Проширување на лепезата на лекови на рецепт на товар на ФЗОМ што ќе ги издаваат лекарите во дежурните служби
Три новини од ФЗОМ кои се однесуваат на лековите на рецепт
25.8.2014
Првата новина се однесува на лекови на рецепт пропишани од дежурен лекар
Од 1-ви септември 2014 година лекарите во дежурните лекарски служби во здравствените домови ќе можат да пропишуваат лекови на рецепт на товар на ФЗОМ уште четири лекови (антивиротици и антибиотици) и тоа со следната генерика:
- Аciclovir, таблети;
- Aciclovir, крем;
- Dexamethasone+Chloramphenicol, капки за очи;
- Ciprofloxacin, капки за око и уво.
Сега 50 генерики со различна форма, односно, 142 лекови по заштитено име, од кои 15 се нови дополнети лекови, дежурните лекари ќе можат да ги пропишуваат на рецепт на товар на ФЗОМ. Лековите се наменети за терапија за желудник, стомачни тегоби, срцеви заболувања, антивирусна терапија, антибиотици, антиревматици, лекови против болка и покачена телесна температура, седативи, лекови за респираторни заболувања и лекови за алергија.
Втората новина се однесува на организирањето на дежурни аптеки по градовите
За обезбедување на континуирана здравствена заштита за осигурените лица ноќе, сабота, недела и државни празници, приватните здравствени установи - аптеки кои имаат склучен договор со ФЗОМ договорено е да организираат дежурства.
Со новата одлука за организирањето на дежурства во аптеките од 1-ви септември 2014 година дежурствата ќе се спроведуваат на следниот начин:
- Континуирани дежурства - Скопје, Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Охрид, Струмица, Велес, Штип и Гостивар.
- Комбинирани дежурства – Струга. Континуираните дежурства во аптеките се спроведуваат во периодот од месец јуни до месец август во годината, а останатиот период од годината дежурствата се спроведуваат во аптека по телефонски повик.
- Во останатите градови/населени места во државата, дежурствата се спроведуваат по телефонски повик, односно лицето определено за дежурство во аптеката по телефонски повик издава лекови на осигурено лице во просториите на аптеката. За организираните месечни дежурства, аптеките доставуваат распоред до дежурната лекарска служба. Распоредот на держурства за тековниот месец на аптеките, се објавува на веб страницата на ФЗОМ (www.fzo.org.mk).
Третата новина е олеснување за рефундациите за лекови од Позитивната листа
За олеснување на надоместокот на средства (рефундации) за лекови од Позитивната листа купени од странство, Управниот одбор на ФЗОМ донесе и одлука за измени во Позитивната листа од формално-правен карактер со кои се обезбедува еднаков третман на осигурениците за остварување на правото на надомест на средства за купени лекови во РМ или странство. На осигурениците ќе им се надоместуваат средства за лек од Позитивната листа кој бил купен во странство, без разлика дали лекот е во промет во РМ или не. Одлуката на Управниот одбор на ФЗОМ е во постапка на добивање согласност од министерот за здравство, а ќе стапи во сила и ќе се применува по објавување во Службениот весник на РМ.
Во пракса ова ќе значи дека доколку осигуреникот купил лек кој не е регистриран во државата, а се наоѓа на позитивната листа, Фондот ќе може да му надомести средства за тој лек. Со оваа потешкотија осигурениците се соочија откога Фондот дозволи на позитивната листа да бидат сите јачини за одреден лек, а истиот лек не е регистриран во Македонија, но лекот го има во околните држави.
Овие три новини од ФЗОМ се добредојдени за сите граѓани во државата, а особено за најстарите граѓани - пензионерите.