Инфо  

Галерии

Драги Аргировски, претседател на СЗПМ

Националната стратегија за стари лица на Владата на РМ за Сојузот е поттикнувачка и остварлива

15.5.2014

Aктивноста на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија минатата година според сите анализирани параметри се смета за најуспешна во 68 годишната историја на оваа најбројна, невладина, неполитичка и мултиетничка организација. 57 – те здруженија на пензионери – членки на Сојузот, формирани во  сите краеви на нашата земја делуваат сплотено, единствено и транспаретно со очигледни резултати на работата во интерес на севкупната пензионеска популација во нашата земја. За таа цел Националната стратегија за стари лица на Владата на РМ за Сојузот е поттикнувачка и  и им дава нови импулси на здруженијата и Сојузот во целина.

Позитивниот тред на активностите од минатата година интезивно продолжи и во 2014 година. Во првите месеци од годинава СЗПМ успешно ја организираше Работилницата за информирање и едукација на дописничката мрежа на СЗПМ на која можат да и позавидат и некои новинарски и ТВ куќи. На работилницата беше потенцирана важноста на точно и навремено информирање за пензионерската проблематика на сегашните и идни пензионери, но и на целокупната јавност. Во  2014 која пензионерите ја прогласија за Година на солидарноста, во ЗП Ѓорче Петров се пристапи кон Пилот- проект за изработка на социјална пензионерска карта, а понатаму сукцесивно истата ќе се имплементира во сите здруженија, секако доколку за тоа се обезбедат потребни материјални средства. Социјалната карта е важен социјален документ со податоци кои ќе помогнат во согледување на потребите и на разни облици за помош на пензионерите во развој на социјално-хуманитарните цели и задачи.

Во овој период се одржаа и неколку значајни собири и дружења. Така, здруженијата на пензионери од Велес, Кавадарци, Пробиштип и Виница беа достојни организатори на пензионерските манифестации „Блакцата на баба“, одбележување на Свети Трипун, „Бабините зелници“ и „Томина недела“. Овие дружења ги  карактеризираше успешно негување на традициите, масовноста и спомени и пријателства за незаборав. Неодамна Здружението на пензионерите на Тетово беше многу успешен домаќин на првата мултуетничка средба на пензионерите од Македонија. Во ресторантот„Арена“ над 600 пензионери од речиси сите здруженија во нашата земја се дружеа, спријателуваа и разонодуваа повеќе од пет часа. Беше големо задоволство и вистинско уживање да се биде меѓу пензионерите од сите етнички заедници, кои го играа еден до друг македонското, албанското, турското, српското, ромското и влашкото оро.

Активности во духот на стратегијата

Во организација на СЗПМ на 3, 9 и 11 мај во Берово, Свети Николе и Струга се одржаа 12-ти по ред регионални ревии на песна, музика и игри, а на 15 овој месец регионална ревија ќе се одржи и во Неготино, на 20 мај во Скопје во Домот на АРМ, каде домаќин  ќе биде ЗП„Солидарност-Аеродром“ и на 22 мај во Ѓорче Петров. Најдобрите и најподготвените на 10 јуни во Универзалната сала во Скопје ќе настапат на Републичката ревија на песни, музика и игри. При тоа пензионерите уште еднаш ќе покажат како се чуваат од заборав фолклорот, обичаите и идентитетот. Поради својот квалитет оваа пензионерска културна манифестација од Министерството за култура и оваа година е прогласена за манифестација од државен културен интерес.

Истовремено  во речиси сите здруженија на пензионери-членки на СЗПМ започнаа и подготовките за осумтте регионални пензионерски спортски натпревари. Домаќини на регионалните спортски игри во текот на мај и јуни ќе бидат Здруженијата на пензионерите  Свети Николе, ОВР Скопје, Бутел-Скопје, Злетово, Богданци, Берово, Македонски Брод и Крушево. Истовремено во Тетово започнаа подготовките за 19 -тите Републички пензионерски спортски натпревари што во градот под Шара ќе се одржат на 6 септември.

Во фокусот и други приоритети

Во овој период се одржаа и отчетни седници на здруженијата на пензионерите на кои се разгледани годишните сметки и утврдени и потврдени заедничките цели. Собранието на СЗПМ речиси едноглсно ја усвои и Одлуката за единствени критериуми за материјално-финансиско работење на здруженијата и Сојузот. При тоа уште еднаш се покажа решителноста на органите на СЗПМ во остварување на програмските задачи во интерес на сите пензионери.

Во првите месеци од годинава продолжи континуираната соработка со Министерството за труд и социјална политика и со Фондот на ПИОМ. Како резултат на тоа продолжи успешното реализирање на проектот за бањско-климатска рекреација на пензионерите, така што покрај досегашните 22.000 оваа бесплатна услуга годинава ја користат нови 5.500 корисници на пониска пензија. Во Република Македонија редовната исплата на пензии веќе станува традиција. И една не случајна компарација: Во Република Србија иако трошоците за живот се значително зголемени сите пензии се намалуваат за 10 %, додека кај нас пензиите на сите корисници од февруари со буџетски средства се зголемени за 600 денари или вкупно за 5 отсто. Со тоа просечната пензија се зголеми на 12.450 денари, а соодносот на просечна плата со просечна пензија се покачи на 59,5 отсто.Владата предвидува и во наредните четири години зголемување на пензиите  вкупно за 21,5 отсто или по 5 отсто годишно.

Во последни неколку месеци продолжи и намалувањето на цените на над 3.000 лекови, а во рамките на активностите што заеднички ги организираат СЗПМ и Фондот за здравствено осигурување во десетина градови се одржаа Работилници за информирање и едукација за подобро здравје на пензионерите. Со реализација на голем број реформи во здравствениот сектор, започнатата реконструкција на болниците во повеќе градови и набавената нова современа опрема, отворање на амбуланти во рурални подрачја од примарна здравствена заштита и друго, се придонесува севкупно подобрување на квалитетот на системот на здравствена заштита, што е во голем интерес и за пензионерската полулација. Голем дел од пензионерите кои имаат под просечна пензија користат бесплатно болничко лекување, а се планира и обезбедување на бесплатни здравствени прегледи.

Анализа и одговорен пристап кон секое прашање

Сите овие постигања и задачи произлегуваат и од европскиот концепт на Националната стратегија за 2010-2020 година за стари лица. Информација за стратегијата со Оперативниот план за 2014 година што ја подготви и предложи Министерството за труд и социјална политика  ја разгледа и Владата на седницата одржана на 8 април годинава. Концептот на оваа значајна стратегијата подразбира одговорен пристап за секое прашање во интерес на подобрување на социо-економскиот статус и  квалитет на животот на пензионерите и старите луѓе. Оттука Опреративниот план за 2014 година за спроведување на стратегијата претставува сеопфатен документ со јасно дефинирани конкретни активности и мерки, поради што се бара целосна соработка меѓу министерствата и институциите во системот, на државните институции и помеѓу државната и локалната власт и невладините организации.

Во Оперативниот план како стратешка цел за интеграција на старите лица во сите сфери на општествениот живот се нагласува и потребата од донесување на Закон за пензионерско организирање во Република Македонија, а со тоа и усогласување на актите на СЗПМ и на здруженијата. Најавена е и потребата од подготовка на нова Спогодба за соработка меѓу СЗПМ и Фондот на ПИОМ.

Со Оперативниот план  се предвидува зголемување на капацитетите за институционално сместување на стари лица со привлекување на инвестиции преку јавно-приватно партнерство од меѓународни и домашни инвеститори. Со средства обезбедени од ИПА Фондовите и други извори неодамна е завршена изградба на нов објект со најмодерни европски стандарди во Битола, државниот Дом за стари лица „Сју Рајдер“. Зацртана е изградба на домови за стари лица во Охрид, на регионален пензионерски дом во Кочани, Штип, Сопиште кај Скопје, во Берово, Кавадарци и други.

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Единиците на локалната самоуправа и невладини организации, континуирано работи на утврдување на локации и објекти на територијата на РМ кои можат да бидат искористени за отворање на Дневни центри и клубови за пензионери и други стари лица. Покрај дневните центри во скопските општини Центар, Чаир и Гази Баба, планирано е да се отворат и во населеното место Тимјаник кај Неготино, во Општината Чешиново-Облешево, во Истибањи – Општина Виница, во Пробиштип и на други места. Како потреба се наложува и подобрување на условите за сместување во пензионерските домови и изградба на станови за непрофитно домување на пензионери. Годинава над десетина здруженијата на пензионерите членки на СЗПМ, планираат да отворат нови клубови на пензионери.

За подобрување на стандардот и условите за живот на старите лица Владата планира донесување и на одлука за воведување на бесплатен викенд (петок, сабота и недела) еднаш во месецот, превоз на стари лица во железничкиот сообраќај во Република Македонија, а во јавниот автобуски превоз во Скопје старите луѓе ќе имаат бесплатен превоз и во недела Вакви активности се планира да се преземат и во другите општини во нашата земја.

Во наредните два-три месеци се очекува СЗПМ да се пресели во нови простории на 10 – ти кат во МРТ, добиени од Владата на РМ за трајно користење без надомест.

Секако, Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија како најбројна асоцијација која брои околу 250.000 членови е една од најактивните невладини организации која ја краси мултиетничкиот состав и соживотот. За тоа зборуваат фактите и резултатите, но и понатаму Сојузот ќе се залага за реализација на планираното во Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година, како и во Оперативниот план за 2014 година, се’ со цел да се создадат што подобри услови за достоинствено, активно и здраво старење, во духот на европските стандарди и препораки.

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3