Новини – олеснување во начинот на упатување на осигурените лице
кај специјалист /субспецијалист
17.4.2014ФЗОМ донесе измени во законската регулатива кои се однесуваат на олеснувања на осигурените лица при користење на специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита во здравствени домови, општи болници, општи и клинички болници и универзитетски клиники и тоа:
Кога осигуреното лице е примено како итен случај, повеќе нема потреба да се грижи за административните работи, бидејќи здравствениот систем, во негово име ќе ги заврши сите неопходни административни процедури.
Доколку осигуреното лице е примено како итен случај (без упат од матичен лекар, со упат од итна медицинска помош, или со упат од дежурна служба), повеќе нема потреба да оди кај матичниот лекар, бидејќи специјалистот креира специјалистички/субспецијалистички упат, кој го потврдува со свој потпис и факсимил. Доколку специјалистот извршил само амбулантски преглед и нема потреба од болничко лекување, тогаш здравствената установа ги фактурира до Фондот здравствените услуги како специјалистички пакет, со упатот издаден од специјалистот/субспецијалистот.
Доколку при прегледот, специјалистот/субспецијалистот утврди дека постојат медицински индикации за болничко лекување на осигуреното лице, тогаш повеќе нема потреба да оди кај матичниот лекар за болнички упат, бидејќи специјалистот веднаш креира болнички упат, кој го потврдува со свој потпис и факсимил.
Во случаи кога специјалистот/субспецијалистот смета дека осигуреното лице треба да биде препратено на понатамошни медицински испитувања кај друг специјалист/субспецијалист, тогаш креира интерспецијалистички упат, упат за радиодијагностика (РДУ 2) или упат за биохемиски лабораториски испитувања (ЛУ 2) и осигуреното лице нема потреба да оди кај матичен лекар за да ги обезбеди овие упати, бидејќи специјалистот креира упат, кој го потврдува со свој потпис и факсимил.
Со новиот начин на упатување, лекарот специјалист/субспецијалист по извршен прв преглед на осигуреното лице, за секој нареден контролен (периодичен) преглед издава специјалистички/субспецијалистички упат. Со овие измени, повеќе нема потреба за сите наредни контролни периодични прегледи да се препраќа осигуреното лице кај матичниот лекар. Досега овие контролни прегледи непотребно се закажуваа преку „Мој термин“ како нов преглед, со што се пролонгираше времето за чекање за контролен преглед. Важноста на специјалистичкиот/субспецијалистичкиот упат сега е една година, наместо како досега еден месец. Ова е големо олеснување за осигурениците со хронични заболувања кои се лекуваат амбулантски и нема веќе потреба секој месец да обезбедат упат од матичниот лекар. Такви заболувања се хемодијализа, вежби на вид, слух, говор и глас, хемотерапија и радиотерапија во дневна болница. Пружените здравствени услуги се фактурираат секој месец до Фондот со копија од првично издадениот упат.
По завршување на лекувањето, во рок од 5 дена, осигуреното лице треба да ја однесе целокупната медицинска документација за лекувањето кај својот матичен лекар.
Со оваа новина ФЗОМ обезбедува административно олеснување за сите учесници во здравствениот систем, и за матичните лекари, за пациентите, но и за здравствените установи.