Инфо  

Галерии

Извештај од учество на СЗПМ на меѓународниот 13ти Фестивал за трета животна доба, во Љубљана, Словенија

19.10.2013

Од 30 септември до 3 октомври, Делегација и Фолклорана дружина од ЗП Тетово го претставуваше Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија,  на меѓународниот 13ти Фестивал за трета животна доба, во Љубљана, Словенија.  

Фестивалот за третaта животна доба во Љубљана е уникатен настан за старите лица во Словенија и најголем настан од ваков вид во Европа. Тоа е место на интеграција, размена на идеи и креативност посветена на активно стареење, подобрување на квалитетот на животот на постарите луѓе и постигнување на солидарност меѓу генерациите. На фестивалот, секој може да најде интересни содржини и начини да го изрази своето мислење, изнаоѓање на нови начини за подобрување на животот на постарата генерација и да ги насочи сите кон овој пат. Фестивалот за трета животна доба, кој оваа година се одржа по 13-ти пат во Љубљана, Р.Словенија создава можности за соработка меѓу генерациите, граѓанското општество, волонтерските организации на економски, академски и политички сфери, и на тој начин за нивниот можен придонес кон одржливи меѓугенерациски решенија. Секоја година фестивалот ја отвора вратата за меѓугенерациска хармонија, креативност и размена на идеи. Тајмингот и содржината на Фестивалот се поврзани со 1. октомври кој е Светски ден на постарите лица и со 3. октомври кој е Меѓународниот ден на детето.
Фестивал го организираат: Сојузот на здруженијата на пензионерите на Словенија (ЗДУС), фирмата ПРОЕВЕНТ, Институтот ХЕВРЕКА и Друштвото за техничка култура на Словенија. Оригиналниот наслов и логото на Фестивалот во 2013 година се:
13. Festival za tretje življenjsko obdobje
Мотото на Фестивалот „Сите сме една генерација“ алудира на сплотеноста на народот која е независна од возраста. Место на одржување на Фестивалот: Цанкарев Дом, Љубљана, Словенија. Влезот за посетителите е бесплатен.
Главните содржини на Фестивалот се во следните области: саемски дел; образовен дел (предавања, работилници, тркалезни маси, курсеви, обуки); културна програма и натпреварувачки дел.
Профил на учесниците: организации на постарите луѓе и за постарите луѓе, како што се организации на пензионерите, дневни центри, мрежа на организации за само-помош, културни пензионерски организации; професионални и стручни организации на лицата со хендикеп; образовни институции, како на пример Универзитетот Трето доба, библиотеки и организации кои работат во областа на учењето, личниот напредок, активното слободно време, на волонтерска основа, за враќање на пазарот на трудот; производство, трговија и сервисни компании со производи и услуги за стари лица, семејства, лицата со хендикеп, лица со оштетен вид, оштетен слух; услужни компании и организации, како што се туристички агенции, бањи, банки, осигурителни компании, транспортни компании; фармацевтски компании; здравствени организации; организации за здружување на младите и спроведување на програми на меѓугенерациска соработка; центри за социјална работа, домови за стари лица, грижа и услуги во домот; организации за регрутирање и обука за дополнителна работа; организации и здруженија за спорт и рекреација; истражувачки институции; синдикати и работнички здруженија; Владата и државните институции, министерства, општините, јавните институции и професионални организации; невладини организации; културни организации и други.
Посетители на Фестивалот се луѓе од СИТЕ ГЕНЕРАЦИИ.

Оваа година Делегација на СЗПМ учествуваше по четврти пат.
Активности на Делегацијата се состоеја од повеќеделови.
Првиот дел беше учество на Свеченото отворање на Фестивалот во големата Линхартова дворана. Свечено отворање на Фестивалот во големата Линхартова дворана 10.00-11.30 ч.
Присутни: Бесник Поцеста, Гојко Ефтоски, Шабан Азизи, Нурие Кадриу, Илија Глигоров. Тука е остварена првата средба со Третиот секретар на македонската амбасада Умит Касум. На Свеченото отворање беа присутни повеќе министри од Владата на Р. Словенија, други високи функционери, претставници на дипломатскиот кор, делегации на сојузи на пензионери од соседните земји и претседателот на Р. Словенија, Борут Пахор кој е и почесен покровител. Отворањето започна со интонирање на словенечката и европската химна исполнети од Дувачкиот оркестар од Конзерваториумот за музика и балет Љубљана и Оркестарот на љубљанските ветерани. Присутните ги забавуваше Здружениот оркестар на Р. Словенија, со кој диригираше проф. д-р Андреј Зупан. Оркестарот исполни повеќе арии, меѓу кои и „Валц на убавиот син Дунав“, од Штраус, арија од операта „Аида“ од Верди, а го придружуваше и настапот на некои солисти, меѓу кои и ветеранот Ладо Лесковар. Присутните ги забавуваше и балетска група, а за хуморот се погрижи познатиот словенечки хуморист Андреј Розман – Роза. Со свои видувања на состојбите со пензионерите и пензионерското организирање во Словенија се обрати претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Словенија проф. д-р Матеја Кожух Новак, како и министерката за труд, општество и социјални прашања и еднакви можности д-р Ања Копач Мрак и градоначалникот на градот Љубљана Зоран Јанковиќ. Преку видео конференција на присутните им се обрати европскиот комесар за вработување, социјални прашања и инклузија Ласло Андор. На најзаслужните за организирање на Фестивалот, неговото востановување и воопшто за пензионерската организација на оваа земја, им беа доделени признанија. За амбасадор на 13тиот Фестивал, како највисоко признание, беше прогласен Јанко Кушар, кој воедно бил основач на манифестацијата во 1999 година, и е познат хуманист, а во еден мандат бил и член на Владата на Р. Словенија.

По свеченото отварање беше приреден свечен заеднички прием за словенечките невладини организации и делгациите од странство. Приемот го организираа и свои излагања имаа министерката за труд, општество и социјални прашања и еднакви можности д-р Ања Копач Мрак и обдусманот за човекови права на Словенија, Власта Нусдорфер која ги појаснуваше прашањата поврзани со решавањето на потребите и проблемите на лицата со физичка или психичка попреченост. На приемот од нашата Делегација присуствуваа: Бесник Поцеста, Гојко Ефтоски, Шабан Азизи, Нурие Кадриу, Илија Глигоров. После приемот членовите на нашата Делегација остварија средби со повеќе видни личности помеѓу кои: д-р Матеја Кожух Новак, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Словенија, Антон Донко потпретседател на ЗДУС, Марјан Шифтар амбасадор, Давор Доминкуш водител на приемот и претседател на Друштвото за техничка култура на Словенија, Марјан Седмак претседател на AGE Platform Europe и на Општинскиот сојуз на здруженијата на пензионерите во Љубљана

Во вториот односно образовната дел на Фестивалот, Делегацијата на СЗПМ имаше учество на Тркалезна маса на тема „Улогата на невладините организации и политичките партии во претставувањето и застапувањето на старите луѓе“. На тркалезна маса во работното претседателство учествуваше шефот на македонската Делегација и претставник на СЗПМ, Бесник Поцеста заедно со: претседателот на ДеСУС и министер за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, претседателот на Хрватската партија на пензионерите Илвано Хреља и членот на претседателството на Партијата на здружените пензионери на Србија Милан Кораќ.
За време на копретседавањето на тркалезната маса, шефот на македонската Делегација  Поцеста ги пренесе поздравите од раководството на СЗПМ и посебно од претседателот Драги Аргировски. Тој зборуваше за искуствата од работата на пензионерската организација во Република Македонија во грижата за сите стари лица, а особено за пензионерите. Ги опиша врските помеѓу СЗПМ и здруженијата на пензионерите вмрежени согласно Статут. Посебно ја истакна одличната соработка со државните органи и институциите во чиј делокруг се прашања поврзани со пензионерите и нивната помош разбирање за потребите на пензионерите.
На тркалеаната маса претседателот на ЗП Тетово Гојко Ефтоски имаше Реферат на тема „Остварувањето на програмските задачи на пензионерите во меѓуетничка животна средина“. Рефератот од македонски јазик беше преведен и на словенечки јазик.

Делегацијата на СЗПМ и Фолклорната дружина од ЗП Тетово имаа заеднички активности и во склоп на истите беше одржан Хуманитарен концерт во Домот за стари лица Фужине, Љубљана, каде беше изведена едночасовна хуманитарна фолклорна програма. Старите лица сместени во Домот, вистински уживаа во изведбите. Во едночасовната програма, покрај свадбените обичаи, беа испеани и песните: „Распукала Шар планина“, „Срце ме боли за Трпаана“, „Ој Вардаре Македонски“, „Ц`втај ружо, ц`втај“ како и неколку потпорни песни за обичаите на албански јазик. Настапот и на двете групи беше многу колоритен, изведувачите беа облечени во традиционални носии, со обележја на мекедонската и албанската етност, беа користени древни народни инструменти даире и гајда, како и сито за брашно, бајрак со јаболко, ибрик, леѓен и друго слични обичајни предмети. 
Делегацијата на СЗПМ во Цанкаревиот дом, имаше официјална средба со претставници на организаторите на Фестивалот и тоа со: министерката за ислеништво од Владата на Р. Словенија и со претставник од македонската амбасада. Исто така активности имаше и Фолклорната дружина од ЗП Тетово во Цанкаревиот дом, како и  
Соработка во меѓународниот проект кој го спроведува ЗДУС „Мојата приказна“, а имаше и други активности.
Фолклорната дружина од ЗП Тетово ги имаше следните активности:

  • Настап на „Отворена сцена“ во рамките на Цанкаревиот дом
  • Настап на манифестацијата „Вечер на фолклорот“
  • Организирано разгледување на саемскиот дел на Фестивалот.

Резултати од учеството на Делегацијата на СЗПМ и Фолклорната дружина на ЗП Тетово на Меѓународниот 13ти Фестивал за трета животна доба, во Љубљана, Словенија:

  • меѓународна афирмација на СЗПМ, на ЗП Тетово и на Фолклорната дружина од ЗП Тетово;
  • продолжување и зајакнување на билатералната соработка со раководството на пензионерите од Словенија и размена на искуства;
  • афирмација на постигнувањата на СЗПМ за подобрување на условите за активно стареење и стандардот на македонските пензионери;

Овој извештај заеднички го подготвија:
Бесник Поцеста – шеф на делегацијата, Гојко Ефтоски, Шабан Азизи, Илија Глигоров

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3