Пензионерите воодушевени од новиот театар
30.8.2013Стотина пензионери од Скопје денеска го посетија новиот објект на Македонскиот народен театар. За време на посетата, тие не ги криеја импресиите и своето воодушевување од раскошниот објект изграден на местото на стариот театар на кој со носталгија се сеќаваат.
Во придружба на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и уметничкиот директор на Македонскиот народен театар, Дејан Пројковски, пензионерите прошетаа низ просториите на театарот, а од водичот слушнаа за неговата изградба, за сцената, за значењето на орнаментите со кои богато се украсени таванот, ложите и балконите. Исто така, тие имаа можност да ја видат и новопоставената свечена завеса на која е насликан стариот театар што постоел до 1963.
„Импресиите се многу големи. Ова е нешто невидено на овие простори и мислам дека ќе биде врежано кај секој посетител, особено кај нас постарите, зашто го знаевме стариот театар. Сега ова е нешто поново, многу поубаво и многу поперспективно, со повеќе сали, седишта... И благодариме на министерката за култура што ни излезе во пресрет да го посетиме овој објект бидејќи кај мене доаѓаа многу пензионери што сакаа да го видат и сега сите се одушевени. Соработката што Сојузот ја има со Министерствата за култура и за труд и социјална политика е во интерес на 288.000 пензионери во Македонија, од кои 250.000 се наши членови, и таа треба да биде пример“, истакна претседателот на Здружението на пензионерите Драги Аргировски.
Тој ја потенцираше одличната соработка со Министерството за култура и додаде дека пензионерите редовно ќе ги следат претставите во театарот, но и другите културни настани за кои, со одлука на Владата на РМ, билетите се 50 проценти поевтини.
Канческа-Милевска истакна дека вратите на театарот се отворени за сите граѓани што сакаат да го видат. Освен во понеделник, секој ден има четири термини за посети со водичи - во 11, 13, 15 и во 18 часот.
„Од отворањето на театарот посетеноста е огромна, што може да се види и од Книгата на впечатоци, во која има прекрасни зборови за се што може да се почувствува и да се види во театарот. Се надевам дека присутноста ќе биде уште поголема во наредниот период“, истакна министерката за култура.
Објектот, во мај свечено му беше предаден на Македонскиот народен театар, а новата театарска сезона ќе започне со премиерата на претставата „Вечна куќа“.