Инфо  

Галерии

Година за историјата - Осврт на Драги Аргировски, претседател на СЗПМ

16.1.2014

Годината што измина за Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија според постигнатите резултати во меморијата на многумина ќе биде година за паметење, бидејќи сите активности и задачи што беа планирани за четиригодишниот мандат, се остварени за три години. Посебно од историско значење е што е постигната забележителна раздвиженост на пензионерите на полето на културните и спортските дејности, на пикник средбите и екскурзиите, на многуте секојдневни дружења во клубовите на пензионерите  и слично, во коишто во 2013 година учествуваа над 300.000 припадници на оваа популација. Сето ова претставува европски рекорд.
Анализите покажуваат дека благодарејќи на воспоставените партнерски односи на СЗПМ со Министерството за труд и социјална политика и со Владата на Република Македонија е унапредена меѓусебната соработка за подигање на животниот стандард на пензионерите и нивното партиципирање во социјалниот живот. Во минатaта година покрај редовното усогласување на пензиите се изврши и дополнително од 5 отсто, со што пензионерските примања се зголемија за 6.90 отсто. Така од 2006 досега вкупното зголемување на пензиите изнесува 54 отсто. Просечната пензија ја достигна сумата од 11.833 денари, а соодносот на просечната плата со просечната пензија од 49 се искачи на 56 проценти. Ова е уште позначајно ако се знае дека во сите соседни земји меѓу кои и членки на ЕУ, поради економската криза дојде до значително намалување на пензиите и на споменатиот сооднос, а истовремено ги зголемија старосните граници за пензионирање. Во овој период во Република Македонија се оствари зголемување на вработеноста, така што соодносот на еден пензионер се покачи на 1,8 осигуреници што, исто така, е поповолно во однос на другите земји од опкружувањето.
По својата значајност за одбележување е и тоа што по барање на Извршниот одбор на СЗПМ, Владата на Република Македонија на 21.12.2013 година донесе Одлука да ни се дадат на трајно користење без надоместок 161 квадратни метри на 10 кат во зградата на МРТ. Со ова  значително ќе се подобрат и поефтинат условите за работа на Сојузот, бидејќи досега за користењето на просториите од околу 90 квадратни метри во ССМ, Сојузот плаќаше голем надоместок. Овој потег на Владата за СЗПМ е од историско значење, бидејќи за прв пат во 68 години од формирањето, оваа најмасовна и многу активна невладина, неполитичка, непрофитна мултиетничка организација доби простории на трајно користење. Факт е дека  оваа организација со 250.000 членови наполно го заслужува овој потег, дотолку повеќе што за време на транзицијата државата од СЗПМ презеде четири пензионерски домови во Скопје.
Значајно е и тоа што од почетокот на минатата година сите пензионери кои имаат примања под просечната пензија, а тоа се над 160.000 старосни, семејни и инвалидски пензионери,  добија право на бесплатно болничко лекување. Со подршка на СЗПМ четврта година по ред продолжи и реализирањето на проектот „Бањска-климатска рекреација на корисници на пензија“. Исто така, голем број на пензионери го користат и правото на бесплатен автобуски превоз во Скопје, Битола, Прилеп, Велес и некои други градови. Сите овие проекти придонесуваат не само за подигање на животниот стандард на пензионерите, туку и за нивно подобро живеење во третото доба.

Во организација на СЗПМ минатата година успешно се одржаа 11-тите фолклорни ревии. Најпрвин во Гостивар, Охрид, Делчево, Радовиш, Велес и во Кисела Вода-Скопје се одржаа шестте регионални ревии на кои учествуваа ансамбли и пејачки групи од рекордни 47 здруженија на пензионери, а најдобрите од најдобрите, многу успешно и квалитетно се претставија на Републичката ревија на песни, музика и игри што се одржа во Универзалната сала во Скопје пред 1.500 посетители. На овие ревии се афирмираше староградскиот фолклор, изворното творештво и македонскиот културен идентитет.   Тоа придонесе Министерството за култура, Републичката пензионерска ревија на песни, музика и игри и шестте регионални ревии да ги прогласи за манифестации од национален интерес за културата на нашата држава. Републичката фолклорна Ревија на пензионерите се одржа  под мотото „Скопје се сеќава“  по повод одбележувањето на 50 годишнината од скопскиот земјотрес, за што СЗПМ доби благодарница од градот Скопје и од Универзалната сала.
И не само тоа. Во минатата година пензионерите  значително ги зголемија посетите на театарските и другите претстави во културните институции во нашата земја, благодарение  на попустот од 50 одсто од цената на влезниците, кој за пензионерите го овозможи министерство за култура на Владата на РМ. Патем да споменеме дека на овој начин при крајот на 2013 година околу илјада пензионери од Скопје, Куманово и Велес свечено облечени како за најголем празник ја гледаа култната претстава „Вечната куќа“ во новиот театар во Скопје и беа воодушевени од целокупниот амбиент.
Забележително беше и учеството на СЗПМ на Меѓународниот 13-ти Фестивал за трето животно доба во Љубљана, Република Словенија, на кој покрај официјални средби успешно се претстави фолклорниот ансабал на ЗП Тетово.

       2013 година мина и во знакот на 18-тите пензионерски спортски натпревари, масовна спортска манифестација со богата и успешна традиција. Во знак на полнолетството на игрите, СЗПМ организираше осум регионални натпревари во Гази Баба и Карпош-Скопје, Битола, Струга, Неготино, Кратово, Радовиш и во Виница. Републичката манифестација се одржа во Штип со рекорден број учесници и натпреварувачи создавајќи во здраво тело-здрав дух, но и дружење и соживот.
Создадени се и нови вредности со вистински рекреативни доживувања на масовните и добро организирани пензионерски пикник средби во Ораовица кај Радовиш, во Лесново кај Пробиштип, кај манастирот св.Пантелејмон – Кочани, во Стар Дојран, Пелинце кај Куманово, Еленец кај Македонска Каменица, Сарај во Скопје и други.  
Сето тоа беше успешно следено од гласилото на СЗПМ „Пензионер плус“, од осовремената веб страница, како и од повеќе национални и локални медиуми.
Во минатата година значително е подобрена и соработката со ССМ и Црвениот крст, како и на здруженијата на пензионерите со локалните самоуправи, така што се отворени повеќе нови клубови за дневен престој на пензионерите, каде тие се дружат и благовремено и точно се информираат, играат шах, домино или табла, со што успешно ја надминуваат самотијата и депресијата.
На повисоко ниво е остварената соработка со Фондот на ПИОМ  во чиј Управен одбор по десетина години пауза од 1-ви  октомври 2013 година СЗПМ има повторно свој член. Со тоа Сојузот активно се вклучува во утврдување на заеднички активности за подобрување на стандардот на пензионерите и кон заштита на правата и интересите на корисниците на пензија. Во завршна фаза е проектот за средување на членството по здруженија и општините.
Меѓу повеќето постигнати резултати и активности секако за одбележување е завршувањето на проектот за средување на архивата на СЗПМ. Благодарение на целото раковдство на Сојузот и на стручните лица од Архивот на Скопје, архивскиот материјал собиран со години, сега е уредно среден и дефиниран според Законот за архивирање на Република Македонија. Наредна фаза е сето тоа да се забележи во електронска форма и да стане Архива како што доликува на една голема и значајна популација. Сето ова е уште еден доказ дека сегашнпото раководство на Сојузот е активно на секој план и е во чекор со современите европски текови.
Според сите активности и резултати, 2013 година, може да се смета и како најуспешна година во долгогодишната историја на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Заради сето ова и заради моето лично максимално залагање и придонес во 2013 година добив две значајни признанија за паметење. На почетокот на годината за придонесот во афирмација на Република Македонија од Редакцијата на „Нова Македонија“ и од читателите на овој прв македонски дневен весник, бев прогласен за „Личност на 2012  година“, со свечено врачување на признание и статуетка паун. Како круна на мојот вкупен ангажман ја добив  и престижната највисока државна награда „11 Октомври“ за 2013 година за животно дело од јавен интерес на Република Македонија во областа на новинарството и публицистиката. Овие признанија се голема сатисфакција за успешно вложениот труд и ангажираност и ме прават посебно горд како прв човек на Сојузот, бидејќи оваа награда во исто време е и признание за сите пензионери членови на Сојузот.
Сите овие убави успеси го трасираат патот на Сојузот за нови постигања и во 2014 година,  која според усвоената Програма е проглсена за Година на солидарноста. Покрај традиционалните активности посебен приоритет ќе се даде на развојот на социјално-хуманитарните цели, а е зацртана и нова динамика во ширењето на позитивната енергија во интерес на сегашните и идни пензионери. Постои реален оптимизам во 2014 година да биде донесен новиот Закон за пензионерско организирање во Република Македонија и да започне  градба на нови домови за пензионери и стари лица. Истовремено ќе се подржуваат и поттикнуваат сите активности за подобрување на условите за достоинствена старост, за здраво и активно стареење бидејќи пензионерите и сите стари луѓе во државата тоа го заслужуваат!

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3