Инфо  

Галерии

Преземено интервју по повод 70 години на МРТ

Задоволства од времето поминато во и со настаните

8.8.2014

Во документaрната емисија „Траги на времето“ на Македонското радио - Радио Скопје, гостин беше Драги Аргировски, истакнат новинар и публицист, еден од основоположниците на Македонската телевизија, актуелен претседател на СЗПМ

Разговорот со Драги Аргировски, кој беше планиран од поодамна, е со повеќе поводи. Првиот повод е поврзан со неговата животна професија и 70-годишниот  јубилеј на Македонското радио во кое кумановскиот гимназијалец Аргировски, преку соработката во младинската програма, неусетно судбински се определува за журналистиката. Вториот повод за нашиот гостин е со двојно значење: 50-тиот јубилеј на Македонската телевизија, иако тој има поинакви ставови по тоа прашање,  во која, како еден од нејзините основоположници, го помина целиот работен век и 55 години успешна новинарска кариера. Во низата поводи спаѓа и навршувањето  на нашиот  соговорник  75 години возраст, животен период кога од повеќе аспекти може и треба да се проговори за заложбите, од оствареното, задоволствата од време поминато во и со настаните. Затоа, разговорот во студиото на Македонското радио е и со повод и со наслов: „ТРАГИ ВО ВРЕМЕТО на добитникот на највисоката државна награда „11 Октомври“ во 2013 година за животно дело во новинарството и публицистиката, и тоа пред микрофонот, низ одговорите на десетина прашања. Драги Аргировски, на увид (слуховен) на јавноста, и ја распостила својата животна приказна. Започнува да раскажува  спонтано: за родното место Куманово, за семејството, за студирањето и завршувањето на Филозофски факултет, за активностите,  задолжителни и самоиницијативни со кои го свртува вниманието кон себе  во првиот аудио Мас-медиум во Македонија - Радио Скопје, во време кога се прават првите чекори во отпочнување со работа на видеомедиумот Телевизија Скопје - Македонската телевизија.

Колега Аргировски што е карактеристично за Вашите почетоци во новинарството и кои се според Вас фактите на почетоците на Телевизија Скопје?
Уште во гимназиските денови во 1958 година соработував во младинската програма на Радио Скопје, а потоа и во весникот „Трудбеник“ и во спортската редакција на „Нова Македонија “, а тогаш ја добив и првата републичка награда за уметничка фотографија. Учествував на неколку работни акции, а на 1 септември 1960 година се вработив во штотуку формираната Редакција на  одделот на Телевизија во Радио Скопје. Бевме тројца новинари и двајца сниматели, еден режисер и неколку технички кадри. На состанокот на Редакцијата присуствуваа директорот на Радио Скопје Веселинка Малинска, секретарот Лазо Димитровски, техничкиот раководител Тодор Џартов и Димче Божиновски, кој на 20 ноември 1958  година Советот на Радио Скопје го назначи за програмски раководител за формирање на телевизијата. За нови телевизиски кадри решенија добивме јас и  Димче Марковски-Кафе како новинари, Благоја Прличков и Димче Гечевски како сниматели и Ацо Алексов како режисер. На тој ден беа подготвени и снимени две информации кои се емитуваа во ТВ-дневникот на ЈРТ во Белград. Со тоа се роди Македонската телевизија. Значи на 1 септември 1960 година во старата зграда на Радио Скопје, на Марксова 17 професионално почнавме да работиме како телевизија... Оттогаш, од тој ден секојдневно  снимавме се што е интересно во Македонија, правевме и репортажи. Така на пример, имав прекрасна репортажа за Водно. Снимавме информации од седници на Собранието на Македонија, од Извршниот совет... и сето тоа се емитуваше. Тоа се факти... Јас ова го кажував и објавував уште кога  беа сите актери живи, и тие тоа не го негираа, туку напротив, го потврдуваа и ги споделуваа сеќавањата со мене.

Дури имав и среќа - судбина во март 1961 година, да го подготвам и првиот телевизиски прилог на македонски јазик за активноста на младите во Македонија и за сојузната младинска акција  за изградбата на патот Куманово – Миладиновци...  На 13 мај пак, преку ЈРТ се емитуваше и  получасовна емисија со која и официјално беше најавена Телевизија Скопје. Тоа беше  балетски концерт на кој настапија првенците Елпида  Паковска и Јован Пашти. Овде, во Скопје концертот го подготвувавме цел месец... Бидејќи зборуваме за историјата, треба да се нагласи дека оваа емисија во живо во студиото во ТВ Белград ја режираше Ацо Алексов, секретар беше Елза Џувалековска, камермани: Благоја Прличков и Димче Гечевски, видеомиксер Драги Тасевски, водител беше Драги Новаковиќ, а уредник на емисијата беше Евгенија Кацаволу.
На 11 октомври 1961 година, по повод 20-годишнината од Денот на востанието на Македонија,  Телевизија Скопје, повторно преку студиото во  Белград на ЈРТ кое беше и наше студио, емитувавме целовечерна програма на македонски јазик. На програмата беа две интервјуа, по кои беа прикажани документарните филмови: „По врвиците на слободата“ и „Прилеп вчера и денес“, потоа се емитуваше играниот филм „Волча ноќ“.
Како минуваше времето, програмските задачи и проекти се зголемуваа, а со тоа растеше и бројот на вработените. Во таа година веќе бевме триесетина.  Во 1962 година Македонската телевизија со своја културно-забавна програма учествуваше во заедничката новогодишна програма со другите студија во ЈРТ.
Во тоа време ги подготвив ТВ-репортажите за манифестацијата „Првата Галичка свадба“ и за „Првиот Охридски маратон“, потоа имав репортажа за поплавата во Скопје и други, кои со интерес се емитуваа на ТВ Белград, ТВ Загреб и дури на  РАИ- Италијанската телевизија... Веќе станавме телевизиско име и презиме, уште повеќе што во Бугарија, Грција, Турција и Албанија тогаш сe уште немаше телевизиски програми.
. На 8 септември 1962 година, постоењето на Телевизија Скопје го потврди и Извршниот совет на Македонија со Одлука број, како што се сеќавам, 2220928, со што името на Радиодифузната станица Радио Скопје се промени и од тој ден нејзиното авизо гласеше: Радио-телевизија Скопје. За прв генерален директор  беше назначен Драги Тозија, а на Телевизија Скопје Лилјана Манева, која пред тоа неколку месеци беше главен уредник на одделот за телевизија. Значи немаше сомнение за нашето вистинско постоење во етерот.

Како вработен новинар, сигурно добро се сеќавате како работеше Телевизија Скопје за време и по земјотресот?
-Да, секако по земјотресот на 26 јули 1963 година повеќе вработени во Телевизија Скопје беа секојдневно ангажирани како репортери, известувачи и сниматели. Известувавме за сe она што се случуваше во Скопје по катастрофалниот земјотрес, и за сe она што беше како заложба Скопје  да се обнови како град на солидарноста. Бевме сместени заедно со Радио Скопје под шатори кај предавателот во Маџари. За успешното информирање на светската јавност Радио Скопје и Телевизија Скопје добија посебни одликувања од претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито, од ТВ РАИ и од Велика Британија добивме две репортажни коли, а од Чехословачка монтажен стол.
И во наредните години подготвував серија прилози. Меѓу другото, бев во екипата која на 5 јуни 1964 го изврши првиот директен пренос преку предавателот од „Црн Врв“, како и во тимот што на 14 декември 1964 година го подготви првиот телевизиски Дневник од импровизираното студио во Долно Нерези. Тоа беа многу значајни настани во историјата на Македонската телевизија, но не и роденден. Одлука 14 декември да се прогласи за роденден на Телевизија Скопје - Македонска телевизија, ја донесува Работнички совет во 1980 година кога станува организација на здружен труд во рамките на МРТ. Не може Работничкиот совет да ја менува одлуката на Извршниот совет на државата од 1962 година за постоење на телевизија во Македонија и не може да се негираат постигањата од 1960 до 1964 година на стотина вработени во ТВС!
Настаните се редеа, историјата на овој нов медиум со години си ги испишуваше своите нови страници.  Кон крајот на 1965, јас се вратив во родното Куманово  и бев прв професионален дописник на Радио-телевизија Скопје. Во Куманово останав се до 1972 година. Многубројни се прилозите и репортажите во кои говорам за севкупниот развој на градот и на соседните општини, а врв на ваквите заложби е мојата прва книга посветена на Куманово: „Од визии,  до стварноста и нови чекори“ објавена во 1971 година, за која ја добив и Ноемвриската награда за публицистика.
Во наредната 1972 година, по барање на претпоставените, се вратив во Скопје со задача да ја формирам дописната редакција на Македонската телевизија, да го уредувам Телевизискиот дневник, и да работам врз подготовка на програмите на националностите. Истовремено иницирав и подготвував и повеќе  авторски емисии: Програма на градовите“, „Новинарски клуб  и други.
Во 1977 година за репортажата посветена на Македонците во Војводина од Здружението на новинарите на Македонија ја добив престижната награда „Крсте Мисирков“.
И во годините на државната самостојност, како искусен новинар, бев на раководни функции во телевизијата, а матичната куќа ја  напуштив во март  2002 година како помошник-генерален директор на МРТ за програмски прашања.

Во македонскиот етер, преку микрофоните во оваа документарна емисија  на Македонското радио, низ разговоров понудивме низа аргументи кои заслужуваат сериозно внимание.  Но Вие, паралелно со новинарската активност, почитуван колега Аргировски, се пројавувате и на полето на публицистиката. Објавивте 18-ина книги. Кажете ни за тематиката на некои од нив?
- Автор сум и на книгите: „Траги за иднината“ (2000 година), „Одмерување на аргументите“ (2002 година), потоа како коавтор на монографиите: „Златен јубилеј на организацијата на воени старешини“ и „50 години на општина Кисела Вода“ ( 2005 година). Во 2006 објавив книга за скопските некрополи. Објавив и пет книги со пензионерска проблематика. Првата книга има многу значајно име и се вика „Неговото височество пензионер“ (2006 година), потоа „Во виорот на третото доба“ (2007 година), „Пензионерска сага“ (2008 година), во која пишувам за се она што проживеа пензионерите во времето на транзицијата. Големо внимание предизвика и за книгата „Моето име е пензионер“ (2010 година), како и  книгата „Наши пензионерски времиња“(2012 година).  И да ви кажам искрено, јас сум единствен автор на балканските простори, кој создал пет книги со таа реална слика за социјалните проблеми на пензионерскиот живот, поради што од Европскиот институт „Хеврека“ од Љубљана сум прогласен за експерт за трета животна доба. Навистина, овие книги носат белег на едно време, за едни години што заради случувањата заслужуваат респект. Во нив пишувам за луѓето на една популација која поседува голем потенцијал, собиран и создаван низ годините, па да не кажам и децениите. Како автор на вакви дела им препорачувам на читателите дека староста доаѓа кога ќе ја изгубите радоста, кога ќе ја немате љубовта кон творештвото,  кон животот, кон се што ве опкружува, кога ќе се изгуби надежта. Тоа ќе ви се случи ако не ја почувствувате пензионерската организација во дадениот момент како многу битна за разбивање на таа монотонија, за создавање и творење и во третата животна доба - затоа некои ја викаат и златна доба.

Вашиот неуморен ангажман и во третото животно доба резултира со изборот на прв човек на пензионерската асоцијација, на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија. Накусо, кажете ги Вашите резултати и постигања и на тоа поле. Што се постигнавте во полза на пензионерите?
-На оваа тема може многу да зборуваме... Мора да се сфати една работа:  Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија  е една огромна сила од 250.000 луѓе, со разни интелектуални карактеристики, со мудрост, со искуство. А факт е дека во спојот на мудроста и искуството со младоста и енергијата е иднината на секоја земја. И само така може да имаме одлични резултати. Своевремено Сојузот беше една непозната и неафирмирана организација. Масовна, но недоволно застапена во средствата за информирање. Почувствував дека е потребно да се разбие тој информативен мрак. Во тоа успеав со создавање на „Пензионерски видици“ подлисток на весникот Нова Македонија, со „Третото доба“ емисија на Македонската телевизија, со почести настапи на Македонското радио и на речиси сите електронски медиуми... Потоа како моја иницијатива и проект е создадено бесплатното месечно гласилото „Пензионер плус“, со што Сојузот уште повеќе и се доближи на пошироката јавност. Тогаш државните органи сфатија дека оваа популација заслужува поголем респект, а особено заради тоа што пензиите стагнираа, подолг период, 20-ина години. За две години секретар и сега како претседател три години, навистина се направија европски реформи на оваа организација. Според исправната директива на Европа да соработуваме со власта за да ги решаваме проблемите, создадовме партнерски однос со Владата (со Министерството за труд, за здравство, за финансии, за економија итн.). И постигнавме доста... Така на пример, на сите наши активности, на спортските натпревари, на ревиите на песна, музика и игри, на пикник-средбите, каде доаѓаат по осум илјади луѓе - пензионерите се дружат и тоа се незаборавни моменти за нив. Се создава кај пензионерите едно задоволство, да не се чувствуваат стари, не помалку вредни заради годините, дека се важен субјект во државата и дека заслужуваат почит. Имаме 400 клубови кои неделно ги посетуваат 150.000 пензионери, каде што го читаат нашиот весник, имаат предавања од здравствена и од општествена проблематика. Сето тоа е придонес  за нивното здраво и активно стареење.
Непобитен факт е дека сме најмасовна, најактивна, најмобилна, непартиска мултиетничка непрофитна невладина организација... Не прифаќаат со респект и се договараме. Имаме меморандуми за соработка и со Синдикатот, Црвениот крст, со ЗЕЛС, а здруженијата со повеќе градоначалници во Македонија.
Битен податок за пензионерите е што од 2006 година до денес просечната пензија се зголеми за 62 отсто од 7.683 на 12.455 денари. Тоа е веќе 59% во сооднос со просечната плата. Како може да не ја поздравиме бањско-климатската рекреација. Секоја година над пет илјади и петстотини пензионери ја користат оваа привилегија и се  многу задоволни. По наше настојување државата донесе одлука сите пензионери што имаат подпросечна пензија да имаат бесплатно болничко лекување. Сто шеесет илјади пензионери го имаат тоа право сега...
Сите пензионери од минатата година имаат 50% попуст за билети за  културни настани во државата. Во Скопје и во други градови воведен е бесплатен автобуски превоз, а секој втор викенд бесплатен железнички превоз за старите луѓе и пензионерите. Пензионерите сето тоа го заслужуваат, заради својот  придонес од минатото, во градење и создавање на нашата држава и затоа треба да се има респект и од државата и од граѓаните кон нив, а особено од помладите генерации.

Разговорот го водеше Александар Ангеловски, уредник на Научно-документарна редакција на Радио Скопје                       

Страници на здруженија
 
  copyright © SZPM | изработено од Medium 3