое вреди да се бориш“. – Ернест Хемингвеј
- Среќата е букет диви цвеќиња, набрани со љубов од градината на животот - непознат автор
- „Пензионерите со одење во пензија не се пензионирани од општеството, тие избраа живот и иднина“ - Станка Трајкова

Еколошките активности од 2025 година ќе ги реализираме и во наредните години!
ЦЕЛИТЕ НА СОЈУЗОТ И ДЕЈНОСТИ СО КОИ ТИЕ СЕ ОСТВАРУВААТ
Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија е граѓанска организација која постои повеќе од 79 години во кој доброволно се здружени 53 здруженија со цел заштита на правата и интересите на пензионерите, на ниво на нашата земја.
Во здруженијата на пензионери се вклучени над 300.000 корисници на пензија,а здруженијата автономно го уредуваат начинот на внатрешното организирање, оснивање на ограноци како основни клетки каде реално се одвива пензионерскиот живот.
Сојузот како повисок облик на организирање има органи што се составени од претставници од здруженијата кои непосредно учествуваат во донесување на одлуките од страна на сојузните органи.Така од овие законски детерминанти произлегува и карактерот на Сојузот.
Заради целите и задачите што ги остварува СЗПМ кои се и од пошироко општествено значење се стекна и со статус од јавен интерес.
Согласно член 14 од Законот за здруженија и фондации, членовите на Сојузот и на здруженијата на пензионери можат со слободно искажување и промовирање на своите ставови, мислења и интереси да учествуваат во градењето на јавното мислење и креирање на политиките.
Целите и задачите на Сојузот се содржани во членот 11 од Статутот на Сојузот.
Пензиите во Републиката редовно се исплатуваат и усогласуваат и на крајот на 2024 година со извршеното тековно усогласување на пензиите од 1 март за 5,3% и од 1 септември со зголемување од 2.500 денари на сите пензии, просечната пензија изнесува 23.785 денари или 54,6% во однос со просечната плата на сите вработени во Републиката исплатена во декември 2024 година,што е мерило за вредноста на пензијата.
Сојузот и здруженијата на пензионери се финансираат со лични средства издвоени од пензиите од страна на Фондот на ПИОСМ врз основа на нивна доброволно дадена согласност. Оваа задача на Фондот е многу корисна и хумана, бидејќи овозможува поедноставно собирање на средствата за посмртна помош и членарина, без оптеретување на пензионерите поединечно да одат во банка за да платат средства за посмртна помош и членарина, за што покрај чекањето пред шалтерите би платиле и провизија.
Посмртната помош што се исплаќа на семејствата на починатите пензионери од 1 јануари 2024 година изнесува 35.000 денари, а членарината изнесува 30 денари.
НЕКОИ ОД АКТИВНОСТИТЕ НА СЗПМ
На регионално ниво во организација на Сојузот се одржуваат спортските натпревари и фолклорните ревии на песни, музика и игри во осум региони во кои се вклучени сите здруженија на пензионери.
Ревии на песни музика и игри
На ревиите пензионерите се преставуваат со песни, музика и игри, обичаи, легенди, преданија, гатанки, носии и накит од нивниот регион на кои се пеат македонски, албански, ромски, влашки песни и песни на сите кои живеат на овие простории. По завршувањето на регионалните ревии се одржува Републичката ревија на песни, музика и игри во организација на Сојузот. На Републичката ревија учествуват 25 здруженија на пензионери од кои две здруженија на пензионери се избираат да учествуваат на фестивал на “Трето животно доба” во Љубљана Република Словенија, голема манифестација од овој тип во Европа, по повод меѓународен ден на стари лица 1-ви октомври.
Републичките ревии, заедно со регионалните ревии на песна, музика и игри се подржани од Влдата на РСМ, затоа што се оценети како манифестации од национален интерес.
Спортски натпревари
Регионалните спортските натпревари се одржуваат во 8 региони од кои се избираат здруженија за учество на Републичките спортски натпревари. Во знак на одбележување на Денот на пензионерите на Македонија 20-ти септември, традиционално веќе 31 година се одржуваат Републичките пензионерски спортски натпревари. Пензионерските спортски игри како регионалните така и републичките преставуваат масовен спортски настан кои активности се поддржувани и од локалната самоуправа.
Хуманитарни активности
Хуманитарни активности секогаш биле во фокусот на сите 53 здруженија на пензионери -членки на Сојузот за социјални и солидарни намени.Помош добиваат пензионери со пониски пензиски примања во вид на пакети со храна и средства за хигиена, ваучери, парична помош за болничко лекување, елементарни непогоди, бањско лекување и друго.
Масовни собири и настани
Секоја година на разни локации се одржуваат масовни собири на кои учествуваат голем број на пензионери од целата држава. Покрај дружењето на овие собири има и други активности кои имаат за цел да ја зачуваат традицијата и обичаите од тој регион.
Информирање, издавачка дејност и творештво
Информирањето во СЗПМ се одвива преку издавање на весникот “Пензионер плус “ каде има и страница на албански јазик, весникот” КОХА” и веб страницата, како и преку издавање билтени за спорт и ревии на песни, музика и игри, а и преку електронските медиуми на локално и национално ниво како што е емисијата на МТВ -Трета доба.
Сојузот поттикнува издавачка дејност и творештво за што постои и соодветна правна рамка.Ваквите форми и содржини на работата на Сојузот квалитетно го збогатуваат животот на пензионерите и го афирмираат духовното творештво што претставува активност на Сојузот на едно повисоко скалило.
Пензионерски екскурзии
Екскурзиите се прифатени од пензионерите и имаат повеќекратно значење, бидејќи на тој начин им се обезбедува активно трето доба, надминување на осаменоста можност на пензионерот да ја запознае татковината, превенција на здравствената состојба како и развивање на соживот и меѓусебно заедништво.
СЗПМ
WWW.SZPM.ORG.MK
Контакт тел: 3 128 390, kontakt@szpm.org.mk