Еколошки активности на пензионерите
23.5.2025
СЗПМ годината 2025 ја прогласи за година на еколошки пензионерски активности грижа за животната средина. Поголем број здруженија на пензионери членки на Сојузот се вклучија и во најголемиот еко-проект во нашата земја „Генералка викенд 2025“ организиран од Men end Maunten DOO.
Пензионерите од ЗП Битола, заедно со инвалидските пензионерите, масовно се вклучија во најмасовната акција во државата „Генералка викенд 2025“, која се реализира 5-та година по ред. Генералка се направи во заедничките простории во здружението, дворното место и улицата пред здружението. Се засадија и нови садници на цвеќе, а беа собрани повеќе пластични кеси соотпад. Со оваа активност ЗП Битола ја започна годината посветена на „грижата за унапредување на чиста животна средина“ една од активностите во програмата за 2025 година и една од главните цели на СЗПМ.
На 9 мај 2025 година со учество на поголем број пензионери кои живеат во околината на месните ограноци на подрачјето на ЗП Охрид и Дебрца, спроведоа еколошка акција согласно со годишната програма на СЗПМ и на здружението за 2025 година која е прогласена за „година за грижа и заштита на животната средина“. Во акцијата пензионерите самостојно собраа поголема количина расфрлан отпад што го складираа во соодветни контејнери и канти. Исто така, во Домот на пензионерите во Охрид се изврши чистење и средување на просториите и дворот.

Голем број пензионери при ЗП Гази Баба се вклучија во еколошката акција „Генералка викенд“ која е една од активностите во програмата за 2025 година и една од главните цели на СЗПМ и на здружението. По тој повод го исчистија и уредија просторот околу седиштето на здружението во пензионерскиот дом во Автокоманда со што ја поддржаа Еко-активноста „Генералка викенд 2005“.

На 9 мај 2025 година членови од ЗП Македонски Брод ја изведоа акцијата, чистење од отпад и уредување на дворниот простор околу клубот на здружението. Со оваа акција здружението го поддржа најголемиот еколошки настан во нашата земја „Генералка викенд 2005“. Комуналното претпријатие исто така се вклучи да го транспортира собраниот отпад.

Во рамките на акцијата „Генералка викенд“, ЗП Македонска Каменица се приклучи кон Еко-иницијативата, која успешно ја спроведе со чистење и хортикултурно средување на просторот пред здружението и уште еднаш покажаа дека природата заслужува љубов, грижа и почит. Со цел да придонесат кон почиста и поздрава животна средина, пензионерите организирано се вклучија во собирање отпад.

И пензионерите при ЗП Виница се приклучија на Еко-акцијата „Генералка викенд 2005“ која успешно ја реализираа, а на која учествуваа пензионерките кои го исчистија натрупаниот отпад. Пензионерите со голем ентузијазам и личен пример за чиста животна средина, го исчистија просторот пред здружението, го уредија и создадоа прекрасно Еко-катче кое прерасна во преубав зелен и чист простор.

Во акцијата за почиста средина „Генералка викенд 2025" зедоа учество и пензионерите од трите ограноци на ЗП Чаир.
Инвалидските пензионери на Здружението од Прилеп на 30 мај, на однапред одредена локација пред манастирот Св. Петка, во Лениште, засадија 62 млади фиданки од јавор и бор, онолку, колку што починаа млади граѓани на Кочани.

На 2 мај пензионерите од ЗП Гевгелија направија еко акција во викендицата на здружението во Смрдлива вода. Секој пензионер од Општина Гевгелија и од други општини може да претстојува овде во убав амбиент за време на летните горештини, па и преку цела година. Активот на пензионерките на 8 мај ја посетија Територијалната противпожарна единица во Гевгелија и се запознаа со основните знаења и мерки за заштита од пожар, како и практичната употреба на противпожарните апаратите за гаснење пожар.
Пензионерите при ЗП Валандово се приклучија на акцијата „Генералка викенд 2025“ и собраа многу отпад.

И ЗП Солидарност - Аеродром ја подржа оваа акција. Со труд и другарување пензионерите се приклучија на заедничката еко-акција. Се собра и се селектираше пластичен отпад, хартија, лименки, шишиња и др.
